Бранко од Скопје за времето во ЈНА: „Служев во Титова гарда во Белград, таму ја запросив сопругата“

По пат разговаравме на различни теми и кога се вративме во касарната по околу половина час, ми рече дека ќе се видиме во Белград за неколку дена.

Во тој момент не знаев дека капетанот е дел од разузнавачката служба и дека е стациониран во касарната на Дедиње.

По неколку дена и официјално ни кажаа кој каде ќе оди, а кога го прочитаа моето име, кажаа дека ќе бидам дел од Титовата гарда.

Уште истото попладне бев во Белград, заедно со уште неколку војници од мојата касарна.

Беше голема одговорност, но и чест да се служи во гардата на Тито.

Кога одевме во град се разликувавме од останатите војници, имавме поинакви униформи и капи од другите.

Нашите капи беа како на офицерите, со петокрака, срп и чекан, споредено со малите капи со црвена петокрака што ги носеа другите војници.

Кога се шетавме низ Белград, цивилите со восхит нè гледаа.

branko-od-skopje-za-vremeto-vo-jna-sluzhev-vo-titova-garda-vo-belgrad-tamu-ja-zaprosiv-soprugata-09.jpg

Чувавте ли стража? По колку часа беше една „смена“?

Бидејќи бев батаљонски возач бев попривилегиран од останатите.

Мојата чета, со уште две други, беа доделени да чуваат стража на дворот на Дедиње, каде Маршалот ги пречекуваше странските делегации.

Неговата резиденција беше на улицата „Ужичка“ бр. 10, а за безбедноста таму се грижеше друга чета (автоматичари).

Стража имам служено само 4 пати по 3 часа - толку траеше една смена. Чував стража кога некој од пешадијата не се чувствуваше добро, беше болен и слично.

branko-od-skopje-za-vremeto-vo-jna-sluzhev-vo-titova-garda-vo-belgrad-tamu-ja-zaprosiv-soprugata-13.jpg

Се сретнавте ли некогаш со Маршалот или немавте таква можност?

Со Маршалот имав преку 20 средби кога дававме почесна стража за гостите кои доаѓаа во посета на Југославија.

Иако не требаше да бидам во тој вод, доброволно се пријавував да присуствувам на тие моменти.

Ако гостинот се пречекуваше на аеродром, тогаш се правеше шпалир од два реда.

Прво застануваа највисоките војници, а потоа по висина се редеа останатите.

Кога ќе пристигнеше гостинот, мајорот Марковиќ тргнуваше напред, застануваше пред Тито и неговиот гостин и во зависност дали е претседател, крал, кралица и слично, ќе им се обратеше: „Господине претседателе, почесниот баталјон на гардата е построен во ваша чест“.

Тој ќе се тргнеше, па Тито и гостинот ќе тргнеа покрај гардистите, претходно поклонувајќи се пред знамето на Југославија.

Кога, пак, се даваше почест во дворот на Дедиње, 108 војници се постројувавме во 3 групи од по 36.

branko-od-skopje-za-vremeto-vo-jna-sluzhev-vo-titova-garda-vo-belgrad-tamu-ja-zaprosiv-soprugata-16.jpg

Раскажете ми една анегдота од времето кога служевте во Титова гарда...

На 17.01.1977 Тито требаше да отпатува кон Египет, Етиопија и Алжир, на турнеја во Неврзаните земји и требаше да полета од воениот аеродром Батајница рано изутрина околу 7 часот.

Ние војниците се спремивме доста рано и со 2 автобуса бевме однесени на пистата каде што чекаше авионот со кој ќе леташе Маршалот.

Беше поставен црвениот тепих, воениот оркестар беше спремен. 

Наеднаш добивме наредба да се вратиме во автобусите, дека е рано. Само што седнавме во автобус, ни стига нова наредба – излегувајте одма!

Се построивме и гледаме на пистата има повеќе војници од потребното, зашто црвениот тепих беше пократок за околу 10m.

Бидејќи возилото на Маршалот веќе дојде до авионот, немаше време вишокот војска да се тргне, па ни рекоа да останеме сите.

branko-od-skopje-za-vremeto-vo-jna-sluzhev-vo-titova-garda-vo-belgrad-tamu-ja-zaprosiv-soprugata-12.jpg

Веднаш се интонираше химната, мајорот на војската го поздрави Тито со пригодните зборови за таа прилика и тргнаа по црвениот тепих за Тито да ги отпоздрави сите војници кои беа дојдени.

Покрај него одеше неговиот личен аѓутант, адмирал Вулетиќ.

Бидејќи беше зима и рано наутро, после црвениот тепих имаше мраз и се лизгаше. Маршалот стигна до крајот на тепихот и адмиралот го задржа, велејќи му да не оди до крај, бидејќи се лизга.

Тито само му ја тргна раката и му рече: „Пушти ме, ова е моја војска“ и продолжи да гази по мразот за да го отпоздрави и последниот војник во редот.

Сите што го слушнавме неговиот коментар, бевме горди поради реакцијата на Тито, бидејќи тој можеше само да се заврти и да се врати назад, без да ги отпоздрави оние што стоеја во негова чест во ред после црвениот тепих.

Во моите очи тоа беше голем гест од голем човек.

branko-od-skopje-za-vremeto-vo-jna-sluzhev-vo-titova-garda-vo-belgrad-tamu-ja-zaprosiv-soprugata-11.jpg

Зошто никогаш не ја ставивте најпопуларната тетоважа од тоа време ЈНА?

Лично, никогаш не сум сакал тетовирање.

Имав можност да ја ставам тетоважата уште на обуката во Краљево, но немав желба.

branko-od-skopje-za-vremeto-vo-jna-sluzhev-vo-titova-garda-vo-belgrad-tamu-ja-zaprosiv-soprugata-14.jpg

Во тоа време имавте девојка. Без телефони и на скоро 500km оддалеченост, како изгледаше врската? Дали си праќавте љубовни писма? 

Точно, во тоа време бев во врска со сегашната сопруга. Таа двапати дојде да ме посети во Краљево и уште двапати во Белград.

И токму таму, во Белград, во кафеаната „Романитор“ ја побарав за жена и си разменивме бурми.

Инаку, за да се јавиш на телефон кај саканите во тоа време (во Краљево) требаше да одиш до пошта.

Мојата девојка ќе пријавеше дека има закажан телефонски разговор, па со дозвола одев од касарната до поштата околу 1km.

Во касарната на Дедиње имаше телефонска говорница пред канцеларијата на дежурниот офицер, па кога имавме потреба, оттаму се јавувавме дома.

Што се однесува до пишувањето љубовни писма, да, си пишувавме постојано, скоро секој ден.

И ден денес ги чуваме писмата што сме си ги праќале и разни разгледници или честитки испратени по некој повод, роденден, годишнина и слично.

branko-od-skopje-za-vremeto-vo-jna-sluzhev-vo-titova-garda-vo-belgrad-tamu-ja-zaprosiv-soprugata-17.jpg

Ве фаќа ли носталгија по тие времиња?

Да, ме фаќа носталгија. Јас сум голем југоносталгичар, Титов војник.

Да можам, би ги вратил тие времиња.

branko-od-skopje-za-vremeto-vo-jna-sluzhev-vo-titova-garda-vo-belgrad-tamu-ja-zaprosiv-soprugata-02_copy.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Зоран Спасов - Ѕоф, урбан скопски лик: „Скопје не би било исто без шармот на оние кои денес имаат по... „Во 2012-та дома го прогласивме Тито за светец и секој 25-ти мај ја славиме слав...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...
Роки од бендот на Тоше: „Со него не ни требаа проби, без грешка пееше од прва - ќе беше светска ѕвез... „Ми се јави Ристо Вртев од „Архангел“ и ми вели: „Роки, вистина ли загинал Тоше?...
Миро Кацаров за родниот град: „Старата чаршија во Штип ме научи на 'школо' кое нема цена“ „Роден сум во Штип и растен сум во бивша Југославија, каде сите маалски детски и...
Анжелика од Скопје за ракот на дојката: „Се изнаплакав кога ми кажаа, а потоа ги извадив двете гради... „Сама бев појдена на контрола и, искрено, не се сеќавам како стигнав до дома. Се...
Благица Зикова, мајката на штипската четворка: „Трошиме по 25 пелени на ден, бебињата се мирни и спи... „Најтешко ми беше кога бев сама и немаше кој да ми помогне, па морав да ги храна...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg