Психолог м-р Тиана Ивановска, која беше на терен во Кочани: „Прифаќањето на лузните на телото е комплексно, но поважно е да се работи на траумата“
- Детали
- четврток, 27 март 2025
По колективната траума која ја остави трагедијата во Кочани над сите нас, поразговаравме со психолог Тиана Ивановска, која беше меѓу првите на терен по настанот - за CRNOBELO.com таа зборува за справувањето со новата реалност на семејствата кои загубиле близок, за тоа како преживеаните да ги прифатат промените на телото по повредите и изгорениците настанати во пожарот, за надминување на вината кај преживеаните кои не спасиле некој друг, но и паранојата да ги пуштиме децата повторно во дискотека.
М-р Тиана Ивановска, психолог, Гешталт психотерапевт, работи во областа на психологијата 10 години.
Веќе 5-та година е дел од СебеСложувалкa (чиј основач е токму таа), каде заедно со тим од психолози работат на психотерапија за деца и возрасни.
„Во работата со клиенти најмногу уживам во последните 5 минути од сесијата кога ќе го видам сјајот во нивните очи. Идејата дека некому си му помогнал да се чувствува добро во сопствената кожа и да го подобри квалитетот на својот живот, му дава смисла на мојот“ - вели таа за себе.
Таа беше меѓу првите психолози волонтери кои заминаа на терен во Кочани по трагичната несреќа со пожарот, а потоа и во Скопје во болниците каде семејствата на повредените чекаа да слушнат нешто повеќе за состојбата на своите најмили.
Поразговаравме со неа околу целата колективна траума, која била првата психолошка помош која ја понудиле на луѓето во Кочани, но и како оние кои преживеале или кои изгубиле некого треба да се справат со психолошките последици од целата ситуација.
Во продолжение целото интервју со м-р Тиана Ивановска за CRNOBELO.com:
Какви беа вашите совети во првите денови по трагедијата во Кочани? Постоеја ли зборови кои можеа да ги утешат оние кои се соочиле со траумата или кои изгубиле блиски во пожарот?
Првите денови од трагедијата не бевме многу фокусирани на советодавен аспект бидејќи луѓето беа во огромен шок.
Нашиот ангажман беше теренски и фокусот беше ставен на семејствата кои ги бараа своите блиски или пак чекаа медицинска информација за нивното здравје.
Во овој дел се работеше најмногу прва психолошка помош со луѓето кои беа преплашени, во паника и во тешка неизвесност.
Како да се справат луѓето кои изгубиле блиски во моментот кога ќе помине шокот и ќе се соочат со реалноста?
Соочувањето со реалноста се случува многу брзо, веднаш штом почне да се менува секојдневието.
Во првиот момент кога семејствата се соочуваат со празнотијата во домот, тука настанува судирот со она што сега е за нив нова реалност.
Справувањето многу тешко може да оди индивидуално и затоа препорачуваме поддршка од секаков можен вид. Секако најважна е поддршката од најблиските но не изостанува и поддршката од стручните лица.
Колку беше тешко да се работи на терен? Ве прифатија ли добро луѓето кои беа во шок?
Состојбата на терен беше очекувано лоша. Сите бевме во шок од настанот, само што ние се наоѓавме од другата страна на настанот па следствено на тоа, наша должност беше да бидеме присебни и приземјени.
Луѓето беа многу вознемирени но ниту еден човек со кого интервениравме немаше отпор кон нас, напротив бевме одлично прифатени.
Што би ги советувале луѓето кои ја преживеаја несреќата, а притоа ќе останат со физички промени и лузни на телото/лицето? Како да се справат со шокот кога првпат ќе се погледнат во огледало, како да се прифатат себеси?
Нашите тела се биолошки подложни на промена. Некогаш тие промени настануваат под влијание на надворешни фактори, а некогаш едноставно под влијание на природен процес на растење или стареење.
Важно е да се држиме до суштината и она што го носиме во душата. Телата ни се само опаковка за која сè што можеме да направиме е да се грижиме и да ја негуваме.
Процесот на прифаќање на промените може да биде комплексен, но сепак, траумата е она што е позначајно и тоа треба да се сработи тераписки.
А, што со душевната болка, преживеаната траума, она што го виделе, изгубените пријатели и сликите кои никогаш не излегуваат од глава, со кошмарите кои ги имаат секој ден... Ќе заборават ли некогаш, ќе продолжат ли нормално со животот и како?
Јас верувам во здравиот капацитет на секој поединец и во способноста да се преживее и надживее сè она што искуствено го доживуваме во текот на животот.
Како да се справат преживеаните со чувството на вина што тие преживеале, а некој нивен близок не? Дали е тоа нормално, како да ги надминат тие чувства во кои се обвинуваат себеси дека не помогнале и не спасиле некого, а се спасиле себеси?
Сосема е нормално и природно да си ги поставуваме прашањата околу доволноста и што сме можеле да направиме повеќе.
Сепак ова се длабоки прашања кои е добро да се сработат со стручно лице како луѓето не би носеле товар на вина понатаму низ животот.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





