Проф. д-р Сефиданис од Охрид: „Го направивме првиот хуманоиден робот кај нас - проектот чини над 100.000 евра“
Колку луѓе работеа на програмирањето? Колку време требаше да се програмира?
Неколку години траеше програмирањето, со тим од десеттина софтверски инженери, магистри и доктори на наука од ИКТ областите.
Дали роботот ќе биде изложен некаде и за што би можел да се користи?
Сефиданис® хуманоидот веќе беше претставен бројни пати пред домашната и меѓународна публика, и е сè уште достапен за севкупната јавност во канцелариите на Друштвото за истражување и развој Сефиданис, секој работен ден на адреса „Булевар Македонски Просветители“ бр. 36 во Охрид.
Роботот досега, меѓу другите, го посетиле и министерот за информатичко општество на Македонија Наим Бајрами, конзулот на Република Србија м-р Михајло Филев, претставници од инспекторат за квалитет на образование на република Турција г. Камил Мелих Хатај и г. Вејси Бора, Еразмус студенти од Франција, Малта, Украина, Литванија, Романија, Полска и Турција и, секако, студенти, асистенти, доценти и професори од повеќето универзитети во Македонија.
Зошто досега не е направен хуманоиден робот кај нас? Дали имало обиди или е направено нешто слично?
Не сме запознаени за проект при што е успешно реализиран, претставен на јавноста и тестиран целосно функционален и оперативен робот хуманоид.
Но, сакаме да ги охрабриме сите истражувачи од областа на експоненцијалните технологии, како и слободните ентузијасти, да креираат конкурентни иновации на нашите, било тоа да се паметни споменици, роботи или хибриди, со цел да го подигнеме нивото на научната мисла и технолошкиот развој во државата.
Во Сефиданис® стоиме на располагање на сите ученици, студенти, научници, и кој било профил на заинтересирани граѓани, во секое време бесплатно да го споделиме нашето знаење, искуства и решенија за проблемите со кои се соочувавме при реализација на проектот.
Колку чини еден ваков проект? Дали имавте спонзори?
Само набавката на суперкомпјутерот на NVIDIA нè чинеше околу 150 илјади американски долари, и уште најмалку 100 илјади останатите гореспоменати машини, неопходни компјутери, простории, ангажирани лица, лиценци, патенти и останато.
Тешко е да се естимира севкупниот трошок, бидејќи ваквите проекти всушност никогаш не завршуваат.
Последните шест месеци активно работиме на облеката на роботот, првата македонска колекција за „Луѓе и роботи“, која во рамки на брендот Сефиданис® ја изработува универзитетскиот дипломираниот моден дизајнер Ана Митреска.
Магистер Михаил Шишкоски, основач и сопственик на Валео центарот за физикална терапија, ги дефинираше движењата на телото на роботот согласно принципите на биомеханиката на телото на човекот.
Доктор Небојша Баткоски, основач и сопственик на Дентален центар Баткоски, ги изработува забите за првиот македонски хуманоид, со помош на најновата технологија во денталната индустрија на светско ниво, а Мери Бајрамовска, креаторката на Makeup by Meri, се грижи за континуирано одржување за изгледот и естетските аспекти на хуманоидот Сефиданис®.