Ивона Јо за CRNOBELO: „Не сакав никој да знае дека сум во депресија, а многу сакав да ми помогнат“
- Детали
- недела, 19 јануари 2025
„Ми беше сеедно за моето постоење и тоа беше најстрашното чувство што досега сум го искусила на моја кожа. Родителите не сакав да ги вознемирувам и да им ставам грижи и, верувале или не, мислам дека сега од ова интервју ќе дознаат многу работи“ - вели Ивона Јо за CRNOBELO, откако лани во мај почнала да се соочува со депресија, но сега е многу подобра.
На „Макфест“ ја испеа баладата „Себично“, која на прво слушање делува како љубовна песна. Но, дури откако го промовираше спотот, покажа дека не е така и дека пораката е друга...
Да, „Себично“ е сè - и љубовна балада и борбена молитва за подобар ден.
Песната зборува за интимното патување низ мракот на срцето кое упорно се држи за нешто што најмногу го повредува.
Знаеме дека уништувајќи ја природата уништуваме дел од себе - но сепак тоа го правиме.
Знаеме дека војните носат смрт, страдание и болка - но ние сепак војуваме.
Знаеме дека држејќи се до токсичен емотивен партнер не можеме да бидеме среќни и исполнети, но сепак себично се држиме до него.
Песната е молитва и крик за ослободување на товарот кој го носиме на нас.
Ова себично чување на болката претставува потсетник дека некогаш сме најголемите сопствени непријатели, држејќи се за нешто што ни носи рани, додека копнееме по мирен ден кој може да го донесе само отпуштањето.
Па така, со Весна Малинова и Илија Ќосевски направивме песна за отпуштање на емотивниот товар.
Баш во ваква состојба ме запозна „Себично“ и мене.
Дојде на мојот праг некаде во април 2024 кога бев во навистина лоша ментална состојба - иако скоро никој не знаеше за тоа.
Сега, кога ќе направам ретроспектива сфаќам во колку осамена душевна атмосфера настанала оваа песна.
Зошто реши во видеото да искористиш и снимки од пожарот кој ја пеплоса Универзална сала во Скопје?
Видеото на Универзална сала се користи како симбол на изгубената културна и емоционална вредност, што го носи уништувањето на нешто што претставува заедничка историја, сеќавање и идентитет.
Покажува дека во нашата земја се случаат големи катастрофи и неправди.
Тоа е метафора дека мора да продолжиме напред, да не дозволиме да патиме за нешто што е изгубено, туку да дејствуваме преку борба и мотив за создавање подобра иднина.
Велиш, почетната состојба на депресија е уште една од многуте животни битки со кои се соочуваш периодов. Кога првпат почувствува дека запаѓаш во депресија и кои беа знаците по кои забележа дека нешто не е во ред?
Почетна состојба на депресија, дијагностицирана во мај 2024-та.
Гледав да не ставам толкав голем фокус дека нешто страшно ми се случува - затоа што самиот збор ме потсетуваше на нешто страшно и темно.
Многу ми е тешко да зборувам на оваа тема гласно, но одлучив тоа да го направам за да можам да ги охрабрам сите кои се соочуваат со која било состојба, да погледнат малку поведро и од птичја перспектива колку и да е тешко и да се борат.
Внатрешната борба секој ден нека е ѕвезда водилка за еден подобар светлосен ден.
Секој ден да застане зад себе избори се - иако е најтешко на свет. Да знам.
Првичните знаци беа незаинтересираност за околината, повлекување во себе, одбивање каков било социјален контакт кој е надвор од мојот комфор, седење дома и избегнување светлина, јадење лоша храна, повлекување и верување само на гласот кој внатре не зборуваше баш најдобри работи за мене.
Ништо на светот не можеше да ме развесели, ниту, пак, да ме растажи.
Ми беше сеедно за моето постоење и тоа беше најстрашното чувство до сега искусено на моја кожа.
Насмевката си ја немав слушнато повеќе од 3 месеци.
Мојот свет стана едно сивило во кое не примав никакво парче светлина.
Затоа што мислев дека светлина за мене не постои, дека светлината се откажала од мене.
Без да согледам дека јас сум се откажала од светлината - барем тој период.
27. 11. 2024 извадок од мојот дневник:
Ништо не ми е убаво. За ништо немам мерак. Ги протрчувам работите. Бегам и брзам. Се бранам. Уште ракавици да земам и во ринг да влезам.
Ми пречи работ на фармерките, ми пречи кармин на устата, ми пречи вишокот кожа на стомакот. Нелагодноста на душата. Немам простор во себе за себе. Правам муабет ама едвај, фејк ми е постоењето. Избегнувам.
28. 11. 2024
Ги откажав обврските за денес затоа што не ми е убаво.
И знам, но не можам да се борам.
Ова се извадоци од два дена од периодот кој беше еден од најтешките соочувања со внатрешната Ивона.
Раскажи ми за оваа фаза во твојот живот - како ти се манифестираше оваа состојба? Кому прво му кажа дека нешто не е во ред? Како реагираа најблиските, дали ти понудија помош/совети, пробуваа ли да те „извадат“ од неа?
Мрак и лудило во главата. Постојано незадоволство и бесчувствителност се одликите кои го карактеризираа тој период.
Не сакав никој да знае, а сакав сите да ми помогнат. Не сакав никој да знае, а имав огромна потреба од помош.
Душата однатре се корнеше и веќе сè ѝ беше многу. Никој не знаеше, скоро никој.
Тамара беше постојано тука - пробуваше на сите начини да допре до мене и да ми покаже од птичја перспектива што си правам на сама себе.
Некои денови беа успешни, но некои... воопшто немаше допир до мене.
Моите родители не сакав да ги вознемирувам и да им ставам грижи и верувале или не, мислам дека сега од ова интервју ќе дознаат многу работи.
Што се однесува до причината, не би сакала многу да навлегувам во приватноста и во внатрешноста и на сè она што се случува во мене (сепак некои делови треба да се задржат таму) - но заклучокот од целосната фаза е дефинитивно сопственото незадоволство и бегство од нешто - од кое не можеш да побегнеш - од сама себе.
А како си помагаш самата на себе кога ќе почувствуваш дека те губиш контакт со себе?
После целото искуство мое, после сите години анализа и работа на себе имам една огромна лекција зад себе која ми ја донесе 2024-та.
Кога ќе приметам дека повеќе од 10 часа не сум излегла од дома, не враќам на пораки, не кревам на телефон, само правам интроспекција застанувам и почнувам со анализа.
Вадам лист хартија или белешки на телефон и почнувам да пишувам.
За половина час ги ослободувам емоциите и го наоѓам причинителот.
Самопомошта во најголем број случаи не е успешна.
И сакам да ги охрабрам сите кои се соочуваат со некој симптом од моите горенаведени да разговараат со најблиските, колку и да е најтешко на свет.
Разговарајте и бидете во контакт со себе. Останете во молитва, верувајте и дајте си секој ден по доза љубов на себе.
Првите неколку дена ќе е тешко, после станува полесно, сè дур еден ден не стане пријатно да се сакаш.