Едвина е Филипинка мажена во Велес: „Обожавам сарма и ја сакам љубезноста на Македонците“
- Детали
- недела, 25 јули 2021
Едвина Јанга Гочев е 37-годишна Филипинка која љубовта ја донесе во македонскиот град Велес, каде живее со својот сопруг Митко и двете деца, Адријана и Матео.
Eдвина ни открива дека омилено јадење и е македонската сарма, а обожава да подготвува баклава и трилече. Ја сака македонската природа, а омилен град и е нејзиниот Велес. Признава дека од Филипините ѝ недостига храната, а полека го учи македонскиот јазик.
За животот во Велес Едвина споделува за CRNOBELO.com:
Каде го запозна твојот сопруг и дали беше тешко да се донесе одлуката да живееш во мал град во Македонија?
Со сопругот се запознав на брод каде што двајцата работевме, јас како крупие во казино, а тој во гифт-шоп. Се венчавме на Филипините, и потоа работевме уште еден договор заедно додека јас не останав бремена на брод.
Јас се вратив дома на Филипините, додека мојот сопруг средуваше документи за јас да можам да дојдам и живеам во Македонија. Веќе четири години живеам во Велес.
Каков е животот во Велес како странец и мајка на две мали деца?
Јас имам лесен и едноставен живот во Велес. Не ми е потребно да возам за да стигнам до продавници, аптеки, амбуланта или болница, паркови и ресторани. Како мајка на две деца ова многу ми помага. Секаде можам да стигнам сама и ги земам моите дечиња со мене.
Што најмногу ти се допаѓа во Македонија?
Ми се допаѓа воздухот, многу е поразличен од Филипините, а и од другите земји кои сум ги посетила. Ми се допаѓаат езерата, планините, природата и реките со бистра и ладна вода.
Што не ти се допаѓа во Македонија?
Не ми допаѓа тоа што не може да се најде добро платена работа.
Дали го научи јазикот и дали имаше проблеми да комуницираш со Македонците?
Тешко ми е да го научам македонскиот јазик бидејќи ми зборуваат англиски, вклучувајќи ја и мојата свекрва. Но, сепак успеав да научам основен македонски јазик.
Која е најголемата тешкотија со која се соочуваш како мајка и странкиња во Македонија?
Најтешко ми е што немам работа и кариера. Долги години сум невработена. Како млада мајка со мали деца ми беше во ред бидејќи целосно им бев посветена на нив, но сега тие се пораснати и сакам и ми треба работа. Тоа што не можам да најдам работа ме растажува, бидејќи сакам да работам, а не само да седам дома.
Дали е тешко да ги растеш децата во земја која не е твоја матична земја?
Не ми е тешко да ги растам моите деца во земја во која не сум родена. Ми се допаѓа македонската култура и храна, и повеќето Македонци се добродушни и љубезни луѓе. Немам никакви проблеми моите деца да растат тука.
Како те прифатија велешаните?
Локалното население одлично ме прифати и секогаш се многу гостопримливи и љубезни спрема мене. Мислам дека добродушноста, гостопримливоста и љубезноста се основните одлики на македонскиот народ.
Што ти се допаѓа од нашата кујна и што научи да готвиш?
Сармата е моето омилено македонско јадење бидејќи е превкусна. Обожавам да готвам македонски десерти како баклава, трилече и раванија.
Дали тешко се навикна на животот во Македонија?
Филипинците се ориентирани кон семејството и прилично религиозни со почит кон уметноста, модата, музиката и храната, па затоа иако доаѓам од земја која е далеку од Македонија, јас успеав да се адаптирам.