„Вкусни приказни“ - Блогот за здрави и креативно декорирани оброци на Весна, мајка на две деца
- Детали
- понеделник, 11 февруари 2019
Денес ќе влеземе во светот на една интересна личност, забавна и комуникативна. Мајка на две деца. Петгодишниот Максим и петмесечната Ника.
Станува збор за Весна Ѓурковска Каеска (36), која за себеси вели дека танцот и пеењето сега ги заменила со готвење и декорирање на оброците за децата.
Можеби не игра и не пее на сцена, но затоа тоа секојдневно го прави по дома. Она што во момент е актуелно поврзано со неа е стартувањето на нејзиниот блог @vkusni.prikazni.
„Многу долго време ми требаше да се решам да го стартувам блогот. Но, на мое огромно задоволство, прв кој ме поддржа беше сопругот, после него една моја пријателка и мајка-блогер Ели. Навистина сум им благодарна.
Приказната настана од љубов кон храната, во периодот на подготовките на оброците на Максим, а сликите ги објавував во една Фејсбук група за родители Здрава храна, здрави деца!, каде што сум една од администраторите.
Мора да кажам дека реакциите секогаш беа воодушевувачки и позитивни, прво заради изгледот на самата чинија и заради содржината на неа – квалитетот на храната. Ме поведе љубовта кон храната и нејзината подготовка. Тоа некако ја наметна спонтано идејата за блог. И ете, конечно се случи и тоа“, раскажува Весна.
Блогот Вкусни приказни има за цел да раскажува приказни поврзани со чиниите и секојдневјето. Нејзини, наши, сечии. Секоја сторија е поврзана со некоја случка од животот на нејзиното семејство и прашања изговорени од едно љубопитно дете.
Освен храна, Весна споделува и емоции и пораки. Тоа е и нејзиниот двигател, зошто има што да сподели со луѓето.
„Секој оброк бара различно време на подготовка. Зависи дали во оброкот има нешто како дополнителна подготовка (палачинки, погачи, крекери, бомбици...) или не. Ако е само овошје или зеленчук кое се става во чинија, тогаш ми треба од 10 до 15 минути за креативниот дел. Но, доколку правам класичен појадок со уметнички приказ, сигурно половина час“, споделува Весна, која тврди дека креативно подготвениот оброк повеќе ги мотивира децата да јадат.
Вели дека љубопитноста е главна особина за децата. И дека тоа им дава слобода да пробаат и прават нови работи. Има и деца кои се вистински непопустливи карактери за храна, но и за нив може да се најде некој трик како здраво да се хранат.
„Точно, пред една година, само што забременив со Ника, се договоривме да одиме на Водно, зашто лани снег во градот немаше баш, а таму имаше малку. Па, за да се израдува Максим тргнавме. Непосредно пред тргање, по појадокот имав ставено да се вари наут, зашто дента сакав да правам хумус.
И во тој хаос од спремање за побрзо да стигнеме на автобуска, не се разбравме со сопругот дали е исклучен шпоретот, кој треба да го исклучи и слично. Тој не слушнал, јас не сум проверила и ете, недоразбирање. Се качивме на врв, нарачавме кафе. Сонце и снег. Дишам со полн капацитет.
Луѓето насмеани и ведри дека има чист воздух, јас мижам од среќа за зимска идила... И мене ми светнува дека јас дома оставив хумус да се вари! Си се вратив веднаш со автобус, хумусот си изгорел, јас потресена дента не направив ништо“, споделува Весна една од многуте кулинарски приказни со кои се среќава секојдневно. За тоа сведочи и распарот на сервис за јадење и чаши.
„Креативноста се буди спонтано и неочекувано. Најчесто кога воопшто не мислиме на тоа дека треба да бидеме креативни. Мене најчесто ме инспирира улогата на мајка. Во таа улога полна со предизвици, секојдневно пишувам нови приказни“, завршува Весна Ѓурковска Каеска за заднината на нејзиниот блог Вкусни приказни.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело