Симона Маџарова се избори со ракот на 28 години: „Мојата помала сестра ми беше најголемата поддршка“
Зошто медицинските лица од онкологија се луѓе со срце планина?
Лиле и Јована се жени лавици, они беа сестрите кои ни даваа хемотерапија, во секој момент насмеани и позитивни, секогаш со храброст во нив. Докторките Емилија и Марина во секое време достапни за сè беа и секогаш насмеани ме примаа кај нив.
Како помина со зрачењето? Тежок ли е овој дел од лекувањето?
Зрачењето за мене не беше тешко. Тоа беа 5 минути само, секој ден освен викенд. Бев само ограничена да не излегувам на сонце, бидејќи беше лето и морав да се пазам. Па, си излегував после зајдисонце.
На зрачење одев како да одам до маркет само, значи што побрзо да завршам и да си одам. Не се фокусирав на болницата, на раните од операцијата, на енергијата во болницата која знае да те уништи сосема, само со моја позитивна мисла одев, завршував и си заминував дома.
Што ти падна најтешко во текот на целиот процес?
Најтешко ми беше како ќе кажам на мајка ми и татко ми, како они ќе се носат со цел тој процес што знаевме дека следува, знаевме дека ќе биде тешко, но никој не мисли дека тоа баш на неговите деца ќе му се случи.
Сестра ми знаеше од првиот момент и само знаеше дека ќе биде долг процес со дада и мора да биде најсилна до сега. Она ми беше личен шофер и обезбедување каде и да одевме, и уште ми е. Она ми е најдобра другарка, иако е помала има сила цел свет на грб да го носи, цврста земја под нозе ми е. Сè што треба за дада.
Потоа со разговарање со моите, со план и со верба едни во други на крај успеавме. Они не потклекнале никогаш, па така нè растеа и мене и сестра ми, секогаш силни и напред да гледаме. Тие ме гледаа од ден на ден дека имам сила и дека не легнував, не ми беше лошо, немав нус ефекти од терапијата и од ден на ден беа сè посреќни со мене. А јас кога ги гледав нив дека имаат сила и верба во мене уште повеќе знаев дека ќе успеам. Тоа е синџир кој никој не смее да го прекине.
Секој ги води животните битки на свој начин, како ја водеше ти твојата? Која работа ти беше издувен вентил и ти даваше енергија да го издржиш процесот?
Мојата битка ја водев со верба во мене и моите. Едноставно верував и не се плашев за ништо што ми претстои, имав замисла и слика во мене дека излечена ќе седам со сите луѓе што ги сакам и ме сакаат и само сакав што побрзо тоа да се случи.
Издувен вентил ми беше пешачењето по ридовите со моето куче Баронче. Со часови одевме, па одморавме и пак продолжувавме. Слушав музика на цел глас, играв, се смеев и живеев во полн здив. Така и сакам да продолжам, насмеана и силна, опкружена само со искрена љубов. Тоа ме полнеше со енергија, а и секој би го полнело.