Марија Прличкова за паничните напади и анксиозноста: „Често го замислувам најцрното сценарио на работите, но сопругот ме смирува“
- Детали
- вторник, 27 септември 2022
„Јас низ целиот живот, практично уште од дете, доживував различни симптоми, од препотување до гушење во градите, губев концентрација и фокус, а честопати се соочував и со селективна немост кога се чувствуваш како да си го изгубил гласот и не можеш да проговориш...“, ја почнува својата приказна за CRNOBELO.com Марија Прличкова-Нешовска (28), правнука на Петре Прличков и внука на Игор Џамбазов.
Марија Прличкова-Нешовска (28) е студент по психологија, блогер и писателка од Скопје, која неодамна стапи во брак со својот сакан Емил.
Таа вели дека токму тој ѝ е најголемата поддршка во справување со паничните напади и анксиозноста.
Како е да се живее со анксиозност и како се справува со паничните напади, Марија споделува за CRNOBELO.com...
Какви симптоми имаше? Кога сфати дека нешто не е во ред?
Јас низ целиот живот, практично уште од дете, доживував различни симптоми, од препотување до гушење во градите, губев концентрација и фокус, а честопати се соочував и со селективна немост кога се чувствуваш како да си го изгубил гласот и не можеш да проговориш, па одбираш да премолчиш.
Ова најчесто се случуваше во училиште и на факултет, па наместо да прашам што не ми е јасно, јас за да не посрамотам пред класот, премолчував.
Отсекогаш знаев дека нешто не е во ред со мене, но не знаев што е, мислев дека само сум екстремно срамежлива.
Кога ти се случи првиот паничен напад?
Првиот сериозен паничен напад ми се случи во прва средно, кога морав да полагам математика.
Сабајлето не јадев ништо за да стигнам на време, како се ближеше моментот за полагање, така стресот и нервозата растеа во мене. Тоа беше првпат да имам единица на крајот на годината, бидејќи отсекогаш сум била солиден ученик.
Прво ме облеа ладна пот, а потоа почна да ми се лоши, буквално не можев да ги гледам луѓето околу мене. Професорката ме виде дека сум пребледена и повика други професори. Но додека ме носеа кон професорскиот кабинет, сум се онесвестила.
Повикаа брза помош и тогаш медицинските сестри ми објаснија дека ова се случило од преголем стрес и паника од исходот.
Дали официјално се поставува дијагноза анксиозност и панични напади? Се консултираш ли со доктор?
Мојот сопруг Емил уште на почетокот на врската сфати дека нешто не е во ред со мене. Низ разговор дојдовме до заклучок дека имам анксиозност и панични напади, бидејќи и самиот тој се справува со нив.
Сè уште не сум се консултирала со доктор, имам чувство дека Емил е мојот личен психолог и психијатар.
Некако низ годиниве научив како да се соочам со нив, па веќе две години немам панични напади.
Што значи да се живее со ваква состојба? Што е поинаку во секојдневието?
За жал, сфатив дека живеам со оваа состојба пред 7 години, инаку мислев дека мојот начин на живот е сосема нормален и воопшто не се разликува од на другите околу мене.
Сепак, ние сме ограничени ментално во многу нешта, па ни треба време додека да се ослободиме, особено во нови средини. Се потиснуваме во себе, не се искажуваме целосно, цело време гледаме да не ги повредиме другите, но на крајот ние секогаш завршуваме повредени.
Често знаат да нè обземат црни, негативни мисли, каде го замислуваме најцрното сценарио.
Имаме превисоко ниво на емпатија, а често имаме и разни ирационални стравови, а не сфаќаме дека најлошото нешто никогаш не можеш да го предвидиш и секогаш ќе те дочека неподготвен.
Да можевме да предвидиме, ќе ги спасевме сите драги луѓе од разни несреќи. Инаку имам социјална и генерализирана анксиозност, но првата преовладува кај мене, бидејќи скоро секогаш моите симптоми се поврзани со другите луѓе.
Колку поддршката од најблиските ти помага?
Без неа, не би била јас. Најпрво од сопругот, потоа од моите родители и брат. Тука се и најблиските пријатели.
Кога сум со Емил, се чувствувам бестрашна, мислам дека никој ништо не ми може и секоја препрека станува минато.
Единствено само со него сум целосната јас, додека со мајка ми и пријателите сè уште се опуштам.