„Урбанон: Прирачник за агенти“ – друштвена игра со паранормални настани и скопски урбани легенди
- Детали
- сабота, 28 декември 2019
Многумина нè привлекува урбаната митологија, а посебно сме заинтригирани кога приказните се поврзани со Скопје и Македонија.
Минатата година излезе книгата „Урбанон: Тајните документи“ - збирка на тајни документи, која зборува за паранормални настани и урбани легенди.
А, годинава се појави и друштвената игра со улоги (tabletop role-playing game) - „Урбанон: Прирачник за Агенти“. Зад овој проект е потпишан Марио Савовски (25) од Скопје, а израснат во Јурумлери, кој 30% од тинејџерските години, а богами и раните 20-ти ги поминал во автобусите на ЈСП.
Тој е дипломиран наставник по англиски јазик и книжевност, но уште за време на факултетските студии почнал да работи како дизајнер на игри, прво во „Lynx Animation Studios“, а потоа во студиото за мобилни игри „Crazy Labs“, каде моментално работи.
„Креативноста отсекогаш била дел од мојот идентитет. Уште во основно сакав да креирам приказни и ликови, и паметам дека голем дел од тие возења во автобус ги поминував мечтаејќи и создавајќи некакви приказни. Понатаму тоа се разви во пасија за пишување и креирање игри“, раскажува Марио Савовски, кој првата книга ја издал на 20 години - „Sky PUNK: Deus Ex Machina“.
Помеѓу тие проекти напишал и неколку сценарија кои се преточени во стрипови, односно „Race! On“ и „Gree“, а има дизајнирано и неколку видеоигри како „Duo Spheres“ и „Thumb Thump“.
„Целиот процес од концепцијата на идејата за „Урбанон“ започна пред можеби 4 години (ако не и подолго), кога решив дека сакам да направам некоја збирка на урбани легенди и паранормални/хорор приказни која ќе биде локализирана и ќе се одвива во Скопје и околината.
Повеќе луѓе се вклучуваа (и исклучуваа) во креирањето на „Урбанон“, и искрено на моменти развивањето на идејата и содржината одеше екстремно бавно. Сакав да биде нешто ново и што не е досега направено кај нас.
И таа мисла ми беше водич низ целиот процес – „Урбанон“ да е нешто ново и необично“, раскажува Марио Савовски, кој открива дека земал инспирација од повеќе места како американската урбана митологија, серии како X-Files & Fringe, сајтот SCP-Wiki и слични извори.
Прирачникот се родил неколку месеци откако завршил целиот интерактивен момент со првата книга. Неговите пријатели му спомнале дека би било кул да се направи „Урбанон“ како друштвена игра и од тогаш почнало да се работи на идејата.
„Заедно со Крисијан Станкоски, Иво Пешевски и Јовица Ризовски работевме на креирање на систем од правила кој ќе биде погоден на содржината што сакавме да ја преточиме во игра. Сакавме играчот да биде агент кој ќе истражува урбани легенди и ќе се соочува со нив на уникатен и интересен начин. Откако го создадовме системот, почнавме со креација на содржина и со работа на визуелните елементи и дизајнот.
Подоцна го вклучивме и колегата Ангел Миладинов кој изработи апликација за играчите полесно да можат да пристапат до содржините од играта. Целата продукција на книгата и сите елементи на проектот почнаа релативно бавно, но како ни „гореше под нозе“ забрзувавме и, ете, некако стигнавме на крај да средиме сè како што треба и да ја промовираме играта“, споделува Марио, кој решава рубикова коцка за помалку од 50 секунди.
На 20-ти декември во Beertija Pub се случи промотивниот настан, а Марио признава дека е изненаден од интересот на луѓето за играта. По краткото претставување, имаше и сесија на сцена каде се демонстрираше играта пред присутните.
„Еден интересен момент што ќе го издвојам е што се сретнав со еден постар Французин кој ми кажа дека е заинтересиран за играта и дознав дека самиот тој е доста инволвиран во вакви игри.
Има играно „Dungeons & Dragons“ уште од 80-тите (и сè уште активно игра), што баш позитивно ме изненади. Самиот тој изрази желба да ја претстави играта на француската сцена и ме праша дали играта ќе биде преведена на англиски и можеби француски понатаму (одговорот и на двете прашања е – наредна година)“, додава Марио Савовски.
Најголемиот предизвик при создавањето на друштвената игра со улоги за него било тоа што работел на сосема нов медиум, до тогаш немал искуство со таков вид на игра.
Кристијан многу му помогнал со правилата на играта, но кога стигнал до создавањето на содржината, навистина му било тешко да ги адаптира урбаните легенди од првата книга во содржина што ќе може да се игра.
Тоа вклучува мисии на кои одат агенти, непријатели со кои се соочуваат, како и потенцијални моќи со кои можат да владеат.
„Македонската публика е отворена за друштвени игри. Сведоци сме на бран на „гејмерска енергија“ што ја зафаќа Македонија, и мило ми е што можам да кажам дека сè повеќе и повеќе луѓе се заинтересирани за друштвени игри.
И многу луѓе ми пристапија со тоа дека едвај чекаат да ја пробаат играта, така што сигурен сум дека ќе се игра“, потенцира Марио, кој во својата игра речиси ги има искористено сите постоечки легенди од кај нас.
Легендата за невестата на кадински мост, легендата за Зелената Куќа во Црниче, легендата за Црн Самуил – полицаецот што се шета навечер низ скопските улици, легендата за Пурпурната соба, дрвото кај Бардовци и легендата за човекот во прозорецот се оние од попознатите за кои луѓето имаат слушнато.
Во моментот Марио привршува некои работи за „Урбанон: Прирачник за агенти“ и работи на понатамошна содржина за „Урбанон“.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело