Мила ја живее својата есенска бајка во Орешани - со чајчиња со цимет, верверички и зимница (фото)
- Детали
- сабота, 16 ноември 2024
„Според мене сите годишни времиња е поубаво да ги доживееш на село отколку во град, меѓутоа есента на село е нешто специјално, има некоја посебна магија“, вели Мила од Скопје, која периодов ужива во правење зимница, печење тиква и излежување со своите миленици покрај каминот, додека огнот пуцка во него.
Мила, фриленс фотограф oд Скопје, со сопругот Дарко, ИТ инженер кој претежно работи онлајн од дома, исто така од Скопје, одлучија главниот град да го заменат со живот во викенд населбата Орешани, која се наоѓа на само 5 минути пешачење од истоименото село, кое брои 600 жители.
Мила во една пригода за CRNOBELO.com изјави дека викенд населбата е помирна од селото и дека таму со Дарко го пронашле својот мир. Тие си имаат своја градина од која се хранат, руралната идила ја делат со милениците и гледаат колку што е можно поретко да го посетуваат Скопје, дури и намирници набавуваат онлајн, а маркетите им вршат достава.
Овој пат тие за CRNOBELO.com го „отвораат“ својот дом во есенско издание.
Мила ја живее својата есенска бајка со чајчиња со цимет, тикви, верверички и зимница, а со својот објектив успешно ги доловува малите, но големи мигови од нејзиното секојдневие.
За тоа каков е животот на село на есен, Мила вели за CRNOBELO.com:
„Според мене сите годишни времиња е поубаво да ги доживееш на село отколку во град, меѓутоа есента на село е нешто специјално, има некоја магија што остатокот од годината не може да ја долови.
Градината влегува во фаза каде што самата се одржува и не зависи од моја константна интервенција, можам да седнам на сончево место (без да ми биде жешко и да се борам со комарци) и во тотален мир и тишина да гледам буквално како лисјата паѓаат.
Есента е мое време, есента ми е време за надополнување на енергијата, есента на село е најблиску што можам да стигнам до зен состојба.
Есента на село ми е време за прошетки и уживање во пејзажите...
Есента на село ми е време за восхит кон деталите...