Екслузивно интервју со Томас Холопаинен од Nightwish: Преку нашата музика им даваме можност на луѓето да создадат свој универзум
- Детали
- сабота, 08 декември 2018
Приказната за бендот Nightwish повеќе од две децении протекува низ времето и просторот. Многу генерации растеа со нивната музика, а уште толку допрва чекаат да се запознаат со универзумот на оваа финска група. Ги следиме уште од ерата кога Тарја Турунен беше нивниот вокал, кога се случи првиот голем пресврт во бендот и кога на нејзино место застана Анет Олзон. И еве после толку години, денеска ја имаат flying Dutch lady, поточно Флор Јансен. И би рекол дека во овој состав звучат толку моќно, како никогаш претходно.
На 20 ноември, како дел од турнејата Decades - Europe 2018. имав можност да присуствувам на нивниот концерт во Будимпешта, каде свиреа пред 10 000 посетители.
Но, пред да излезат на сцената поразговарав со маестро Томас Холопаинен, клавијатуристот и мастермајндот на бендот.
Со осум студиски албуми зад себе во март годинава ја издадовте компилацијата Decades, најдоброто од Nightwish во период од 1998 – 2015 година. Каков беше предизвикот повторно да се нурнете во вашиот свет на музиката и да ја направите селекцијата од 22 песни што се наоѓаат на албумот?
Пред година дена хронолошки ги преслушав сите албуми и фаќав забелешки кои од песните би звучеле добро со Флор и Трој. Кои песни пред сé би биле соодветни за свирење во живо и тоа да биде материјал кој би ни бил пријатен повторно да го оживееме.
Некои песни едноставно мораа да стојат на компилацијата, како што е The Carpenter, првиот сингл со кој бендот се претстави во јавноста, потоа Dead Boy’s Poem, песна на која фановите навистина уживаат. Кога ја направив листата ја проследив до останатите членови на бендот и одлучивме дека сите предлози, освен Astral Romance треба да бидат дел од Decades.
Од албумот Imaginaerum до некаде можевме да се запознаеме со вашето гледиште за имагинацијата, преку Endless Forms Most Beautiful успеавме да навлеземе во вашата перцепција за науката, но она што ме интересира се вашите размислувања во врска со спиритуалноста?
Прво треба да дефинираме што е тоа спиритуалност, зошто луѓето ја сфаќаат на сосема погрешен начин.
Тогаш за вас што е спиритуалност?
Длабоко емотивно искуство, кое нема никаква врска со натприродното. Тоа е кога ја слушаш најубавата музика во светот, кога ќе изгледаш неверојатен филм, кога читаш книга во која се имаш внесено во самата приказна. Веројатно сите ќе го именуваат ова како спиритуално, но јас би го нарекол емотивно искуство.
Знаеме дека имате голема страст спрема филмската музика и во 2012 година реализиравте еден таков проект со филмот Imaginaerum во режија на Stobe Harju. А сега да се навратиме малку во вашето детство, се сеќавате ли која филмска музика ви ја разгори страста за ваков вид на уметност?
Не знам дали би го нарекол филмска музика, но The Snowman (1982) и песната Walking In The Air е моментот кога на моите седум-осум година се соочив со светот на музиката. Но, вистински се навлеков на филмската музика, откако го изгледав филмов Crimson Tide. Ханс Цимер маестрално си ја има завршено работата.
Отсекогаш сум сакал предвреме да ги знам работите, па затоа ќе ве прашам може ли нешто да ни откриете за новиот албум на Nightwish?
Сé уште е рано да се зборува за тоа, но ќе кажам дека сите песни се готови. Во моментот го средувам текстот на песните. Првата половина од наредната година ќе се посветам да ги финиширам сите детали, пред да го претставам материјалот на останатите членови од бендот.
Веројатно во мај ќе го снимаме демото, потоа цело лето ќе имаме проби, ќе го аранжираме и миксаме албумот... И ако сé оди како што треба да се надеваме дека во пролет 2020 година ќе го објавиме новиот албум на Nightwish.
Како публиката вистински може да ги почувствува Nightwish? Ова го прашувам затоа што кога и да одам на ваш концерт има голем број на луѓе кои цело време додека вие свирите, ве снимаат со нивните мобилни телефони. Има и такви поединци, кои го снимаат целиот концерт. Навистина не ми се јасни.
Ова е навистина добра поента. На оваа турнеја пред почетокот на концертот имаме интро кои им вели на присутните да не ги користат мобилните телефони, туку да бидат тука, во сегашниот миг. Малку е депресивно додека свирам да гледам како пет илјади луѓе в раце ги држат своите смартфони.
Сте имале ли некое необично искуство со вашите фанови?
Да, сум имал неколку. Но, кога и да видам човек што има истетовирано лице на некој од членовите на бендот ми станува непријатно. Живееме во слободен свет, но сепак таа постапка ми е навистина чудна.
Има и фанови кои ми ѕвонат на врата со некои чудни побарувања. Немам проблем да се дружам со нив додека сум на турнеја, но кога сум дома не сакам да бидам вознемирувам. Тоа навистина ме лути.
Исто така ме интересира како луѓето од Финска ве доживуваат како бенд, а како публиката од останатите држави?
Малку е страшно кога треба да свириме во Финска, поради тоа што гледаш многу познати лица во публиката. А освен тоа во нашата држава имаме висок статус, па затоа сите очекуваат многу од нас. Во секој случај сé уште имаме што да покажеме и надвор од границите на Финска. На крај важно е да се свири...
Сакате ли да одите на концерти?
Многу ретко. Последен концерт на кој имам одено е Ханс Цимер и тоа пред година дена во Хелсински. Јас не слушам музика, посебно не дома и не ја следам денешната музичка сцена. Овој период преферирам да сум во тишина или да слушам ток-шоу на радио.
Обожавате да читате, посебно епска фантастика, а и очигледно е дека сте внесени во книжевниот свет, па би напишале ли некогаш книга?
Да! Имам шест готови приказни, но сé уште не се довршени за да можат да се објават. Сакам да пишувам и искрено се надевам дека некогаш ќе се решам за овој потфат во животот.
Што читаш во моментот? И кој филм ви го има свртено вниманието во последен период?
Штотуку ја завршив книгата M Is for Magic од Нил Гејман, а сега ја читам The Book of Dust од Филип Пулман. А филм кој ми ги разниша емоциите и допре до мене е Three Billboards Outside Ebbing, Missouri.
Еве, како за крај би го начнале и вашиот музички проект Auri, за кој велите дека е музика од зајачка дупка и небесен метал со влијание на фолк и келтска музика. Во песната Night 13 има стихови, кои гласат: That's why they put me here/ They, they... кои се Тие?!
Нема да ви кажам. Зад самата песна стои посебна приказна. Текстот на песната е базиран врз книгата што ја имам напишано пред пет години, па затоа е прилично комплицирано за да се разбере. Песната открива еден мал дел, но кога ќе се прочита целата приказна ќе може да се разбере целосно.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело
Фотографии: Евгениј Хоуп | Црнобело