Марија Прличкова за паничните напади и анксиозноста: „Често го замислувам најцрното сценарио на работите, но сопругот ме смирува“
Колку ова ти влијае на квалитетот на живот?
Многу. Постојат моменти кога буквално ме кочи во уживањето на моментот. Ме блокира.
Постојано водам битка со самата себе, понекогаш се чувствувам како Новак Ѓоковиќ додека игра со противниците. Некогаш добива таа, но најчесто ја победувам јас.
Колку често ти се случуваат паничните напади и кој е тригерот?
Па, веќе две години немам панични напади. Овие кои се помали, не ги сметам веќе за такви.
Кога ќе се соочиш со најлошото гушење и мислиш дека секој момент ќе умреш, веќе сè станува минливо.
Најчест тригер се јавните места и огромен стрес, кога сум опколена со многу луѓе околу мене и мислам дека ќе се онесвестам на лице место, иако тоа последен пат ми се случи пред 7 години кога паднав буквално среде улица.
Што правиш во моментот на паничен напад? Како се справуваш?
За малку ќе се онесвестев на врвот на Ајфеловата кула во Париз додека чекавме во ред за последниот кат.
Тогаш како бумеранг ме удри сето она со кое со години се борев, агрофобијата односно страв од јавни места. И додека се држев за шипките од страна, сфатив дека ова се случува сега и кој знае кога пак.
Почнувам да си држам монолог во себе како морам да уживам во моментот, како да му зборував на друг човек како да се справи со нападот кој само што не започнал.
Вдишав-издишав, му кажав на Емил дека ми е лошо и дека секој момент можам да паднам, но му ветив дека ќе успеам. И успеав.
Дали другите забележуваат кога имаш паничен напад?
Забележуваат тек тогаш кога нападот сериозно ќе си фати замав, односно кога ќе почнам неконтролирано да плачам.
Тогаш не плачам бидејќи се гушам, туку затоа што го сметам за личен неуспех, се чувствувам како да се враќам на нула, губам самодоверба и сум лута сама на себе.
Додека, пак, порано плачев бидејќи се гушев и мислев дека ќе умрам, но сега веќе добро ги познавам своите симптоми и гледам што е можно поскоро да се смирам и да го пребродам.
Влијаат ли стресните настани на појава на одредени симптоми?
Секако, кај мене е главен тригер стресот. Поради него се соочив и со „брнаут“ (ментално прегорување) и воспаление на слепо црево.
Понекогаш нашето тело не може да го издржи сиот товар што ни се става на плеќите и попушта, кај мене изби прво ментално, а потоа и физички.
Каква терапија практикуваш?
Лекарства не примам, практикувам посмирен начин на живот. Слушам музика, многу играм, се трудам да се хранам здраво и не консумирам многу шеќер.
Кога и да почувствувам потреба да бидам сама, си земам време само за себе. Често патувам со сопругот или со мајка ми, а тоа многу ме опушта.
Исто така практикувам и аеробик, кој не само што помага за подобра форма, туку и за мозокот е одлична алатка.