Сергеј Четковиќ за CRNOBELO: „Романтичен сум, правам љубовни гестови кои се налик на сцените од старите филмови“
Дали е вистина дека и по скоро 3 децении на сцената имате трема пред да излезете пред публиката на концерт?
Не само пред концерт. Јас и кога ќе видам камера да ме снима, се смрзнувам како зајак кога ќе застане пред фарови.
Точно, имам трема, ама не таква за да не знам што би правел со себе, или да доживеам анксиозност која е невозможно да се контролира, која ќе ме „протресе“.
Повеќе е трема во смисла на одговорност кон она што го работам, бидејќи сепак треба да излезеш пред луѓето, да бидеш фокусиран, да дадеш сè од себе, да испееш добро и на крајот - и да кажеш нешто паметно.
Од тој аспект, да, постои трема.
Но, штом стапнам на својата територија, станувам потполно опуштен и релаксиран.
Па уште кога ќе ја видам публиката, нивните лица, расположението ми се менува и јас сум, што би рекле старите - на коњ.
Се сеќавам, пред многу години на ваш концерт во Универзална сала, на сцената дојде дечко што сакаше да испее рефрен со вас, а остана на 3-4 песни, почна и да свири... Имате ли често вакви ситуации?
Да, постојано се случуваат вакви работи. Јас сум од оние кои сакаат да ѝ дадат шанса на својата публика, тие 2 минути што би излегле и испеале нешто да ги поделам со нив.
Колку и да сум јас, ајде да кажам така, ѕвезда на вечерта, сметам дека треба да им отстапам простор да покажат што знаат.
И ако се сеќавам добро, момчето што тогаш излезе да пее беше баш добро, па затоа го пуштивме да пее толку долго.
Бидејќи сте „домашен“ и доаѓате често кај нас, имате ли места кои ви се омилени за пиење кафе, за јадење?
Македонија е позната по невиденото гостопримство и можам слободно да го споредам со гостопримството во Црна Гора, затоа што сме и ние такви - кога ќе ни дојдат гости даваме сè од себе да им угодиме и да им е убаво.
Јас во Скопје, па и низ земјата, имам многу пријатели, па кога и да дојдам тука, тие секогаш ме водат и на нови места, но и на места каде што има добра храна.
Меѓу омилените места ми се Intermezzo, Воденица, некои култни места во градот, во кои одам со години.
Велите, пријателите од Скопје ве водат насекаде кога ќе дојдете тука. Но, дали некогаш ве прошетале низ Старата чаршија, на Водно, Матка - места кои туристите ги обожаваат?
Па да, кога останувам подолго од еден ден, знаеме да отидеме и на тие места.
Минатиот пат кога дојдов, баш се шетавме низ чаршија, ме водеа на баклави кои беа многу вкусни.
Всушност, колку имате можност да видите не само од Скопје, туку и од градовите што ги посетувате кога одите на концерти?
Не често, но, се случува кога сум подолго време на некое место, да се прошетам.
Природата на мојата работа е да бидам на различно место секој ден, што се вели.
Постојано сум во автомобилот, во петта брзина, па и не останува време за туристичка прошетка.
Ми се случувало да треба да пеам во некој европски град, па да слетам, вечерта да пеам и следниот ден веднаш да фатам авион за назад - ги гледам само местото каде што настапувам и аеродромот.
Но, со годините доаѓа некаква зрелост, малку памет, јас в година ќе полнам 50 години, па сега веќе пробувам да го забавам темпото, да си дадам простор да останам некаде барем еден ден, да видам некоја знаменитост.
Многу сте блиски сте со Јелена Томашевиќ, Иван Босиљчиќ, Александра Радовиќ... Често споделувате фотки од вечерите поминати заедно, но како изгледаат тие вашите дружења зад затворени врати?
Ние цело време се смееме, старите велат „како луд на брашно“.
Се трудиме да го сочуваме пријателството кое трае толку многу години.
Сметам дека во денешно време е непроценливо да имаш пријатели, да се смееш со нив.
Па, кога сме заедно, постојано се шегуваме, раскажуваме анегдоти, се глупираме... Јас многу сакам да им правам „зврчки“ на своите пријатели.
Се случува да ги изненадам со некој повик, или да се скријам во плакар и кога ќе влезат во просторијата да „излетам“ и да ги исплашам. Многу ни е интересно, верувај.
Кога ќе се собереме, знаеме да се смееме без престан, а Јелена Томашевиќ да се прекрсти и да каже „само нека е на добро волку смеење“.
Фала му на Бога што имам вакви убави и добри пријатели, тоа е сè што можам да кажам.
А каков е Сергеј кога никој не го гледа?
Луууууууд (ха-ха). Се трудам да бидам што е можно поопуштен и не му дозволувам на детето во мене да порасне.
Ако станам премногу сериозен, и сите овие мои шеги и шегички за кои ти раскажав, ако ги тргнам на страна, тогаш тоа веќе нема да е тоа.
Дали можеби детето во вас беше една од причините да почнете да ја креирате цртаната серија „Лола и Мила“, посветена на вашите две посвоени ќерки?
Да, тоа е дефинитивно една од причините.
На почетокот беше многу интересно, бидејќи тие не беа свесни дека тоа е цртан филм за нив. Како што растеа, така осознаваа за што станува збор.
Најчесто, кога ќе ги препознаеја на улица, во парк, додека шетавме - им беше чудно што деца одат по нив и велат „Еве ја Лола, еве ја Мила. Дали сте вистински или сте од цртаниот филм?“.
Инаку, Лола е веќе средношколка, и некои другари ја зафркавале, ѝ ја пуштале песната од цртаниот.
Таа си дојде дома нервозна и ми рече: „Избриши ги сите епизоди, не сакам веќе да бидам Лола од цртаниот филм“.
Интересно беше да се поминат сите тие фази од нивното детство до сега.
Кога беа мали не можеа да сфатат со што се занимава тато и зошто му приоѓаат луѓе.
Кога Лола беше мала, трчаше по мене, плачеше и пробуваше да ме спаси од обожавателите.
А сега кога е веќе голема, трча пак по мене, ама ми вели: „Те молам немој да заборавиш да му дадеш автограм на она девојче, те чека одамна“.
Баш е грижлива и внимателна во однос на оние што ја сакаат мојата работа.
Неколку дена пред скопските концерти ќе прославите 26 години во брак со сопругата Кристина. Дали сте романтичен, ќе ѝ подарите ли нешто, како ќе го одбележите денот?
Леле, добро ме потсети, 26 години брак, треба веќе да почнам да се подготвувам за тоа.
Мислам дека подарокот како подарок најмалку значи.
Повеќе значи вниманието, јас, ете, на пример, сакам да напишам некоја песна, некој стих. Признавам, романтичен сум.
Јас ги живеам тие сцени од филмовите со кои растевме, сцените од некои од најубавите романси на 20 и 21 век.
На сите тие љубовни гестови гледам низ призмата на некои филмски сцени и сакам тоа што ќе го направам да остане, да се памети.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_111190_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_107906_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_113710_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_107759_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_112024_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_109834_400.jpg)