Книжевни и филмски препораки од Александра Михајловска, актерка на Кумановскиот театар
- Детали
- вторник, 20 март 2018
На многумина ни е позната младата актерка Александра Михајловска (26), која редовно е застапена на репертоарот во Кумановскиот театар. Моментално целосно е посветена на премиерата на новата претстава за деца ,,Јованче и Марика“ и со нетрпение чека да започне со проектот за обележување на 70-тиот роденден на театарот.
Желбата да го истражува театарот и сите негови длабочини ја води до психодрама и психотерапија која што во моментот ја изучува. Психодрамата станува центар на нејзината специјализација и токму поради тие причини Александра е на постојана релација Белград – Скопје - Куманово.
Психодрамата и техниките на Морени ѝ овозможува да ги комбинира сите свои љубови: театарот, работата со групи и менталното здравје.
Александра Михајловска минатата година го создаде центарот за личен и креативен развој „Перципио“ и оформи простор во кој ќе може да ги реализира своите идеи.
„Во недостаток на кино и воопшто културен живот во најголемиот град по Скопје, со неколку другари од Куманово направивме неформална група за гледање на филмови која што ја нарековме „Кино Кумановце - затој што Романовце, Табановце и Кумановце имав ист културан живот. Можам да кажам дека постоењето на нашата мала група ми создаде континуитет на гледање и анализа на филмови во добро друштво“, открива актерката, која за читателите на Црнобело реши да ги сподели своите книжевни и филмски фаворити.
Тhe Second Mother
Додека сѐ уште трае дискусијата за овогодинешните Оскари и скандалите што го преплавија Холивуд не сакам да се повторувам со филмовите што веќе сите светски медиуми ни ги препорачаа. Мојата прва препорака е oвој филм, снимен малку појужно од центарот на филмскиот свет. Женска приказна од женски автор раскажана на брилијантно едноставен начин.
Oваа бразилска семејна драма е толку човечна, толку емотивна и длабока што за мене ја прави пример за незаборавно филмско доживување. Овој навидум едноставен филм отвoра толку социјални прашања и ја потенцира микро-агресијата и класната борба со која што се соочуват невидливите жени генијално претставени во ликот што совршено го толкува прекрасната Регина Касе.
Winter Sleep
Од Бразил ве праќам во Турција да уживате во долгите кадри од прекрасната Кападокија. Топла препорака за сите филмски сладокусци што не го виделе овој филм.
Чеховска атмосфера во Турција. Прекрасни дијалози. Приказната е сконцентрирана на животот на еден театарски актер кој што се повлекува во едно село во кое што го менаџира хотелот „Отело’’. Нормално дека морав да го гледам, нели?
Тhe Elephant Man
Ако треба да кажам еден филм што секогаш ќе биде на мојата топ листа, тоа е ова генијално дело на Дејвид Линч. Ако ме прашате што ме воодушевува во овој филм јас нема да знам да израционализирам, затоа што ова дело, оваа вистинска приказна со мене комуницира на чисто емотивно ниво.
Филм за монструозноста на човештвото, за социјалните конструкции, за концептот на Другиот, и другоста во нас. Совршен филм-лектира.
,,Педагогија на угнетените“ од Пауло Фреире
Како едукатор и младински работник секогаш ја препорачувам оваа класика од Пауло Фреире на чија што основа потоа се гради и целата техника на Аугусто Боал. Книга за односот професор-ученик-општество.
Иако е пишувана општествената состојба карактеристична за некое друго време, за жал не знам дали се надминати или само преобличени основните проблеми кои што овде се разгледуваат.
Good Night Stories for Rebel Girls oд Елена Фавили и Франческа Кавало
Се израдував дека конечно ќе има превод на македонски. Ова се приказни за малку поинакви принцези. 100 приказни за добра ноќ посветени на 100 вистински инспиративни жени.
Книгата има светски успех, супер концепт, значајна порака и супер визуелно издание со прекрасни илустрации.
The sun and her flowers – Rupi Kaur
Ева малку поезија од инстаграм поетесата во нова збирка од 2017. Во време на инста-ѕвезди оваа девојка на 25 години продаде над милион копии од претходната збирка ,,Мед и млеко“. Едни жестоко ја критикуваат, други ја следат.
Секако добива медиумски простор и го користи отворено, кратко и јасно да зборува за важни теми на денешен, модерен јазик обраќајќи му се на денешниот читател кој што сакаме ние или не сепак е online публика.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело