Ана Брзанова се избори со ракот: „На 18-тиот роденден и матурата носев перика и бев анорексична, но на 21 го живеам својот сон“
Што ти падна најтешко во текот на целиот процес?
Најтешко ми беше борбата со хемотерапијата, да се борам против тоа зло, и да се борам за наредното утре. Дополнително во сето тоа, тешко ми беше да се соочам со тоа што пријателите што мислев дека се вистински сепак не биле.
Тешко беше што бев во најубавите години, па својот 18-ти роденден како и матурата ги прославив со перика и анорексична. Тешко ми беше да го немам социјалниот живот, и излегувањата и прошетките, а дополнително ми отежна што не одев на училиште и се разделив од мојот клас преку ноќ.
Секој ги води животните битки на свој начин, како ја водеше ти твојата? Која работа ти беше издувен вентил и ти даваше енергија да го издржиш процесот?
Кај мене немаше простор за некаква активност која би била издувен вентил, едноставно негативните ефекти од терапијата преовладуваа, и бев легната во кревет со месеци, па единствено се борев за сите непроживеани моменти кои ме очекуваат и се борев за моите родители кои беа во секој можен момент покрај мене.
Најдобриот совет што ти го дадоа за процесот на лекувањето е…
Нема таков, јас не го добив, но затоа можам од своето искуство да го пренесам на останатите кои се борат или имаат близок кој се бори. Никогаш не се откажувајте! Верувајте во себе, бидејќи сите можеме само доколку сме посветени на тоа. Главата горе и бидете стабилни психички, тоа само ќе ве одржува силни во цел период.
Како викаат, сè се може ако се сака. Затоа никогаш не се откажувајте колку и да се тешки тие моменти, и сетете се дека секогаш после дождот доаѓа сонце.
Сметаш ли дека болеста те направи посилна?
Дефинитивно. Созреав и пораснав многу порано, затоа што животот ме соочи со овие предизвици предвреме. Тоа беше најголемата лекција, која ме изгради во личноста што сум денес.
Направи ли промени во исхраната? Како изгледа твоето дневно мени?
Во моменти на примање на терапија имав забрана за користење на шеќери, бидејќи ракот се храни со гликозата. Моментално сум на диета бидејќи претерав со калориите кога во рок од 4 месеци бев на два натпревари во Турција и нормално не можев да одолеам на баклавата.
Немам посебна исхрана, а моменталното дневно мени е одредено од мојот персонален тренер.
Што друго промени во начинот на живот?
Сфаќањата со еден збор кажано. Сфатив дека не секој е тука да пружи рака кога треба, туку да зема само кога нему му треба. Сфатив дека не треба да трошиме енергија на работи и луѓе кои не вредат.
Сфатив дека не знаеме што нè очекува утре. Треба денес да го направиме она што го сакаме и тоа што нè исполнува, да ја зграбиме секоја можност и да ја искористиме. На тој начин и толку амбициозно во краток рок се појавив на бројни меѓународни сцени додека сè уште сум студент и сум фокусирана на завршување на моите студии.
Колку ти се смени погледот на светот и на работите од секојдневието? Дали навистина луѓето не ги ценат малите работи од секојдневието?
Скоро, па никој. Не се ценат ситниците, не се ценат ни големите и искрени вредности.
Фокусот е на многу погрешно место ставен. Општеството е во тотално погрешен правец, но сè уште имам надеж дека ќе дојде свеста кај луѓето.
Порака до сите што во моментот минуваат низ истото…
Верувајте во себе! И борете се за ново утре, за сите убавини и моменти кои следат! Никогаш ама никогаш не се откажувајте, вреди да се бориме, бидејќи животот е еден.
И пак ќе се навратам на погоре кажаното, после дождот секогаш доаѓа сонце.