Јован Јованов за CRNOBELO: „Во Канада немам пријатели како тука, но државата има свои предности“
Дамјан од „Магија“ седи со нас на масава, па морам да те прашам, освен со него, дали контактираш со Дони и Зоки, т.е со останатите членови на групата? Сте размислувале ли за тоа барем еднаш да се обедините и да имате заеднички настап?
Не дека не би сакале, но малку е тешко, бидејќи јас живеам во Канада, а Зоки е во Астралија, па никогаш не сме заедно во Македонија во исто време. Тој доаѓа летно време тука, јас наесен.
Да бевме сите во Скопје, мислам дека одамна ќе направевме некоја нова песна или преработка, дефинитивно.
А комуницирате ли и понатаму... знаеш ли каде се сега тие?
Со Дони не се гледам често, а со Дамјан се дружам многу.
Со него сум нон-стоп во контакт и кога сум во Канада. Заедно правиме понекогаш песни, заедно работиме на проекти, сè уште сме авторски тим.
Инаку, Дони работи во компанија за рент-а-кар, но работи и со Симон Трпчески.
Зоки снима музика во Австралија и си има бенд со кој настапува таму.
По скоро една деценија во Канада, се навикна ли на животот таму?
Се навикнав, не дека не.
Од аспект на тоа дали имам пријатели како што имам тука - немам, но завлезен сум во тамошниот начин на живот, па си терам.
Која е најубавата работа поврзана со животот во Канада?
Многу ми се допаѓа системот, а и организацијата на самата држава ми се допаѓа повеќе од овде.
Средено е, поопуштено, помалку нервози, се чувствуваш послободно, секој си ја брка својата работа, никој не се замара со тебе, ги нема оние напнати озборувања, коишто ги има овде.
А што ти е најнеубаво?
Тоа што животот е премногу скап. Колку и да заработуваш - многу ќе трошиш.
Таму цело време се чувствуваш дека трчаш по успех, по пари...
Имаш ли омилени места на кои ги шеташ луѓето од Македонија кога ќе ти дојдат на гости?
Да, нормално, имам омилени места - омилени ресторани, кафулиња, области во Торонто кои не се толку „Туристички“, а каде што се чувствувам убаво.
Сите гости што ми доаѓаат сакаат да одат на Нијагара и да ги видат водопадите, сакаат да ја видат познатата CN Tower, да се качат на високо и да го видат цел град оттаму - тоа се некои стандардни работи кои се познати за Торонто.
Но, има и некои локални места, на пример Distillery District е многу убава област и секогаш им препорачувам да го видат и тој дел.
Каква е земјата за живот со деца, во смисла на образовен систем, безбедност, услови за живот. Колку е твојата ќерка среќна и задоволна таму?
Вака, во однос на безбедност, земјата е навистина многу безбедна, мирно е, не се плашиш за своето дете.
Мојата ќерка има 12 години и неколку лета помина во Скопје, кај мајка ми.
Седеше по два месеца кај неа, па го знае животот и тука и во Канада.
Но, кога ќе ја прашам кај ѝ е поубаво, повеќе ѝ се допаѓа Канада, најверојатно затоа што е порасната таму.
Таа сака средени работи и кога ќе дојде во Македонија стално се чуди колку е сè хаотично, особено во сообраќајот, се чуди како луѓето паркираат на тротоари, на пример.
Не знам, можеби кога ќе порасне ќе има друго мислење.
Колку често доаѓаш ти во Македонија?
Доаѓам барем еднаш, и тоа на есен. Си го темпирам времето да сум тука за Макфест. А и не би доаѓал летно време.
Во 2019 година бев тука на лето, во јули и август, и реков дека веќе нема да доаѓам во тој период.
Прежешко е, не можеш да излезеш, не можеш да се видиш со пријателите, зашто многу од нив се по одмори и затоа решив да доаѓам на пролет или на есен.
Тоа што се пресели, не значи дека се откажа од кариерата. На што работиш во моментов?
Работам и со музика, но и со фотографските студија што ги имам.
Соработувам со многу музичари од Канада, но и од Македонија.
Во однос на музиката, пак, иако беше поодамна, ќе спомнам дека со брат ми бевме номинирани како интернационални артисти на Hollywood Music and Media Awards, како хит од Канада.
Во фото-студијата имам луѓе кои работат за мене, но повремено и јас сликам, бидејќи имам искуство со видеографија, но тоа не ми е приоритет.
Кој совет би му го дал денес на 15-годишниот Јован да можеш да се вратиш назад во времето?
Веројатно би му кажал дека ако сака да прави кариера надвор од Македонија да си замине тогаш, да не чека.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело