Миро Кацаров за борбата со анксиозноста: „Од дружељубив, станав плашлив и себичен човек кој не верува никому“
Дали тоа беше една од причините што реши да се вратиш?
Да, се вратив поради паничните напади. Последните две недели додека бев во Дубаи, ми сметаа звуците.
И тоа секакви звуци - на автомобилите, на климите што бучеа, и затоа се затворив дома. А живеев во пентхаус во Дубаи Марина.
Немав план да си дојдам во Македонија, но стварно веќе не знаев што да направам за да го променам тоа чувство на анксиозност.
Лековите што ги пиев ми ги прати мајка ми по авион, одев на аеродром да ги земам.
Читав форуми и многу луѓе таму пишуваа дека треба да се смени нешто во животот, или да им се доближиш на саканите луѓе за да ти дадат и покажат љубов која ти е многу потребна.
И тогаш сфатив дека парите не се најважни во животот, не се ни автомобилите, ни храната.
Ако живееш во 500 квадрати и си несреќен, а некој живее во 50 квадрати и е среќен, јас сега би одбрал да сум овој вториот.
Многу често луѓето не го препознаваат тоа, но кога ќе им се случи некоја работа што ќе им го смени животот, тогаш сфаќаат дека е најважно да се среќни.
Оние што имаат анксиозност времето најчесто го поминуваат дома, не излегуваат, но јавно им препорачувам да пробаат да се соочат со стравот, да се борат со него.
Тоа е страв кој не постои, тоа е измислен страв.
Дали луѓето во твојата околина препознаваа кога имаше паничен напад или дека нешто се случува?
Знаеја дека нешто не е во ред, зашто јас ослабнав. Но, се криев. Сите луѓе се кријат кога имаат паничен напад.
Затоа и не одат на концерти на кои има 5.000 луѓе, бегаат од гужви, се кријат дома.
Страв им е ако имаат напад да не паднат во несвест, да не им се случи нешто лошо.
Тоа е борба сам со себе. Те јаде однатре, многу е подмукла болест.
Ти не можеш да препознаеш дека имам напад освен ако не сменам боја, не пребледам во моментот.
Инаку, внатре никогаш нема да препознаеш што ми се случува.
Ти играат нервите, ти се изростуваат сите сетила, ти игра сè во тебе.
Дали тоа престана кога се врати во Македонија?
Не, не престана додека не почнав сам да го контролирам. Не ми помогна ни психијатар, ни психолог. Тие ми советуваа сам да ги контролирам нападите.
Ми препорачуваа да сум цело време со блиските, да јадам здрава храна, да спортувам, да не се изложувам на психотропни супстанции - алкохол, цигари, наркотици...
Хелексот малку ме смируваше, но не целосно.
Кога почнав сам да ги препознавам тие бранови, кога сфатив дека доаѓа и си оди и дека од тоа не се умира, тогаш ми стана полесно и почна да ми биде подобро.
Ти и денес живееш со анксиозност... како е да се живее со оваа состојба?
Лошо, стварно е лошо. Јас паднав и физички, но и психички. Го загубив фокусот на работа, престанав да се дружам со луѓе.
Јас, кој бев темпераментен, друштвен, мирољубив човек, одеднаш се сменив. Не постоеше тој Миро.
На негово место се појави Миро кој е плашлив, себичен, дефокусиран, кој не им верува на луѓето.
Почнав да ги мразам сите, зашто другите беа посреќни од мене.
Сепак, мора да кажам и тоа дека анксиозноста ме научи на ред и дисциплина и ми покажа дека не треба да мислам дека сум непобедлив, дека треба да сум добар со луѓето, а не да ги омаловажувам, ме смени на подобро.
Мислиш ли дека со тоа што зборуваш на оваа тема, а си јавна личност, на некој начин можеш да им помогнеш на други кои се соочуваат со истото?
Откако првиот пат проговорив на оваа тема, чинам тоа беше во поткастот на Лазаров, добив многу пораки на Фејсбук. На дел од нив успеав да одговорам, но многу останаа неотворени.
Во тоа време некој ми го хакна профилот и јас го изгубив пристапот до Фејсбук и не успеав да вратам на пораките, па луѓето сигурно мислат дека ги игнорирам намерно.
Едно време имав идеја да организираме панел дискусии, каде Панчо од ДНК, Милена Антовска од Канал 5, Миа Костова, јас и некои други би зборувале за своите искуства со анксиозноста, да им се даде поддршка на луѓето кои мислат дека се во безизлезна ситуација.
И мене ми е тешко, ама сигурен сум дека може да се најде решение за сè.
И верувам дека полесно ќе ги прифатиш работите кога ќе ти ги каже некој што поминал низ истото, а не доктор.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело