Матеа од Македонија и Ејдан од Англија се венчаа на Бали: „Наместо да трошиме многу пари за една ноќ, отидовме на патување“

„Во Бали бевме точно 14 дена, плус 2 дена поминавме патувајќи. Летавме од Софија со Qatar Airways и имавме краток престој во Доха. Сите 4 лета заедно траеја околу 28 часа.

Треба да напомнам дека за македонски државјани треба да се извади електронска виза за Бали пред да се патува, којашто трае 60 дена (се издава на веб-сајтот bali.com).

За Англичани и европски државјани, има таканаречена visa on arrival, што ја ставаат на граница без никаква проверка на документи.

matea-od-makedonija-i-ejdan-od-anglija-se-venchaa-na-bali-namesto-da-troshime-mnogu-pari-za-edna-nokj-otidovme-na-patuvanje-03.jpg

Престојувавме во 4 хотели во различни региони, но нашата база за време на целиот престој беа вилите во Japa Bali.

Цената беше пристојна, имајќи предвид тоа што се наоѓаше на централно место и имавме вклучен појадок.

matea-od-makedonija-i-ejdan-od-anglija-se-venchaa-na-bali-namesto-da-troshime-mnogu-pari-za-edna-nokj-otidovme-na-patuvanje-46.jpg

Посетивме доста места, но некои кои сметам дека би биле интересни за сите се следните:

Познатата Monkey Forest – резерват за мајмуни и свето место во Бали.

Мајмуните се пуштени слободно да се шетаат и има голем тим луѓе што даваат информации и се грижат за местото.

Тоа е домот на мајмуните, а ние луѓето сме само гости и нè предупредија да не носиме светкави работи, лични документи и сè што е вредно.

matea-od-makedonija-i-ejdan-od-anglija-se-venchaa-na-bali-namesto-da-troshime-mnogu-pari-za-edna-nokj-otidovme-na-patuvanje-11.jpg

Мајмуните се доста пријателски настроени и дури се фотографираат со луѓето, но ако им се доближиш многу, може да украдат нешто.

Видовме како еден мајмун украде мала жолта чанта од една посетителка, каде што имаше пасош и пари. Локалците ни кажаа дека најверојатно мајмунот помислил дека чантата е банана и затоа ја зел.

Сообраќајот на Бали не е од најдобрите, имајќи предвид дека нема добра патна инфраструктура, па најлесно е да се придвижуваш со моторче. Но, тоа не е најбезбедниот начин, па затоа ние ја користевме такси апликацијата Grab.

matea-od-makedonija-i-ejdan-od-anglija-se-venchaa-na-bali-namesto-da-troshime-mnogu-pari-za-edna-nokj-otidovme-na-patuvanje-5.jpg

Се запознавме со возач што зборуваше многу добро англиски и се понуди да не однесе на некои поскриени места и заради него успеавме да видиме многу места на различни делови од Бали.

За целодневно возење цената беше околу €25-€40 евра, зависи од далечината. Со него бевме во музеј за сребро, каде ја видовме најголемата сребрена статуа на змеј во светот.

matea-od-makedonija-i-ejdan-od-anglija-se-venchaa-na-bali-namesto-da-troshime-mnogu-pari-za-edna-nokj-otidovme-na-patuvanje-04.jpg

Имаше и доста скапоцени камења и рачно изработени предмети од нив. Отидовме и на плантажа за кафе, каде пробавме кафе што го сметаат за највкусно на светот.

Се вика kopi luwak, и процесот на изработка е доста контроверзен – на специфичен вид животни, цивета, им даваат свежи зрна кафе. Тие ги јадат, зрната се ферментираат во нивниот дигестивен систем, потоа се собира нивниот измет и се требат ферментираните зрна кафе.

Ејдан, како љубител на топлиот пијалак, навистина му се допадна кафето.

matea-od-makedonija-i-ejdan-od-anglija-se-venchaa-na-bali-namesto-da-troshime-mnogu-pari-za-edna-nokj-otidovme-na-patuvanje-16.jpg

Заради специјалниот начин на изработка и поддршката на областа каде што живеат животинките, една мала шолја чинеше околу 5 евра, што за централниот дел на Бали е скапо.

Не ги пропуштивме и оризовите тераси, област заштитена од Унеско, заради специјалниот начин на наводнување на оризовите ниви. Тука имаше и многу реквизити за екстремни спортови и слики.

Ја посетивме и Нуса Дуа, ресортна област на Бали, со различни видови водни спортови и спа-центри, дизајнирано за релаксација.

Некои од хотелите таму, за да ја намалат употребата на пластика, наместо чадори за сонце на плажите, имаат посадено големи дрвја кои држат природна сенка.

matea-od-makedonija-i-ejdan-od-anglija-se-venchaa-na-bali-namesto-da-troshime-mnogu-pari-za-edna-nokj-otidovme-na-patuvanje-17.jpg

Како што споменав претходно, луѓето од Бали се доста љубезни. Нивната религија е Балиски хиндуизам, и тие се многу сврзани со природата.

Според нив, човекот треба да е во хармонија со Бог кој го носи во себе, Бог кој го има во сите други луѓе и Бог кој го има во природата. Помагаат на сите, и нивните заедници се доста силни.

Многу од природните места (планини, водопади, реки) ги сметаат за свети и имаат многу волонтерски групи што ги одржуваат чисти.

Тоа не е многу лесно денес, особено со преголемиот број туристи, но ми остави впечаток тоа што не користат многу пластика во секојдневието и користат природни материјали како дрво, сребро, камен за секојдневни предмети.

matea-od-makedonija-i-ejdan-od-anglija-se-venchaa-na-bali-namesto-da-troshime-mnogu-pari-za-edna-nokj-otidovme-na-patuvanje-19.jpg

Тропското овошје во Бали не може да се спореди со тоа што го има во Еврпа. Плодовите се многу вкусни затоа што користат природно ѓубриво и имаат многу разновидни видови овошје и зеленчук.

Оризот се јаде со речиси секој оброк, а за локалците пицата е луксуз. Цените за храна во убави ресторани во Убуд беа доста поевтини од Македонија.

Но, во регионите покрај океанот каде што имаше повеќе туристи цените за сместување и храна беа двојно повисоки.

И покрај тоа што е подалечна дестинација, Бали заслужува да се види. Самиот факт дека луѓето живеат во голема симбиоза со природата и животните и се грижат многу за семејствата и околината е нешто што можеби и ние во Европа треба да го применуваме повеќе“.

Повеќе фотографии од патувањето на Бали и венчавката во продолжение:

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Софија Спирова | Црнобело 



Би можело да ве интересира:

Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...
Тамара Тодевска за врската со Лука: „Внимателен е, грижлив и со многу љубов се однесува кон мене и м... „Лука е непосреден, отворен, забавен, позитивен, сака луѓе и дружење. Многу едно...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Сашо од Битола за животот на Флорида: „Кога си далеку од дома сè ти недостига – но, не знам дали би ... „Бидејќи работев на брод, беше лесно да извадам туристичка виза и да дојдам посл...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg