Добри Јовевски, наставник кој ја враќа вербата во професијата: „Со дечињата приготвуваме оброци и учиме низ игра“
- Детали
- среда, 19 септември 2018
И додека некои се задоволни да тонат во просекот и сивилото на својата професија, Добри Јовески е пример за човек кој ја обожава својата и во неа се вложува максимално. Повеќе вакви наставници ѝ се потребни на Македонија дефинитивно.
Добри Јовевски веќе 20 години работи како одделенски наставник во неколку села во Крива Паланка, а денеска и во градот Крива Паланка и ја менува перцепцијата за тоа како изгледа работата на еден наставник.
Тој не се држи строго до наставниот план, туку преку забавни активности и свој личен концепт се труди да поттикне интерес и да ја разбуди љубопитноста кај учениците. „Училиштето пред сè треба да се сака“, порачува.
Преку поврзување на училишните и проектните активности и иницирање на акции во училиште каде што работи и во локалната заедница и во соработка со родителите и другите субјекти вклучени во воспитно-образовниот процес постојано организира и изведува настава надвор од училницата. Посета на општествени и културни знаменитости, институции и запознавање со други култури и националности кои се застапени во нашата средина, други градови од земјата и надвор од неа, потоа канење на успешни луѓе од различни професии да разговараат со учениците за да им ги отворат видиците и влеат љубов на учениците кон одредени професии се дел од активностите.
Континуирано тој и неговите ученици преку медиумите ги промовираат своите достигнувања кои служат како добар пример во Македонија.
Добри се има здобиено со многу награди и признанија на локално, национално и светско ниво, а неговото мото е дека човек треба да работи и твори затоа што верува во тоа што го прави, а тој искрено верува во моќта на професијата наставник и се заложува за „Образование за иднината“ бидејќи децата се учителите на следните генерации, а тоа се темелите на успехот на човештвото, напредок на цивилизацијата и иднината на светот.
Проговоривме со него бидејќи е вистински пример за човек што ја обожава својата професија:
Од каде идејата за ваков интересен пристап кон професијата, што мислите зошто нема повеќе наставници со ваква љубов кон работата?
Учителската професија, според мене е најблагородната професија на светот која ме научи на повеќе пристапи во воспитно-образовната работа од кои некои заслужуваат внимание од заедницата и пошироко. Особено сум горд на пристапот „учење од животот за живот“ бидејќи кај учениците се разгорува жар во очите за учење и посетување на училиштето. Секое мое ветување го реализирам и не ме спречуваат ниту суровите планински временски услови, ниту материјалните недостатоци.
Имаше моменти кога за учениците во училиштето секојдневно храната ја носев од градот до селото бидејќи немаше друг начин за приготвување на топол оброк. Новогодишните подароци и елката на раце ги однесов до селото во суровата зима. Секое утро учениците со нетрпение го очекуваа моето пристигнување во училиштето, од нивните очи зрачеше благодарност кон мене.
На тој начин допрев до нив, а пак нивната страст и желба за учење го разгореа моето срце и ми влеаја верба во успехот на мојата учителска професија.
Нашето општество се наоѓа во расчекор веќе скоро три децении, а од економските, социјалните и културните движења во општеството многу зависи напредокот, стагнацијата или дури назадувањето на образованието воопшто. Затоа наставниците мора да бидат двигателот.
Тие се важен сегмент од целокупниот социјален и научен живот на заедницата и знам дека секој наставник дава свој придонес. Зборувам за тоа дека понекогаш или дури често се менуваат ставовите на најголемиот број наставници за тоа каква треба да биде суштината на образованието во одделенската настава, традиционална, повеќе академска и со строга дисциплина или модерна, игровна, со повеќе акцент на развој на широка палета на вештини кај учениците.
Јас допрев до сржта на образовните предизвици и одлучно, трпеливо, одговорно и хумано помагам со мојата работа на професионалното усовршување на наставниците. Сите заедно секојдневно создаваме чуда во професијата наставник.
Често знаеме да се наежиме кога ќе чуеме некоја ваква инспиративна приказна за наставник во некоја странска земја, но кога станува збор за некој од Македонија како да нема доволно простор во медиумите, претрупани сме од сите страни со црна хроника, сензационализам и трач, што мислите за насоката во која се движат медиумите?
Моето мислење за медиумите е дека секоја земја и секој народ има медиуми какви што заслужува. Кога работите во било која област ќе почнат да се решаваат од темелите, па нагоре тогаш и медиумите ќе имаат пристап и фокус кон решенијата, а не кон проблемите, кон позитивните случувања воопшто какво што е и образованието на децата, младите и секој поединец.
Потенцирам дека моето искуство со медиумите навистина отсекогаш било позитивно, плодно и на сечие задоволство, вклучувајќи го и Вашиот портал.
Како изгледаат вашите часови?
Заклучив дека децата се мали истражувачи со големо срце кое е жедно за енергија и знаење. Им дозволувам на учениците да истражуваат и тоа го правам спонтано, без присила, за да биде лесно, полетно, игровно и радосно.
Затоа ги предизвикувам овие нивни чувства со моите методи на работа, експеримент, игра, дискусија, прошетка, користење на технологија.
Дел од младите луѓе знаат да се запишат на Педагошкиот факултет едноставно затоа што не им паднало ништо друго на ум, дали сметате дека со ваквото несериозно однесување се нанесува силен удар врз целокупниот образовен систем?
Стандарди се она што му недостасува на нашиот образовен систем, цврсти и солидни врз кои ќе се градат критериуми за тоа кој може, а кој не може да биде студент на Педагошкиот факултет. Исполнување на вистински создадените критериуми се мерило за успех и гаранција дека студентот може да ја извршува професијата наставник.
Од друга страна, студиите на Педагошкиот факултет или на Институтот по Педагогија на Филозофскиот факултет се предизвик скоро за сите средношколци зошто мора да признаеме опфаќаат многу сфери на човековиот интерес.
Она што секогаш ќе недостасува е поголем акцент на проучување на психологијата на детето, практичниот пристап на наставникот кон учениците и мотивацијата со професионално напредување на наставникот кога е во работен однос и она што следи соодветна плата и награда која наставникот треба да ја добива за својата работа. Така многу од предизвиците и реформите во образованието би се решиле.
Која е повратната реакција од дечињата за сета ваша вложена енергија на часовите и креативност?
Тие реагираат позитивно на насмеано лице, подадена рака и почит кон нив. Нивните насмевки, знаења, петки, награди и успех во нивното понатамошно образование покажуваат дека часовите кои ги реализираме се плодни.
Нивната неуморна енергија ме понесува во димензија на повисоки очекувања од самиот себе.
Најинтересна ситуација од школските клупи...
Да бидеме искрени користењето на технологијата и современи и интересни пристапи во реализирање на содржините е најинтересниот дел. Како што во традиционалното образование најинтересен е наставник кој зборува и запишува на табла, во нашата сегашност најинтересни се учениците кои водени од наставникот програмираат преку игра.
Проект на кој сте најмногу горди...
Особено ми е драг проектот „Патот на лебот некогаш и денес“. Учениците истражуваа за потеклото на лебот, како некогаш се правел, а како денес се произведува лебот на современ начин.
Тие сами правеа леб, го печеа, а потоа со своите родители уживаа во неговата дегустација. Овој проект го реализиравме во училиштето во село Конопница со колешката Живка Стоилковска.
Што сметате дека би требало да се примени во Македонија од образовните системи на другите држави?
Образовни асистенти, помалку теорија повеќе практика, потоа задолжително учење на пливање, тенис, планинарење, скијање и други спортови, воспитна компонента во сите сегменти и со насочено користење на слободното време, да се размислува за „среќата на детето“, да се воведе задолжително целодневна настава со топол оброк со сите здравствено-нутриционистички карактеристики.
Верувам дека спонтаното проучување на наставен предмет би дало подобри резултати отколку круто држење во рамките на час од 40 минути.
Дали сметате дека вашата мисија на претворање на учењето во уметност е заразна и за другите наставници околу вас? Колку и тие се подготвени да вметнуваат новини во начинот на предавање на материјата?
Токму поради ширење на свесноста за тоа колку е интересна, благородна и пред сè неопходна професијата наставник е и моето залагање како обучувач во професионалното усовршување на наставниот кадар во Македонија. Во овој процес сите ние наставниците сме партнери независно од тоа кој наставник е обучувач, а кој обучуван.
Согласно комуникацијата што секојдневно на разни начини и нивоа ја имам со наставниците ширум Македонија можам да потврдам за големото залагање на сите наставници во своите средини.
Се радувам на успехот на сите мои колеги, драго ми е кога учат од мене, а секако и јас учам од многу од нив. Тоа е клучот на успехот, несебична комуникација.
Што им порачувате на учениците кои не го сакаат премногу училиштето?
Секој ученик е алка во синџирот на успешен и среќен општествен живот, а можноста за образование на сите деца треба безусловно да ја ценат.
Им порачувам на учениците прво да го слушаат својот внатрешен глас, што е добро, а што им е здодевно, пренагласено и збунувачко во училиштето и да имаат храброст да прашаат, да бараат објаснување, да се вклучат во активностите.
Погледнете го видеото во коe Добри Јовевски говори за својата професија:
С. С. | Црнобело /фото извор: joveski.mk