Афродита Силјаноска (16) балерина која нѐ претставуваше на Светско: „Во балетот болката е неизбежна, но не ни помислувам на друга професија“
- Детали
- недела, 10 јули 2022
„Стапалата се болни, натечени и разранети после секој настап па и тренинг. Болката е неизбежна и најчесто практикувам масажа и купки на стапалата. Во школата во Загреб имам часови 6 дена во неделата, а сонувам еден ден да станам успешна балерина“ – вели во интервју за CRNOBELO.com Афродита Силјаноска (16) од Скопје, која неодамна ја претставуваше Македонија на Светското првенство за танц во Шпанија.
Афродита Силјаноска од Скопје има само 16 години, а неодамна учествуваше на Светското првенство во танц во Шпанија каде меѓу 5.000 кореографии од целиот свет таа имаше можност да ја претставува Македонија.
Додека голем број мали девојчиња од мали нозе се креваат на прсти и сакаат да бидат балерини, Афродита веќе 8 години напорно работи за да го оствари својот сон.
Иако е мошне млада таа е целосно посветена на тоа еден ден да стане успешна балерина, а годинава заврши прва година во средната школа за Класичен балет во Загреб.
Во разговор за CRNOBELO.com Афродита открива како кај неа се родила љубовта кон балетот како уметност, но и со кои предизвици се соочува додека вложува максимални напори да го оствари својот животен сон.
Од колку години почна да се занимаваш со балет и како се роди таа љубов кон балетот како уметност?
Како малечка се восхитував на децата учесници на детскиот фестивал „Поточиња“.
Неколку години учествував во истиот и како солист, но тогаш забележав дека мене повеќе ми се допаѓаат часовите по танц и тоа повеќе ме привлекува и воедно уживав додека танцувам.
Во 3-то одделение почнав да одам на часови по класичен балет во Арт балет- Скопје, а по препорака од наставничките од Арт балет се запишав во нижо балетско школо Илија Николовски-Луј во 4 одделение.
Таму го завршив основното балетско школо.
Колку пати неделно имаш проба и колку часа дневно вежбање ти се потребни?
Моментално во школата во Загреб имам часови 6 дена во неделата, а во летните денови се фокусирам на одржување на физичката активност и се подготвувам за новата школска година.
До каква исхрана треба да се придржува една балерина со цел да остане во топ форма и кои се неопходните подготовки што мора да ги направиш пред танцување?
Околу исхраната најважно е секој да си го пронајде индивидуалниот баланс и тоа е долг процес на експериментирање и учење.
Најважно пред секој час или настап е добар сон, психичка спремност, мотивација, вежби за растегнување.
Вистина ли е дека по настапите најчесто балерините се соочуваат со болни стапала и како се справуваш ти со тоа?
Точно е тоа дека стапалата се болни, натечени и разранети после секој настап па и тренинг.
Лично јас секогаш кога вежбам или настапувам се трудам максимално да ги заштитам стапалата со соодветнни помагала, но болката е неизбежна и најчесто практикувам масажа и купки на стапалата.
Дали понекогаш си помислувала да се откажеш од балетот и да почнеш да се занимаваш со нешто друго? Каде се гледаш себе си за 10-тина години?
Од првиот ден кога почнав да вежбам балет знаев дека тоа го сакам и навистина во нити еден момент досега не сум имала втора опција на професија-хоби што сум го сакала.
За 10 години себе се гледам како успешна балерина.
Кажи ни нешто повеќе за Светското првенство во танц во Шпанија каде настапи на почетокот на месецов?
Почетокот на оваа година со моето семејство се преселивме во Хрватска, така што бев спречена да ги посетувам часовите во Арт балет, со нив продолжив да работам онлајн.
Во март заедно со останатиот тим од Арт балет бевме на квалификациски натпревар во Пожега.
По успешното квалификување на светскиот танцов куп, продолжив интензивно да се припремам онлајн со мојата наставничка Бојана Богичевиќ и сопственичката на Арт балет-Тамара Ѓурчиновска.
Таму настапив со три кореографии (класичен балет, лирикал, неокласикал). На првенството во Сан Себастиан имаше над 5.000 кореографии од целиот свет, тоа беше едно прекрасно искуство и задоволство да се претставува својата земја меѓу огромната конкуренција на преквалификувани натпреварувачи.
Каде на други места си настапувала до сега?
До сега сум учествувала на многу интернационални натпревари на различни места (Австрија,Чешка, Романија, Хрватска, Словенија, Бугарија) и локални настани и настапи.
Дали имаш трема пред настапите и како се соочуваш со неа?
Тремата е секогаш присутна, но кога излегувам на сцена заборавам на се и уживам во настапот.
Која е сцената на која еден ден сонуваш да настапуваш?
Секогаш сум сонувала за големите и познати сцени, но моментално не сум сигурна во која насока ќе се движи моето школување и напредување.
За крај само би додала едно огромно БЛАГОДАРАМ на сите што веруваат и ме поддржуваат, но посебно сум благодарна за несебичната поддршка, напорна работа, огромна помош и истрајност од тимот на Арт балет-Тамара Ѓурчиновска, Бојана Богичевиќ, Ивана Дамјановска-без нив немаше да успеам.