Александар од Битола слика фрески и икони: „Ликот на Христос првпат го нацртав на 4 години“
- Детали
- четврток, 27 февруари 2025
„Првиот портрет во боја ми е од Тоше Проески и тоа насликан во 2013 година - дотогаш цртав само со молив. И мојата првата самостојна изложба беше во чест на Тоше, а досега го имам насликано на преку 70 слики“, вели за CRNOBELO.com битолчанецот Александар, кој уште од дете слика и портрети и ликови на светци.
Александар Поповски (32) од Битола целиот свој живот се занимава со уметност. Тоа му е единствена работа која а познава и која ја работел.
Слика и икони, понекогаш и портрети, а голема инспирација му е Тоше Проески, чиј лик досега го насликал преку 70 пати.
Но, Александар слика и фрески во црквите низ Македонија и вели дека одговорноста е секогаш најголема кога се црта ликот на Исус Христос.
За своите почетоци, но и за сликањето икони и фрески, тој ни раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:
Кога почна да се занимаваш со сликање? Кој го откри твојот талент?
На 4-годишна возраст, ми било досадно на гости, па братучетка ми ми дала лист и молив и јас го прецртав Христос од икона.
Тоа е првиот цртеж што сум го направил и кој сè уште го чувам дома.
Дали од самиот почеток сликаше портрети (и тоа со умешност како сега) или имаше друг фокус, а портретите дојдоа подоцна?
Прво започнав со икони, потоа со портрети.
Мора да признаам дека и до ден денес најмногу ме исполнува сликањето портрети и икони.
Јавноста, ми се чини, дозна за тебе кога почна да го црташ ликот на Тоше. Колку вакви слики имаш направено, има ли некоја од нив во музејот на Тоше во Крушево или во домовите на неговото семејство?
Првиот портрет во боја ми е од Тоше Проески и тоа насликан во 2013 година.
Дотогаш цртав само со молив.
И мојата првата самостојна изложба беше во чест на Тоше.
Досега имам направено повеќе изложби во негова чест и преку 70 портрети.
Дел од нив се во спомен куќата на Тоше, но и во многу домови ширум државата и соседните земји.
Ти сликаш и фрески во цркви. Раскажи ми повеќе за тоа - колку е самото цртање фрески различно од сликањето уметнички слики, па дури и икони?
Првпат почнав да работам фрески, исто, во 2013 година, како помошник на еден од подобрите зографи во тоа време.
Од него научив многу и можам да кажам дека е сосема различно од класичната уметност.
Има правила и граници кои имаат големо духовно значење и ми требаше подолго време да се приспособам на тоа.
Но, сличноста со сликањето икони е многу блиско, само што се користат малку поразлични техники.
Пред колку време почна да сликаш фрески? Во кои цркви (или каде низ државава) си го правел тоа?
Имам сликано фрески во повеќе цркви околу Битола, но најмногу ми значи тоа што има дел од мене во манастирот „Свети 40 маченици“ во мојот роден град, а кој е познат како Кркардаш.
Тоа е местото со најубав поглед кон цела Битола и место каде што поминав голем дел од моето детство.
Колку време е потребно да се наслика една фреска? Што е најважно при нејзиното сликање, но и какви бои се користат за фреската да биде долготрајна, да не се уништува од забот на времето?
За да се наслика една фреска пред сè е потребно бара трпение, иако сликањето на ѕид е малку побрзо од сликањето икона или слика.
Секој светител си има своја приказна и е најдобро додека се слика фреска или икона, да се чита житието на светителот.
Но, најважниот дел е молитвата без која нема смисла процесот на работа.
Тежината на сликањето фрески може да биде екстремна и најмногу зависи од условите – екстремно топли температури, ниски температури, грубо сработени ѕидови.
А делот кој е најекстремен е височината на која се наоѓаш додека сликаш, кога се работи за голема црква, и тоа бара голема претпазливост и концентрација.
Се користат пигменти кои гарантираат долг век.
Па сè додека има добри услови, нема многу влага и нормално, ѕидовите на црквата да се добро сработени – работата е многу полесна.
Дали луѓе ти бараат да им насликаш икони за дома, или и иконите ги правиш првенствено поради себе?
Пред сè иконите ги работам за свое смирение, без разлика дали се за мене или некој ми има нарачано.
Тоа ми е работа и со тек на време се научив да се разделувам со своите дела, затоа што е себично уметноста да ја чуваме само за себе.
Главната суштина на уметноста, според мене, е пораката која ја шириме и носиме одговорност за секое наше дело.
Живееме во време каде што е наметната негативна емоција преку уметноста, а ние како народ сме со богата духовна и уметничка историја и треба да ги негуваме тие вредности кои ни се голем дар од Бога.
Кој лик на светец ти е најтежок да го претставиш веродостојно?
Дефинитивно одговорноста и предизвикот е најголем кога се слика Христос.
Но, мислам дека тежината или леснотијата на работата зависи од нашата внатрешна состојба – ако сме смирени и веруваме во Него, ништо не е тешко.
Дали освен сликањето, реставрираш фрески?
Не, но се надевам дека во иднина и за тоа ќе дојде ред.
Погледнете повеќе фотографии од работата на Александар:
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





