„Турбо-фолкот во музиката е исто што принтовите на платно од ИКЕА во уметноста“ - Бојан, сопственик на галерија Акантус
- Детали
- петок, 08 март 2019
Како мал сакал да биде пилот, а денес, случајно ем намерно, е сопственик на галеријата Акантус лоцирана во Дебар Маало.
Невозможно е да не се вљубите во Бојан Георгиевски. Неговата насмевка, шармот и харизмата освојуваат при првата средба, а тоа се работите со коишто се раѓаш – или ги имаш или ги немаш.
На успехот, сепак, треба да се работи. Бојан е најдобриот доказ дека соништата се остваруваат кога имаш јасна визија за тоа што го сакаш со помош на напорна работа која, според него, е подиум за остварување на себе си.
Во моментов во галеријата Акантус е актуелна изложбата „Level 50“ на браќата Тони и Емил Шулајковски, а среде таа експлозивна галерија на бои и уметнички визии на платно, му поставивме неколку прашања на нашиот соговорник:
Што сакаше да бидеш кога ќе пораснеш? Што си денес?
Низ моето детство сакав да бидам многу нешта, но мислам дека најраниот спомен во однос на тоа што би сакал да бидам датира од времето кога имав 5 или 6 години, пред да појдам на училиште–тогаш сакав да бидам пилот.
Фасцинацијата се роди првиот пат кога влегов во авион на лет од Скопје за Љубљана. Во тоа време протоколите за безбедност не беа баш така строги како што се сега и добро паметам дека стјуардесата облечена во „тегет“ униформа (тоа, секако, беше лет на ЈАТ), дојде и ме праша дали сакам да ме однесе кај пилотот да ја видам кабината.
Реков да. Како денес ја паметам сликата на кабината и сите сијалички кои трепкаа. Тогаш заклучив дека сакам да бидам пилот.
Но, низ годините што следеа, мојата фасцинација со авијацијата опадна. Во подоцнежна возраст сакав да бидам колекционер на антиквитети, но тоа и не е баш професија.
Што сум денес… искрено, тешко ми е да одговорам. Мислам дека најдобро е да кажам дека сум некој кој ја сака работата, работата како подиум за остварување на себе си, која низ зборовите на Енгелс „нè создаде нас луѓето“.
Косопственик на галерија – намерно или случајно?
Најверојатно и двете. Почна сосема случајно, а се разви намерно.
Дали постојат одреден тип на изложби / уметници кои ги преферирате во галеријата?
Во принцип не. Ние се обидуваме да изградиме простор кој ќе биде приемчив за што е можно повеќе уметности и нивни правци. Секако, тука има и одредени ограничувања кои се поврзани со самиот простор, неговата големина и распоредот на собите.
Во таа смисла, просторот е најпогоден за дела од ликовните уметности. Сепак, концептуалната уметност и инсталациите, исто така, може да пронајдат свој дом кај нас, па дури и одредени изведбени уметности за коишто ќе биде потребна одредена претходна подготовка. Но секако, кога се има желба, се наоѓа начин.
Што ти е поважно, да поставиш изложба од релативно непознат уметник со навистина добри уметнички дела или познат артист со просечен квалитет?
Просечниот квалитет е токму тоа што сакаме да го избегнеме, постојано се обидуваме да прикажеме нешто ново, или нешто што е познато, но претставено на нов начин.
Секако, секоја изложба е своја и, тука мора да бидам искрен, не секоја е добра на ист начин.
Да, некои изложби се подобри од други, но нашата идеја е да ја претставуваме македонската современа уметност, препуштена на окото на публиката и критиката. Во секој случај претендираме да претставиме квалитет пред популарност.
Во однос на дали би претставиле етаблирани или помалку познати уметници, би рекол дека се трудиме да направиме баланс од двете. Досега сме имале изложби на доста етаблирани уметници во рамки на самостојни или групни изложби, а и оваа година ќе имаме уште неколку од особено еминентни имиња.
Во моментов ја имаме изложбата на браќата Шулајковски, потоа следи изложба на Мирослав Масин, на Илија Пенушлиски и на есен изложбата на академик Газанфер Бајрам. Истовремено, работиме и на претставување на млади уметници, така што оваа година ја започнавме со изложбата на Марко Вујисиќ.
Што би било во уметноста еквивалент на она што е турбо-фолкот во музиката?
Принтови на платно од ИКЕА, Базаро, Бриколаж и слично, како и нарачани слики да одговараат со бојата на мебелот или завесите.
Тука мора да додадам… идејата на уметничкото дело не е декорација. Сликата, цртежот, графиката, скулптурата не се ентериерни додатоци наменети да ја разбијат монотонијата на ѕидовите и прозорите. Тие се ентитети сами по себе кои во домот постојат да ја воздигнат нашата потреба за естетско-емотивен израз.
Местото на едно уметничко дело во еден дом не е само на ѕидот туку, преку својот симболизам и порака, и во умот и емоциите на оние коишто живеат таму.
Дали јас ќе изберам да ставам апстрактно или конструктивистичко дело или минуциозно и фигуративно, или целосно деконструиранo концептуално дело е огледало на мојот карактер, на тоа што јас сум, што мислам јас и секако, кој сакам да бидам.
Дали добро се заработува од „уметничкиот бизнис“ во Македонија?
Не би можел јасно да ви одговорам. Во конвенционална смисла мора да кажам не. Во конкретни деловни термини не би било точно да се каже дека има сериозна заработка во секторот на уметноста (тука би сакал да ја разграничам поделбата помеѓу уметност и естрада).
Но, истовремено не би кажал дека не вреди деловно да се инвестира во секторот на уметноста. Мислам дека треба да се има предвид дека уметноста носи многу поволности како работа. Таа е либерална, дозволува простор за израз, ве запознава со многу интересни личности, ве става во опкружување исполнето со убавина и придонесува кон општото добро. Мислам дека овие работи се подеднакво битни, па дури и побитни од чистата финансиска добивка.
Какви изложби се најпосетени кај нас?
Сите изложби досега имале значителни посети. Не би можел да издвојам одреден вид на изложби кои се повеќе посетени од други. Секоја изложба има своја специфична публика, но има и публика која доаѓа на сите изложби.
Кој е најсмешниот коментар што го имаш слушнато за слика изложена во твојата галерија?
Баш пред некој ден, еден наш редовен клиент забележа како мотивот на сликата ѝ личи на жена која е опколена од вонземјани, и истите ѝ прават лабораториски испитувања, додека таа седи со израз на рамнодушност. Најинтересно беше што веднаш ја купи сликата.
Кое е најскапото парче кое било ставено на продажба во Акантус? Најскапото парче кое си го продал на наш и на странски државјанин?
Најскапо парче… Тоа беше сликата „Фигура на сива основа“ од Сергеј Андреевски која се продаваше за 420.000 денари. А најскапи продадени дела се две со иста цена, но на две различни изложби со временска разлика од 18 месеци. Делото „Љубовната приказна на кралот и кралицата“ од Жанета Гелевска – Вељановска и „Вавилонската кула“ од Дијана Томиќ-Радевска.
Кој е твојот омилен уметник?
Многу тешко прашање… немам омилен уметник исто како што немам омилен вкус на сладолед (иако сладоледот ми е омилена храна).
Што значи да се инвестира во уметничко дело? Можеш ли да ја опишеш твојата приватна колекција?
Да се инвестира во уметничко дело, за мене, значи да се инвестира во општо добро. Уметноста е една од главните двигатели во културата. Со инвестицијата во уметничко дело најдиректно се интервенира во доброто на културата. Верувам дека секој современ граѓанин треба да инвестира во уметничко дело, макар тоа било само едно, и тоа да го направи за себе.
Мојата колекција сè уште не е маркантна, но го опишува мојот вкус во моментот (да не заборавиме дека вкусот се менува низ годините). Јас не сум голем обожавател на фигурацијата и речиси сите дела кои ги поседувам се поприлично апстрактни или „лесни“. Позначителна за формирањето на мојот уметнички вкус е колекцијата на моето семејство која претежно ја имаат изградено мајка ми и мојот покоен дедо (нејзиниот татко).
Преку неа ја имам запознаено уметноста од моја најрана возраст и таа беше многу влијателна во развојот на мојата љубов кон естетиката и уметноста.
Остана ли уметност во Македонија? Колку Македонците се „уметнички потковани“? Дали Македонците одат на изложби затоа што разбираат уметност или за да бидат видени?
Уметност секогаш има, уметничкиот израз е нераскинливо врзан со човековата природа. Тој секако се менува со времето, но постојано е присутен.
Од друга страна, секогаш се поставува прашањето дали се создава добра уметност и кога, и дали денешната уметност е подобра од таа од минатиот век. Тие прашања оставаат простор за опсежна дебата, од која во суштина не може да се извлече конкретен заклучок, бидејќи повеќе се сведува на лични уверувања или уверувања на заемно-интересни групи.
Моето мислење е да, во Македонија има уметност која заслужува внимание. Токму затоа и избрав да ја работам оваа работа.
Во однос на публиката, повторно би рекол да. Има сериозен број на луѓе кои уживаат во уметноста и кои сакат да доаѓаат на изложби. Претпочитам да кажам - уживаат во уметноста отколку што се разбираат во неа.
Доколку уметноста ја сведеме на нешто што некој го разбира, а некој не, тогаш лесно се прави паралела дека таа е само за едни, а не за други (иако можеби тоа не е тоа што сакаме да го кажеме). Секако, јас не велам дека нема што да биде разбрано во уметноста, напротив.
Но, верувам дека нема потреба да се бара од публиката да го има познавање од теорија на уметност, историја на уметност, теорија на бои и сликарски техники.
Длабоко верувам дека доколку ѝ оставиме на публиката која ужива во уметноста да ужива во неа без товарот на тоа да мора да знае што е добро, а што не (ова самото по себе е прилично сложен и релативен концепт) тогаш „разбирањето“ на уметноста ќе дојде само по себе.
За крај, со која личност, реална или имагинарна, жива или мртва, би отишол на вечера и за што би зборувале?
Штом станува збор за вечера, тогаш со Луј XIV. Не би пропуштил шанса за вечера во Версај од тоа време. Портокали со карамел се извонреден десерт. Веројатно би зборувале за тоа што би сакал тој, а тоа сигурно би била неговата величественост.
(О)Милена | Црнобело / Фото: (О)Милена