Лука (17) од Скопје поместува граници: „Мојата прва играчка била авионче, а сега чекорам по патот да станам комерцијален пилот“

Соништата се оние кои секој од нас стреми да ги исполни, без разлика на нивната величина.

Mojata-prva-igrachka-bila-avionche-a-sega-chekoram-po-patot-da-stanam-komercijalen-pilot-Luka-Tumanov-17-godishen-srednoshkolec-koj-so-svojata-neizmerna-ljubov-kon-avijacijata-pomestuva-granici 01 630x330.jpg

Како деца, повеќето од нас сонувале да станат доктори, адвокати, пожарникари, но како што растеме најчесто нашите амбиции скршнуваат и го менуваат својот правец.

Но, не и амбициите на младиот Лука Туманов, чија желба да стане пилот полека, но сигурно се вивнува во височините.

Лука Туманов е 17-годишен средношколец, од гимназијата „Никола Карев“, чија љубов кон авијацијата навистина ги поместува сите граници.

Во продолжение, за CRNOBELO.com тој одговара на интересни прашања во врска со почетоците и неговите идни планови поврзани со летањето:

Како 16-годишен средношколец, твојата аспирација за успех е навистина несекојдневна, а притоа и воодушевувачка. Раскажи ни нешто повеќе за твоето детство. Од каде проникна љубовта кон височините, односно летањето?!

Мојата љубов кон авијацијата се роди уште кога бев мал. Една од првите играчки ми била авионче, со тоа и меѓу првите зборови – „авион“.

Не се сеќавам на времето кога сакав да сум нешто друго, едноставно од мал бев сигурен - ќе станам пилот. Уживав да ги гледам авионите кога летаа, воопшто немав страв од летање.

Mojata-prva-igrachka-bila-avionche-a-sega-chekoram-po-patot-da-stanam-komercijalen-pilot-Luka-Tumanov-17-godishen-srednoshkolec-koj-so-svojata-neizmerna-ljubov-kon-avijacijata-pomestuva-granici 02 630x380.jpg

Опиши го накратко твоето прво летање. Што чувствуваше?!

Моето прво летање со комерцијален авион беше со компанијата МАТ во 2007 година до Турција со Боинг 737.

По кажувањата на моите родители не сум бил исплашен и сум бил возбуден додека сме летале, непрекинато сум го прашувал татко ми за деталите во авионот и принципите на летањето.

Со мал авион првпат летав во септември 2019 на Аероклубот Скопје. Тоа беше едно магично искуство кое не можам доволно да го опишам со зборови.

Кога полетувавме и го видов од близу одвојувањето од земјата и ги осетив тие сили кои нѐ креваа нагоре, јас бев сигурен дека тоа е тоа што сакам да го правам во животот.

Бидејќи, сепак станува збор за управување со воздушно летало, кои услови ги исполнуваш - со оглед на фактот дека си сѐ уште малолетен и кои привилегии ќе ги уживаш откако ќе наполниш 18 години?!

Да, поради фактот дека сум малолетен, секако не смеам да летам сам.

Чекам да дојде тој момент кога ќе можам да се запишам на официјалната обука за приватни пилоти, се надевам за брзо. Подготвен сум за тоа, навистина учам и читам книги, дури повеќе од што учам за на училиште.

Кога ќе наполнам 18 години ќе уживам во привилегиите на пилотската дозвола и ќе летам со моите пријатели низ нашата земја.

Како реагираа родителите и твоите најблиски кога им соопшти дека твојата најголема желба е еден ден да станеш пилот? Дали постоеа сомнежи помеѓу реалноста и детскиот каприц кој посекако е присутен во раните години?

Моите не очекуваа нешто друго од мене, знаат дека сакам да завршам машински факултет и да станам комерцијален пилот во авиокомпанија, ме поддржуваат во тоа и ме бодрат кон успеси. Сомнежи можеби постојат, но јас не сум ги почувствувал бидејќи не сакам да се преоптеретувам со барање на негатива.

Mojata-prva-igrachka-bila-avionche-a-sega-chekoram-po-patot-da-stanam-komercijalen-pilot-Luka-Tumanov-17-godishen-srednoshkolec-koj-so-svojata-neizmerna-ljubov-kon-avijacijata-pomestuva-granici 03 630x380.jpg

Кој е твојата најголема поддршка кон остварувањето на целта еден ден да станеш пилот? Каков пилот сакаш да бидеш?

Како што веќе наведов, крајна цел ми е да станам комерцијален пилот, а во слободно време да си летам со сопствен приватен авион. Има многу убави острови кои би сакал да ги посетам.

Најголема поддршка ми се луѓето околу мене. Благодарен сум на мојата фамилија. Гледам дека веруваат во мене и сум им многу благодарен. Благодарен сум им на моите најдобри другари Дамјан, Васил и Михаил кои се доволно трпеливи да ме слушаат додека „обесувам“ за авиони и авијација, и секојдневно ме поддржуваат.

Исто така благодарен сум и на пилотите од Аероклуб Скопје кои се секогаш тука да ми одговорат на прашања и да ми разјаснат каква било дилема. Сакам да се заблагодарам на чичко Саздо од аероклуб за сите совети и помош во авијацијата.

И за крај, благодарност до професорите од моето училиште „Никола Карев“, кои постојано ме мотивираат и ја поддржуваат мојата амбиција.

Како адолесцент со навистина восхитувачка амбиција, колку беше (си) прифатен од твоите соученици? Дали можеби и тие се интересираат да научат повеќе за авијацијата?

Не сум имал проблем со децата од училиште , солидно сум бил прифатен, можеби некои од нив се исмевале со тоа, но не сум го сфатил на навредлив начин.

Да, сум добивал прашања за авијација од врсници, одговарам најточно што знам и можам, најчесто со другар ми Дамјан разговараме на оваа тема бидејќи ни е заеднички интерес.

Како редовен ученик, колку е тешко да ги прилагодиш секојдневните, улилишни обврски со надоградувањето на твоите знаења во областа на летањето. Како го поминуваш твоето слободно време?

Не е воопшто тешко, барем за мене. На училиште се учи едно, а дома јас учам друго. Најмногу обрнувам внимание на математика, физика, хемија и географија бидејќи тие се науки од кои се состои авијацијата и навистина ми е важно убаво да ги научам.

Се трудам да дадам сѐ од себе и на училиште и на темата авијација. Читам книги, пробувам сам да ги правам некои од пресметките што се користат во летањето, ги прашувам пилотите за совет и така натаму.

Слободното време го поминувам летајќи на симулатор, усовршувајќи го теоретскиот дел, и обожавам да сум со моите другари надвор во природа или на спортскиот аеродром.

Mojata-prva-igrachka-bila-avionche-a-sega-chekoram-po-patot-da-stanam-komercijalen-pilot-Luka-Tumanov-17-godishen-srednoshkolec-koj-so-svojata-neizmerna-ljubov-kon-avijacijata-pomestuva-granici 04 630x380.jpg

Колку често го посетуваш Скопскиот аеродром и како изгледаат тие посети?!

Многу често го посетувам спортскиот аеродром, одам со другар ми Дамјан, таму ги гледаме авионите, летаме со пилотите, прашуваме тоа што нѐ интересира и со секое одење таму се враќаме дома со збогатено знаење.

Таму има одлична атмосфера, има луѓе кои се собираат на пикник, летаат дронови, разговараат. Едноставно кажано - уживам на аеродромот Стенковец.

За некому сон или чувство на страв, но за тебе летањето е нешто вообичаено… Или пак така изгледа од наш агол?

Нема страв во летањето, сѐ се базира на наука и техника. Многу од луѓето мислат дека секојдневно откажува нешто во авионот и дека ако откаже било што, авионот ќе падне.

Апсолутно не е така, системите се дуплирани, а некои дури и триплирани. Оставете на пилотите, тие си ја знаат работата перфектно, вие само уживајте во погледите од авионот и поминете си убаво. Не дозволувајте стравот да ви направи непријатности при летот.

Која е најубавата глетка којашто си ја доживеал летајќи?

Сум бил на многу места на одмор со авион, не можам да издвојам една, но ако морам би го издвоил моето Скопје.

Летовите над Скопје имаат некоја посебна магија бидејќи местата каде што излегуваме и шетаме ги гледаме од горе и имаме сосема друг поглед кон местото.

Mojata-prva-igrachka-bila-avionche-a-sega-chekoram-po-patot-da-stanam-komercijalen-pilot-Luka-Tumanov-17-godishen-srednoshkolec-koj-so-svojata-neizmerna-ljubov-kon-avijacijata-pomestuva-granici 05 630x380.jpg

Во 5 реченици, што е најважното нешто што треба да го знаеме за авијацијата?!

Има многу работи кои треба да се кажат за авијацијата. Постои едно златно правило, односно изрека која ја кажуваат пилотите која гласи: communicate, navigate, aviate.

Доколку ова го правиме имаме загарантирано добар лет. Се разбира треба да се почитуваат сите безбедносни мерки при летањето. Сите треба да знаат дека стравот е непотребен при летањето, доколку сте исплашени при лет ја испуштате забавата.

Не гледајте филмови со авионски несреќи, тие ќе ви направат лажна слика за авијацијата. Во кабина најдобар другар ви е авионот, затоа треба добро да го познавате како би се разбирале.

Кој е најголемиот мит во врска со летањето?!

Дефинитивно најголем мит е тоа дека е авијацијата не е безбедна. Ќе се надоврзам од претходното, целата филмска индустрија и некои ТВ емисии им надаваат непотребен страв на луѓето од авионите. Летајте со проверени авио-компании и безбедноста ви е загарантирана.

Кој е следниот чекор кој треба да го преземеш во врска со професионалната едукација во полето на авијацијата. Дали постои подготовка за споменатата обука?!

Следен чекор кој треба да го преземам е да започнам со обуката за приватна дозвола (ППЛ), а понатаму за повисоките дозволи, рејтинзи и тренинзи.

Најдобра подготовка за пилотска обука е да се читаат книги, да се внимава на часовите по природните науки и да се лета со инструктор. Има навистина многу добри книги од кои што може да се научи доста многу а се достапни на интернет.

Mojata-prva-igrachka-bila-avionche-a-sega-chekoram-po-patot-da-stanam-komercijalen-pilot-Luka-Tumanov-17-godishen-srednoshkolec-koj-so-svojata-neizmerna-ljubov-kon-avijacijata-pomestuva-granici 06 630x380.jpg

И за крај, каде се гледаш себеси за 10 години отсега?

За 10 години се гледам како пилот во некоја компанија, со завршен машински факултет и исполнет сон од детството.

*Фотографиите се објавени со дозвола од Аероклубот Скопје и се направени под надзор на пилот.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Мила М. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Урбан лик: Ќазим Асотиќ од Скопје е кавалер од стар ков и маж со елегантен моден стил „Никогаш не излегувам од дома без часовник, машки голем прстен, вратоврска и мар...
Вирџинија од Скопје е девојка со уникатен моден стил – шарени стајлинзи, сина коса и нокти во сите б... „Косата ми е сина веќе 7 години и е ‘морето во мене’. Облекувањето за мене е заб...
Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајва... „И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопствено...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
„Со радост се сеќавам на моето детство во Скопје, кога не се заклучуваа вратите и комшиите беа насме... „Сум имал среќа да живеам повеќе години во четири различни земји од нашиот регио...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg