Сергеј Четковиќ за CRNOBELO: „Романтичен сум, правам љубовни гестови кои се налик на сцените од старите филмови“
- Детали
- среда, 05 февруари 2025
„Приватно сум луууууд (ха-ха). Се трудам да бидам што е можно поопуштен и не му дозволувам на детето во мене да порасне. Ако станам пресериозен и ако престанам да се шегувам, тогаш веќе нема да сум свој“, вели во пресрет на скопските концерти за CRNOBELO.com Сергеј Четковиќ.
Неговиот глас повикува на романтика, а песните му се толку љубовни, што не можете, а да не се стопите додека го слушате како пее.
Иако во јавноста понекогаш остава впечаток на воздржаност, Сергеј Четковиќ, е всушност едно големо дете кое не сака да порасне, маж секогаш расположен да се пошегува со пријателите, но и татко - заштитник на своите ќерки.
Иако често доаѓа кај нас, што на настапи во клубови, што на приватни забави, Сергеј конечно ќе одржи два големи концерта во Скопје, на 21 и 23 март, во Македонска филхармонија, и тоа по повеќе од една деценија.
Во пресрет на концертите, со црногорскиот пејач направивме интервју за CRNOBELO.com, а пред разговорот ми вели:
„Постојано сум некаде. Ама, ми требаат 2 дена да се ресетирам. Ќе тркнам до Италија, до Црна Гора да се видам со моите, со пријателите и веднаш сум како нов“.
Прочитајте го интервјуто со Сергеј Четковиќ:
Често сте во Скопје, но овој пат не со еден, туку со 2 големи концерти, кои ги организира Евентум. Каде ви е поубаво чувството кога пеете - во голема сала со илјадници луѓе, во клуб со поинтимна атмосфера или на свадба, каде им ја пеете првата песна на младенците?
Сè зависи од ситуацијата и сè има свој шарм. Често пеам на свадби и многу сум среќен што имам можност да бидам дел од најубавиот момент во животот на многу парови, што мојата песна може да се слушне и на неа да се одигра првиот танц.
Од друга страна, најубаво се чувствувам во помалите, поинтимни простори каде што публиката е пред мене, а јас можам да бидам свој на своето.
Сметам дека и јас и мојата музика се вклопуваме најдобро во такви простори.
Годинава се навршуваат 26 години од почетокот на вашата соло кариера. Во сето ова време, беше ли тешко да останете доследен на себе, на тоа што го работите?
И покрај сите искушенија и работите што ги носи ова време, сепак не ми беше тешко да останам свој.
Јас и понатаму се движам по патот што си го зацртав пред четврт век и немам намера да скршнувам од него.
Сметам дека поради довербата што ја добив пред 25 години да бидам таму каде што сум, да се занимавам со оваа работа, да ги пеам сите тие песни кои мојата публика ги сака - јас немам право да направам нешто поинакво, нешто лошо и сосема спротивно од сето она што тие го очекуваат од мене.
Низ годините имаше секакви идеи, во смисла на некакви соработки, но секогаш гледав тоа што го работам да биде компатибилно и со она што го чувствувам и што го прави мојата музика.
Фала му на Бога, досега не сум направил ниеден кикс.
Работите се движеа како што треба и многу сум среќен што мојата музика остана чиста и нерасипана, а јас сум свој на своето.
Пред својот прв настап на „Сунчане скале“, вие пеевте народни песни на своите свирки. Како изгледа кога Сергеј пее „народњаци“?
Некој вели добро, ама не се гледав себеси во таа сфера.
Но, сакам и јас понекогаш да кренам раце кога ми е убаво и кога сум со пријателите.
Кога си пејач и ќе отидеш на некоја свадба, слава, роденден, каква и да е прослава, сите гледаат во тебе и те прашуваат кога ќе запееш.
Ми велат: „Ајде сега ти почни“.
Ако во таква ситуација земам микрофон, имам неколку свои омилени песни кои добро ги знам и кои добро ми лежат, па почнувам да ги пеам.
Тука се неколку песни од Харис Џиновиќ, Тозовац, некои стари добри песни од Тома Здравковиќ.
А понекогаш пробувам да испеам некоја добра македонска песна - велам пробувам, затоа што сметам дека само Македонците можат да ги пеат македонските песни.
Вие сепак испеавте една наша песна со браќата Тавитјан, како дел од нивниот албум „Македонското срце чука во 7/8“...
Да, тоа беше убав проект во кој учествуваа повеќе мои колеги од поранешна Југославија.
Сите пеевме стари изворни песни, а мене ми припадна честа да ја испеам „Градел Илија манастир“, а јас го дадов својот максимум за тоа да звучи добро.
Има една анегдота од пред снимањето на песната, кога Гаро и Диран ми испратија снимка на која пее еден мој колега од Македонија.
Ми велат: „Ова е демото, вака треба да звучи“.
Си помислив: „Како демо, па ова е феноменално. Нема потреба јас да ја пеам песната, никогаш во животот нема да можам ја испеам вака“.
Но, се потрудив најмногу што можев и мило ми е што мојата верзија на таа песна се слуша и денес.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_111190_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_107906_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_113710_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_107759_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_112024_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_109834_400.jpg)