Кристијан Стефановски од „Прагма продукција“: „Некои ѕвезди бараат шоферот да не ги гледа в очи“
- Детали
- вторник, 24 декември 2024
„Некои артисти инсистираат да пијат вода само од специфичен светски бренд или да се возат во одреден автомобил, а шоферот да не ги гледа во очи... И нема простор за преговарање - тоа што е обезбедено за нивните концерти во Лондон или Амстердам, мора да биде и за во Скопје или Охрид“, вели Кристијан Стефановски, кој преку 15 години „носи“ балкански и светски музичари.
Кога во 2008 година Кристијан Стефановски ја формирал својата прва продуцентска куќа за организација на концерти, бил млад и се соочил со предизвикот како да им влее доверба на музичарите кај нас и во регионот и да им покаже дека е способен да организира концерт по највисоки стандарди.
Денес, по скоро 16 години, зад себе има стотина концерти низ земјава и низ Европа, вклучувајќи ги настапите на некои од најголемите светски и балкански ѕвезди.
Иако „Прагма продукција“ организирала концерти на Малума, Енрике Иглесијас и Рики Мартин, сепак, вели, концертите на Калиопи и Симон Трпчески организирани неодамна во Скопје, му се најдрагите и на нив е најгорд.
За почетоците, за предизвиците кои ги носи оваа работа, за (не)реалните барања на некои од светските ѕвезди и кој артист собрал 60.000 луѓе на концерт во нивна организација, прочитајте во интервјуто за CRNOBELO.com:
Повеќе од 15 години си дел од македонскиот музички бизнис, прво со План Б, сега со Прагма продукција... Луѓето знаат што работиш, т.е кои концерти ги организираш, но не знаат кој си... Кој е Кристијан Стефановски?
Кристијан Стефановски е човекот зад сцената, оној што го поврзува светот на музиката со македонската публика.
Моја главна цел е секој концерт што го организирам да биде искуство за паметење, а тоа подразбира многу повеќе од само носење некоја ѕвезда во Македонија.
Јас сум перфекционист кога станува збор за звук, атмосфера, продукција, но, пред сè сум личност која вистински го сака она што го работи.
Како почна приказната со План Б, а потоа и со Прагма продукција?
Приказната со План Б започна во 2008 година и тоа беше основата, почеток на едно патување што беше исполнето со предизвици, но и со многу учење.
Почнавме со ентузијазам, без многу искуство, но со огромна желба да покажеме дека Македонија заслужува врвни музички настани.
Отсекогаш знаев што ќе работам. Најпрво почнав да работам како диџеј, што ми помогна да го разберам пулсот на публиката и што значи да создадеш атмосфера.
Потоа се префрлив на менаџерската работа, бидејќи сфатив дека повеќе ме привлекува продукцијата и организацијата на настани.
Истата таа година се запишав на Драмскиот факултет во Скопје, на отсек продукција, што беше клучно за мојот развој.
Прагма продукција е еволуцијата на тој сон - професионален пристап и долгогодишно искуство што денес ни овозможува да работиме на највисоко можно ниво.
Колку беше тешко во 2008 да се докажеш, да ти веруваат прво македонските музичари, а потоа и балканските, дека ќе им организираш добар концерт, полна сала, одлично озвучување?
Многу тешко. Да стекнеш доверба кај артистите и менаџерите на само 17 години, без никаква поддршка и позадина и да те сфатат сериозно во време кога македонскиот музички пазар беше мал и со ограничени можности - беше огромен предизвик.
Патот беше исполнет со многу препреки кои морав сам да ги поминам.
Секој чекор беше предизвик - од тоа да убедам еден артист дека можам да организирам добар концерт, до тоа да обезбедам соодветна сала и озвучување.
Потребно беше многу труд и посветеност за да изградиме доверба и кај домашните музичари и кај регионалните ѕвезди.
Се работеше со планирање, логистика и најважно - исполнување на сите ветувања.
Кој беше првиот концерт што го организиравте со брат ти Игор? Раскажи ми некое сеќавање поврзано со него?
Првиот голем настан што го организиравме беше фестивал во Охрид во 2007 година, со имиња како Роџер Санчез, Давид Моралес и Ministry of Sound.
Тоа беше огромен предизвик за нас - од организација, преку логистика, па до координација на целата продукција.
Иако бевме на почеток, успеавме да го поставиме фестивалот на високо ниво и да привлечеме голем број посетители.
По овој успех, приказната продолжи со настапи на романските изведувачи Инна, Морена и други, а кои во тој период беа многу популарни.
Тоа беа искуства што ни помогнаа да ги поставиме темелите за понатамошната работа и да стекнеме самодоверба за уште поголеми проекти.