Интервју со ветеринарот Ванчо Јосифоски: „Миленик со дијареа не се носи по 3 дена и лекови не се гуглаат на интернет“
- Детали
- понеделник, 10 февруари 2025
„Знам некои сопственици сакаат цело време да имаат чист миленик, но со често бањање кај кучињата ја уништуваме PH на кожата и таа ќе биде понеотпорна на бактерии. Уличните мачки може да се затрујат од антифриз, а домашните од саксиско цвеќе“, вели ветеринарот Ванчо Јосифоски во интервју за CRNOBELO.com.
Ванчо Јосифоски (38) има дипломирано на Ветеринарниот факултет во Скопје и повеќе од 14 години работи како ветеринар.
Тој е оженет татко на две деца и среќен е дека ја работи својата професија од соништата.
За CRNOBELO.com тој споделува детали од професијата:
За луѓето што се вљубеници во животните изгледа како да ја работиш работата од соништата, дали е навистина така?
Уште како ученик во основно училиште сакав да бидам ветеринар, иако моите сакаа да бидам стоматолог, мене ме привлекуваше работата со животни.
Како и повеќето млади, бев спортист и патот ме однесе да играм во клуб во Битола, каде за моја среќа имаше средно училиште за ветеринари и таму започнав посериозно да навлегувам во проблематиките.
Како средношколец за време на распустите волонтирав во повеќе ветеринарни амбуланти, така што ова навистина испадна работа од соништата.
Како ти изгледа еден работен ден, по колку миленици згрижуваш дневно?
Во зависност од тоа која смена сум бројот е различен.
Кога сум прва смена, доаѓам порано во амбуланта и проверувам кои хируршки интервенции ни се закажани и се подготвуваме со колегите.
Во втора смена повеќе имаме прегледи, така што во глобала секој ден е различен во зависност од природата на интервенциите, бројот на миленици е различен. Нема некои правила, некогаш има повеќе, некогаш помалку.
Среќни сме кога работата се состои повеќе во превентива, отколку во лекување.
Како „читаш“ што ги боли, луѓето можат да кажат, но не и животните, колку е тешко дијагностицирањето на состојбите кај нив?
Па, анамнезата најчесто ја добиваме од сопствениците, но и животните интерпретираат симптоми и знаци, кои со тек на прегледот, ни значат како тие самите да зборуваат.
Дијагностицирањето не е секогаш лесно, постојат, исто како и кај луѓето, дијагностички методи и протоколи кои ги следиме и на крај добиваме резултат, некогаш позитивен некогаш негативен, за жал.
Кои се најсериозни операции/зафати што си ги извел досега?
Нашата амбуланта претежно работи интернистички интервенции, односно хируршки зафати најчесто на абдомен.
Најсериозни операции се оние со неоплазии, односно тумори. Самиот по себе туморот е премногу прокрвавен, односно има многу крвни садови и операциите траат и по неколку часови.
Како изгледа породувањето кај мачка? Колку мачиња раѓаат најмногу, колку време по породувањето тие се беспомошни?
Породувањето на мачка, како и кај луѓето, има 2 начина - природно, односно по партусен канал, вообичаено мајката тоа го прави без проблем, а некогаш интервенираме со мала помош т.е извлекување на малечките или со царски рез.
Секако, компликации може да се појават и кај двата случаи.
Најчесто раѓаат по 3-4 мачиња, но има случаи кога со царски рез сме извадиле и по 6.
Малите мачиња се беспомошни првите 2 седмици додека прогледаат, а потоа се вистински ѕверчиња (ха-ха).