Интервју со Емили, Кенијка мажена во Прилеп: „Кога ми студи пијам топла ракија и не можам да живеам без јамболија“
- Детали
- недела, 08 август 2021
„Во Кенија нема зима, а снег имав видено само на телевизија, па може само да замислите колку ми беше ладно. Но, благодарна сум на мојот свекор кој ме научи како да ги преживеам македонските зими. Секој ден во две чашки ракија, и тоа топла ракија наутро и уште една навечер… и секогаш да имам јамболија … Фала ти господе за јамболиите … на почетокот ми беше многу стресно и неудобно бидејќи многу ме боцкаше, но со идејата дека тоа ќе ме спаси од студот се навикнав и сега не можам да живеам без мојата јамболија.“, раскажува Емили Анјанго Аума, родена во Најроби, Кенија.
Емили Анјанго Аума, родена во Најроби, Кенија, својата топла татковина ја замени со Прилеп, каде живее со својот сопруг и ќерката. 36-годишната Емили ни открива дека во Прилеп прв пат видела снег, а свекорот ја научил да пие ракија кога ѝ студи и да се покрива со јамболија.
За CRNOBELO.com таа открива дека на почетокот животот во Прилеп ѝ бил тежок бидејќи не го знаела јазикот, но по пет години, веќе зборува македонски, прави ајвар и бере тутун. Ја обожава македонската кујна, а најчудно ѝ е кога прилепчани ја прашуваат дали во Африка се спие на дрвја и дали имаат облека.
Нејзината ќерка е мал полиглот и веќе зборува и македонски и англиски и мајчиниот јазик свахили од Кенија. Инаку, Емили вели дека Скопје ја потсетува на родниот град Најроби, а омилено место во Македонија ѝ е Свети Наум.
Емили открива за CRNOBELO.com:
Што те донесе во Македонија и колку долго живееш во Прилеп?
Живеам во Македонија бидејќи сум мажена за Македонец, но главната причина е мојата ќерка бидејќи сакам таа да ги знае своите македонски корени и да ги научи традициите од Македонија.
Веќе пет години живеам во Македонија, но често одев да го посетам моето семејство во Кенија. Таму седевме по три месеци, бидејќи ќерка ми оди на училиште и не можевме подолго. Среќна сум што ја посетив Кенија и се вратив дома во Прилеп во истиот месец кога почна светската пандемија.
Кои се предизвиците во бракот со сопруг од друга култура?
Зборувајќи за мојот брак со Македонец, ќе зборувам во име на сите интернационални бракови. Најискрено, тоа е голем предизвик кој бара многу разбирање и трпение, и тоа од двете страни.
Бракот со партнер од различна култура е голем предизвик и мачење ако едниот партнер ги следи само своите верувања и традиции, без да ги земе во предвид вредностите и обичаите на сопружникот кој бил роден и израснат во сосема различна култура.
За мене, интернационалниот брак, е голем предизвик бидејќи ме порасна мојата баба, која е многу силна жена, и ме научи секогаш да го кажувам своето мислење без оглед на околностите, но исто така ме научи секогаш да земам предвид дека не сите сме пораснати на ист начин, без оглед на бојата на кожата и на кој крај од светот. Баба ми ме научи да не очекувам ништо од никого без разлика во кој дел од светот и во кое време, а тоа многу ми помогна во работењето со колеги од различни нации, култури и традиции.
Но, да бидам искрена, бракот не е постела од рози ни за сопружници од иста земја и култура, со исти верувања и традиции. На крајот, добриот брак се сведува на комуникација, почит, доверба и многу, многу љубов. Љубовта секогаш победува, ако е вистинска љубов и ако и двајцата се подготвени да се борат еден за друг.
Од топлата Кенија дојде во Прилеп кој знае да биде многу студен во зимските месеци. Како се навикна на зимите?
Најголемиот проблем во навикнувањето на животот во Македонија ми беа зимите. Во Кенија нема зима, а снег имав видено само на телевизија, па може само да замислите колку ми беше студено. Но, благодарна сум на мојот свекор кој ме научи како да ги преживеам македонските зими. Секој ден во две чашки ракија, и тоа топла ракија наутро и уште една навечер… И секогаш да имам јамболија… Фала ти господе за јамболиите!
На почетокот ми беше многу стресно и неудобно бидејќи многу ме боцкаше, но со идејата дека тоа ќе ме спаси од студот се навикнав и сега не можам да живеам без мојата јамболија.
Како е да се биде мајка во земја која не е твоја татковина?
Како мајка на почетокот ми беше навистина тешко, бидејќи останав трудна во Катар, каде го запознав сопругот, а се породив во Кенија. Кога мојата ќерка имаше три години се преселивме во Прилеп.
Беше предизвикувачки, но децата учат брзо и лесно се адаптираат, па таа веќе зборува македонски, англиски и германски и мојот мајчин јазик, свахили.
На почетокот таа зборуваше само германски и македонски, па морав да се поттурнам себеси и да научам македонски со неа. Сега можам да читам и пишувам, но имам тешкотии со граматиката, но барем разбирам и можам да комуницирам.
Што ти се допаѓа од македонската кујна и дали готвиш?
Веќе имам научено некои македонски традиции, научив да правам ајвар, кој ми е омилено јадење, а исто така научив и да берам тутун.
Пробав да готвам некои македонски јадења, но ќерка ми рече да се држам до моите африкански специјалитети, бидејќи никогаш нема да готвам вкусно како Македонките и како дедо ѝ, мојот свекор.
Јас ја обожавам македонската храна, и тоа сè, од бурек до грав и сарма, и секое јадење што е зготвено од македонските жени јас сум подготвена да го консумирам.