Успешни мајка и ќерка: Катарина има врвни тениски успеси, а мајка ѝ Слаѓана е жена претприемач
- Детали
- понеделник, 04 ноември 2024
„Мојата мајка е столбот кој стои зад секој мој успех. Таа при моето растење секогаш се грижеше да јадам здраво, да стигнам на време на секој тренинг и нè мотивираше од рана возраст, мене и моите две сестри“, вели Катарина Маринковиќ (25) од Скопје, која е на мастер студии по Eвропска политика.
Катарина Маринковиќ (25) од Скопје, со српско потекло, моментално e студент на втора година мастер студии по Европска политика, на програма која ѝ овозможила да студира во Прага, Краков и Барселона.
Додипломски студии завршила на „Универзитетот Џорџ Вашингтон“ во Вашингтон, со двојна диплома (double major) во политички науки и меѓународни односи.
За време на студиите во Америка била дел од тенискиот тим кој се натпреварувал во првата американска дивизија и добила многу награди вклучувајќи „најуспешен бруцош“, како и први места на многу тениски натпревари.
Најголем идол, инспирација и ветер во грб во животот вели дека ѝ е нејзината мајка Слаѓана Маринковиќ (57).
Таа, покрај на Кате, е мајка на уште две успешни ќерки: Мина - доктор специјализант по пластична хирургија и Нина - студент по право во Белград.
За CRNOBELO.com Катарина споделува:
„Освен во Америка, со тенисот активно се занимавав и во Македонија и Европа – бев државен шампион во сите македонски категории, а се котирав високо и на европските ранг листи.
Интересен факт е што зборувам 5 јазици – македонски, српски, англиски, германски и француски, а моментално учам шпански.
Активна сум на полето на меѓународни односи, па така бев официјален посетител во Европската Комисија и Советот на ЕУ, каде ги дискутиравме односите ЕУ – Балкан.
Се надевам дека мојата идна професија ќе е во полето на дипломатијата.
Мојата мајка Слаѓана е жена претприемач, која сама, и со многу љубов го осмисли и реализираше концептот на кафулето „Paname“.
Таа секојдневно е посветена на пружање врвна услуга на гостите, и придонесува овој локал да биде катче кое ја разубавува Ленинова улица и овозможува мало бегство од реалноста.
Парискиот дух на кафулето го одржува со вложување на многу труд и креативност во сите најмали детали – од подготовка на пијалаците и јадењето, до сервирањето, организирањето настани и декорирањето на Панаме во склад со годишните сезони.