Вероника Царчева чува две кученца од расата Јоркшир Териер: „Лара ми заспива на образ, Боно како мал ми го пиеше кафето“
- Детали
- четврток, 19 ноември 2020
„Во 2013-та година, во еден многу тежок период за моето семејство, ја имав таа среќа да го добијам од другарка Боно, а сѐ уште ми важи за најубавиот подарок во животот“, ја почнува 26-годишната Вероника од Скопје приказната за своите миленици.
Вероника Царчева (26) работи како графички дизајнер, а омилен начин за минување на слободното време ѝ е со своите миленици Боно (8) и Лара (3), татко и ќерка од расата Јоркшир Териер.
Таа вели дека двете кучиња се навидум исти, но всушност многу различни.
Од тоа како го добила Боно до најзабавните ситуации со своите миленици, Вероника раскажува за CRNOBELO:
„Јас и моето семејство отсекогаш сме биле љубители на животни, но никогаш не станувало збор за чување на нешто поголемо и што бара поголема обврска за чување од папагал или риба.
Во 2013-та година, во еден многу тежок период за моето семејство, ја имав таа среќа да го добијам од другарка Боно (кој беше син на нејзините две кучиња), а сѐ уште ми важи за најубавиот подарок во животот.
Од првиот момент на сите ни влезе под кожа и нѐ облеа со неизмерна среќа и љубов, во период кога ни беше потребна светла точка на сите. Во почетоците како неискусни на тоа поле секако дека бевме соочени со многу непријатни, но истовремено слатки бељи од негова страна (го издвојувам за омилено - гризење на моите штикли редовно после секое излегување).
Но, како минуваше времето супер си се вклопи во нашето семејство, дури и успеваше да ги освои од прво гледање сите наши пријатели кои не беа толку големи љубители на домашни миленици.
Сега, вака кога се навраќам низ годините за да ви раскажам, забележувам дека не паметам како ми изгледал животот без Боно, односно пред него.
Боно е инаку Joркшир Tериер, тие и како раса се познати дека многу се приврзуваат со семејството кое ги одгледува. Буквално не се делев од него, секаде каде што имав можност го носев и до ден денес го правам тоа.
Искрено, морам да признаам дека мене од сите дома најмалку ме слуша (го размазив), единствена команда научена од мене му е „Дај бацка“. Познат е по тоа дека е многу стрвен и секогаш гладен. Спремен е секогаш за сликање и исклучиво мил со кој и да се запознае.
Си го чувавме неколку години само Бонче, сѐ додека не дојде време да му најдеме девојка. Уште пред да му се прошири семејството знаевме дека ќе чуваме уште едно куче - негов потомец (татко ми не треба да го прочита ова).