Бојана Трајковска: „Чувам црвеноушеста водна желка - Жаклина ме релаксира, но желките носат салмонела“
- Детали
- четврток, 13 октомври 2022
„Желките се хранат двапати на ден дури се мали, па еднаш на ден кога ќе потпораснат и потоа на неколку дена затоа што не смеат да се здебелат многу. Оклопот не им расте како што накачуваат тежина што значи дебела желка всушност е згмечена и натутката сама во својот оклоп што носи до здравствени проблеми...“, Бојана Трајковска (31) од Скопје за CRNOBELO.com.
Бојана Трајковска (31) од Скопје, која работи како специјалист за корисничка поддршка, има домашен миленик црвеноушеста водна желка.
Со нејзиниот свршеник чуваат кутре и желче и велат дека се пресреќни со нив, бидејќи се директна спротивност, па секој ден им е исполнет со смеа поради некоја нивна палавштина.
Велат дека кутрето Чедомир е свилен принц што палави, а желката Жаклина е силна независна женка какви што сите жени треба да бидат.
За тоа како се одлучиле за црвеноушеста водна желка како миленик, Бојана споделува за CRNOBELO.com:
Како се одлучи да чуваш црвеноушеста водна желка како домашен миленик? Колку време ја чуваш?
Како што спомнав претходно имаме вдомено и чуваме кутре. Бидејќи тој не е љубител на делење на неговото царство со други животники, а ние сакавме да имаме уште едно милениче почнав да пребарувам што е најпогодно за нас.
Меѓу другото при истражувањето открив многу интересни информации за желките и сфатив дека на овие простори генерално не се чувани како што треба и дека во светот самата продажба и пренос на желки е нивно измачување. Има дури и места каде се продаваат во затворени кесички со малку вода или пак им ги бојат оклопитe, генерално не е вид на домашно милениче на којшто човештвото е навикнато да обрнува внимание.
И поради тие ужасни факти одлучивме да земеме една како би ја спасиле од потенцијалните маки или би ѝ ги скратиле тие коишто веќе ги доживува.
Жаклинчето го имаме скоро 8-9 месеци, а би требало да е скоро година дена стара.
Какви услови се потребни за да чуваш црвеноушеста водна желка? Какви навики имаат, кога спијат, како им изгледа секојдневието?
Наспроти сите информации што досега сме ги имале, а и повеќето пет шопови ги промовираат (како малите пластични садови со палма во средина на пример или стаклени кугли од најмногу 3 литри вода), водните желки бараат многу работи.
Значи стандардното „ќе земеме желче лесно се чува“ што до пред некое време беше стандард воопшто не е правилно.
Црвеноушестите водни желки за почеток треба да имаат аквариум. Водата во него треба да биде 3 литра по сантиметар од дијаметрот на нивниот оклоп. Значи ако дијаметарот на оклопот е 10 сантиметра треба да има 30 литри вода.
Бидејќи растат до кај 30-тина сантиметри, а живеат долго време на крај ќе треба да се стигне до огромен аквариум што не секој може да го одржува. Температурата на водата треба да е до кај 25-27/8 степена, што значи треба и греач.
Потоа им треба сосема суво и лесно достапно место на кое ќе се сончаат, бидејќи не можат да ја регулираат својата телесна температура, а и мора да се сушат. Веднаш над сувата платформа треба да има УВБ лампа и грејна светилка за да прима Д3 витамин, кој им помага да бидат здрави и силни и им треба за правилен раст на оклопот.
Исто така желките прилично брзо валкаат, така што за поретко мануелно чистење треба да имаат и јак филтер.
Ако влегуваме во детали би требало да се мерат и PH вредности на водата и амониум. А и треба да се внимава што предмети има во аквариумот - не смеат да бидат во големина која желката може да ја изеде бидејќи најверојатно ќе ги изеде и потоа ќе имаме проблем. Значи поголемки од нивната устичка за секој случај.
Исто така при промена на вода треба со мека четкичка за заби нежно да им се исчисти оклопот.
Во однос на секојдневието Жаклина е струја. Во аквариумот има две пластични дрвца камчиња за да се пентари, две три шупливи коцки за криење и едно залепено огледалце за барбики од надворешна страна бидејќи е голем фан на набљудување сè и сешто.
Во принцип си преуредува по дома, си плута, лови сенки на муви и муви ако ѝ слетаат во аквариум, се гледа во огледалото, нè гледа и суди со поглед, си игра маневрирајќи низ водата, доаѓа да се чешка (имаат нерви на оклопот и уживаат во чешкање).
Многу се поактивни од што досега сме имале знаење. Спие на најсмешни начини буквално како човек, распослан во дневна на слободен ден.
Како ѝ изгледа живеалиштето?
Како што споменав горе има свој аквариум, исполнет со интересни предмети со околу 20-тина литри бидејќи е мала.
Моментално го одржуваме мануелно значи на недела дена (ако извалкала многу, тогаш на пократок период, ако не тогаш може и на подолг период) буквално ја вадиме водата две третини, па потоа Жаки оди во пластичен сад, па се вадат сите камчиња и предмети.
Предметите се мијат, вријат и остават да се исушат. Потоа се чисти стаклото од аквариумот. Па, потоа целиот процес обратно.
Користиме купечка вода бидејќи кога ја вриевме обичната вода од чешма беше премногу хлорирана. Буквално беше бела и покрај вриењето. Процесот не може да биде сосема избегнат, но со појак филтер и шмукалки за прочистување на вода мислам дека се олеснува работата и не мора да е чистењето толку често.
Моментално нас ни недостига шмукалка за вода, па затоа изгледа малку напорно.
Со што се храни? Пие ли вода?
Се хранат двапати на ден дури се мали, па еднаш на ден кога ќе потпораснат и потоа на неколку дена (не смеат да се здебелат многу, бидејќи оклопот не им расте како што накачуваат тежина што значи дебела желка всушност е згмечена и натуткана сама во својот оклоп што носи до здравствени проблеми).
Се хранат со купечки ракчиња, смоки и често и даваме овошје или зеленчук кои ги обожава. Реално некогаш ако ѝ слета мува во аквариумот јаде и тоа, меѓутоа искрено не знам дали треба бидејќи ретко се случува.
Жаклина пример ни јаде од рака т.е ѝ ја доближуваме храната со рака, а таа си ја зема. Вода пијат од аквариумот така што чистењето на аквариумот е круцијално за да не се разболат од сопствените бактерии при пиење.
Си имала ли некој немил настан со неа?
Жаклина е ултра супер кул женска. Не сме имале немил настан со неа освен што чат-пат заборава кога ѝ се приближуваме за чешкање, а кога за храна и знае да грицне. Што е слатко дури е мала, ама кога ќе порасне може да пушти и крв.