Интервју со Јана Маринова, продуцент и главна улога во „Диви и среќни“: „Сакам македонска музика и јадам како прасе“
- Детали
- петок, 14 февруари 2020
Јана Маринова, позната како Преслава од Преспав, за себе вели дека сака македонска музика и обожава црвено вино, Преспав ѝ било прекрасно искуство, каскадерството е тешко, но сега го прави само за своите улоги, како во новиот филм „Диви и среќни“ во кој се јавува како продуцент и главна улога.
Јана Маринова ни е позната по улогата на Бугарката Преслава во Преспав, а сега се прославува и како продуцент и главна улога во бугарскиот филм „Диви и среќни“.
Ако Преслава ви беше помеѓу омилените улоги во Преспав и ви недостасуваше во четвртата сезона, може да го изгледате нејзиниот најнов филм кој од 13-ти февруари е на репертоар во киносалите во Македонија (Cineplexx Скопје и 3D Кино Битола).
По повод нејзиното доаѓање во Македонија за премиерата на филмот, решивме да направиме интервју со Јана и да ви откриеме тајни за неа кои сигурно не сте ги знаеле.
Таа одлично се покажа во улога на продуцент, нејзините актерски способности се и повеќе од докажани, а каскадерството е она што ја прави уникатна.
Периодов повторно си во Македонија, но овојпат поводот не е „Преспав“, туку премиерата на филмот во кој се јавуваш како продуцент и главна улога, филмот „Диви и среќни“. Раскажи ни за улогата која ја играш.
Многу сум среќна што сум повторно во Македонија. И уште повеќе се радувам што овојпат поводот е премиерата на акционата комедија „Диви и среќни“, каде сум продуцент и главна улога.
Многу се радувам што ќе ги сретнам колегите од Преспав, кои ги обожувам. Во Бугарија постојано раскажувам за пријателите од тука, и за тоа со колку талентирани актери имав прилика да работам.
Сега во Бугарија се емитува Преспав на Btv и бугарската публика навистина многу се забавува и смее со улогите на Јелена од Драчево, Коста, Тони, Ула и сите. Тоа и не така чудно, кога серијалот е исклучителен, а македонската и бугарската публика се слични.
Оттаму се роди и идејата да дојдеме да го претставиме нашиот нов игран филм „Диви и среќни“ во Македонија.
Со мене е и Александар Сано, кој тука е познат по улогата Коса од „Подземје“, ТВ серијал што се прикажуваше пред неколку години на ТВ Aлфа. Тој е исто како мене, главна улога и продуцент на филмот. А игра и во новата хит-серија „Јужен ветер“.
Почнувајќи од 13 февруари ќе бидеме на репертоарот на Cineplexx Скопје и 3D Кино Битола.
Сигурно си многу задоволна од успехот по премиерата во Бугарија, штом „Диви и среќни“ е најгледаниот филм за 2019. Зошто публиката го сака?
Пресреќна сум затоа што „Диви и среќни“ игра веќе трет месец во кино салите низ Бугарија. И со Александар Сано патуваме низ целиот свет за да го прикажеме филмот на Бугарите кои живеат во странство, кои се над 2 милиони!
Веќе сме биле во Лондон, Единбург и Глазгов, Виена, 7 градови во Германија, а на 15-ти февруари патувам во Бирмингем и Манчестер, а во март од Лос Анџелес ја започнуваме нашата турнеја низ поголемите градови во САД и Канада.
Потоа Норвешка и многу други. Ми станува јасно зошто публиката толку многу го сака филмот што го направивме. За време на проекциите целата сала ечи од смеа, а аплаузите се долги и кога не сме во салата.
Луѓето ни кажуваат дека се многу импресионирани од акробациите и хуморот. Тие го сакаат стилот на филмот, кој потсетува на акција од 80-тите. Дејствието го следи одлична музика, и тоа е уште еден плус.
Македонската публика нема чести можности да гледа филм од соседните земји премиерно во киносалите. Зошто треба да го погледне бугарскиот хит „Диви и среќни“?
Затоа што ова е првиот бугарски филм што обезбедил дистрибуција во Македонија и навистина е реткост да гледате филм од регионов во кино. И затоа што филмот е фантастично кино – искуство, со сите акции, бесни трки со автомобили, хеликоптери, преубави кадри од нашата земја, многу стил и смеа.
Која е Јана приватно? Откриј ни три тајни за тебе.
Улогата во „Диви и среќни“ е највистинската верзија од мене. Таква сум кога не се правам студена, елегантна и сјајна. Сјајна ми е и улогата. И се радувам што ќе ѝ ја раскажам на публиката приказната за Борјана преку филмот.
Уште две тајни?! ? Јадам како прасе… и сакам македонска музика. И црвено вино да пијам додека слушам музика. Испаднаа 4 тајни!
Какво беше искуството со Преспав? Дали би прифатила повторно улога во македонска серија/филм?
„Преспав“ беше прекрасно искуство. Си поминав незаборавно во Скопје додека снимавме. Сега посакувам улога во Македонски филм.
Има еден што е ко-продукција со Бугарија, Македонија, Србија, се вика Gypsy Magic – тоа е еден од најдобрите филмови што сум ги гледалa досега.
По овој филм, станав страшно заинтересирана за Македонија и што се случува овде. Сонувам дури и мала улога во игран македонски филм.
Мојата мајка потекнува од Рила, јас сум потомок на архитектот Алекси Рилец, чија архитектура е Рилскиот Манастир во Бугарија. Имам многу во крвта од овие краишта.
Дали научи да зборуваш македонски? Што знаеш да кажеш најдобро?
Јас разбирам сè и се обидувам да запомнам како да акцентирам. Најмногу сакам да кажувам „Ја сакам Македонија“.
Каскадерка - Раскажи ни нешто повеќе околу ова…од кога оваа љубов, колку е ризично?
Тешко е да се биде каскадер. Се случуваат многу повреди. Мора постојано да учите нови спортови, да тренирате како машина. На пример, се случува да треба да се појавите како каскадер на температури под нула, голи.
И тоа можеби не е ризично, но 12 часа на студ е голем стртес. Каскадерите се многу храбри. Јас имав прилика да работам како каскадер затоа што сум навистина бестрашна и приземјена.
Бесно возење, мечеви, екстремни акробации… сите тие нешта ги изведував порано. Но веќе се откажав од тоа. Почнав да добивам улоги во бугарските серии како „Стаклен дом“, „Семејство“, „Врски“ и веќе немав време за акробации.
Сега не изведувам каскадерски сцени за други актери, само си ги правам акробации за себе во моите улоги.
Ти си интересен спој во една личност – мис на Бугарија, актерка, продуцентка, каскадер, експерт во танцување, тренирате бокс и карате – Која е твојата најголема љубов – можеш ли да се одлучиш за едно нешто?
Да, актерството ми е најголема љубов. А за улога – можам да бидам сè, сè што режисерите ќе посакаат од мене.
Која ти е омилена улога досега?
Сите улоги ми се драги, затоа што во сите сум се вложила искрено и посветено… Би ја издвоила улогата во филмот „11А“, каде сум учителка и танчарка, како и првиот филм кој го остварив како продуцент и актер, филмот „Привличание“. А во моментов сум најсреќна со улогата во „Диви и среќни“.
Дали ја следиш македонската филмска индустрија? Што ни е заедничко во последниве години на тој план?
Браво за номинациите за Оскар за „Медена земја“. Прекрасна порака е испратена до целиот свет.
Всушност, Македонија навистина имаше успешна година на филмски план, многу квалитетни филмски дела се запишаа во македонската кинематографија во 2019.
Ете, би рекла дека тоа ни е заедничко. И во Бугарија се снима, се продуцира и публиката е будна, верна и расположена да погледне што работиме.
Каде се гледа Јана себеси за 10 години од сега?
Во серија… Би сакала да продуцирам серија со македонски и бугарски актери, за настаните во Македонија и Бугарија. Нашите приказни се многу подобни. Се надевам ќе биде и поскоро од 10 години.
Погледнете го трејлерот од „Диви и среќни“, акциона комедија која мора да ја изгледате:
Е. П. | Црнобело