Мартина Трајковска: „Почнав рецептите на мајка ми да ги готвам во здрава варијанта, некои торти ги правам по 3 дена“
- Детали
- петок, 11 ноември 2022
„Најкористена намирница ми е протеин за појадоци, за ненајавени гости правам полнети урми потопени во црно чоколадо, мене здравите рецепти ми се повкусни, а тестенините од хељда или леќа ми немаат разлика во вкус од обичните, но си дозволувам во помали количини и по нешто нездраво“ – вели Мартина за CRNOBELO.com, која е позната по својот Инстаграм профил за здрава храна и неодоливи рецепти, @martinas_healthy_kitchen.
Доколку сте љубители на добрата и вкусна храна, сигурно сте наишле на Инстаграм профилот @martinas_healthy_kitchen, ремек дела зад кои стои Мартина Трајковска (25).
Насмеана и позитивна личност која секојдневно изненадува со рецепти од домашната кујна, специјалитети со состојки од наше поднебје, а интересното е што е всушност стоматолог, професија која нималку не е сродна на кулинарството.
За спојот на вкусна и здрава храна, Мартина открива повеќе за CRNOBELO.com...
Како дојде до идејата за здраво готвење и од каде црпиш инспирација за твоите рецепти?
Здраво се исхранувам многу години наназад, а бидејќи имав потенцијал сакав тоа да го покажам на најблиските со тоа што направив Инстаграм страна и не верував дека до тука ќе стигнам.
Инспирацијата ми доаѓа сама по себе, рецептите на мајка ми да ги направам во здрава верзија или од ресторани кои ги посетувам, градови или едноставно Инстаграм профили.
Кој те научи како да готвиш?
Дефинитивно, мајка ми има најголема улога во тоа колку сум го засакала готвењето и гледајќи ја неа, имам научено многу рецепти и техники.
Изминативе 5 години готвам сама, бидејќи во денешно време, со помош на сите социјални мрежи, жално е човек да нема иницијатива за подготовка на храна.
Што го прави твојот Инстаграм профил атрактивен и уникатен?
Слушајќи и гледајќи што им се допаѓа на сите околу мене, можам да кажам дека тоа се преубавите, вкусни, брзи, здрави рецепти, убав опис и слика на рецептот, пресметани калории за секој оброк. Во тоа се крие мојата уникатност.
Кое ти е омилено јадење за подготовка и колку долго се занимаваш со готвење?
Активно готвам последниве 5 години. Периодов омилени ми се рецептите со тиква, особено овесот со тиква кој може да го погледнете на мојата Инстаграм страна.
Дали сметаш дека има иднина кулинарството како професија кај нас?
Секако, нашата македонска кујна е една од најубавите во светот и верувам дека има иднина за кулинарството, особено затоа што се повеќе млади луѓе се заинтересирани на оваа тема.
Најкористената намирница при готвење ти е (и зошто)...
Најкористена намирница ми е протеин. Бидејќи секое благо, ужинка или доручек во комбинација со протеин е прво превкусно, а второ здраво, се разбира.