Матеа од Македонија и Ејдан од Англија се венчаа на Бали: „Наместо да трошиме многу пари за една ноќ, отидовме на патување“
„Бали е релативно мало место и 80% од економијата е зависна од туризмот, па најголем дел од младите избираат да учат и работат во тој сектор.
Услугата е на многу високо ниво, покрај образованието во тој сектор, нивната култура е да се услужливи, мили и никогаш да не грешат.
Кога отидовме во хотелот, еден од менаџерите нè пречека, ни го покажа хотелот и имавме пријатен разговор за нивната култура и традиции, додека чекавме да ја наместат декорацијата.
заради богатата вегетација на островот имаат премногу природно цвеќе, и воопшто не користат вештачко за декорации.
Единствена традиција којашто сакавме да ја имаме е да не се видиме дотерани пред церемонијата.
Додека мене ме средуваа, сопругот се релаксираше и имаше кратка фотосесија. Кога веќе бев готова, дојде фотографот и ми направи кратка фотосесија и мене.
Заедно со фотографот се упативме кон местото на церемонијата, и тој успешно ги долови првите моменти во кои се видовме со свадбената облека.
Следуваше благословена церемонија со балиски свештеник, кој ни ја благослови заедницата и ни посака среќа во бракот.
Си разменивме заклетви кои ги напишавме за време на летот. Тоа беше многу емотивен момент, свет и драг за нас.
Потпишавме и сертификат дека сме во брачна заедница, кој веќе ни е еден од најценетите предмети дома.
Заради различниот јазик и писмо, многу тешко би било да се склучи легален брак за странци во Бали, но тоа не ни претставуваше проблем, важното ни беше да ја почувствуваме таа емоција.
Имавме наздравица, па долга фотосесија и 7-степена вечера.
По вечерата, отидовме во друг хотел од истиот ланец, каде што поминавме 3 дена. Секако, ни недостигаа нашите семејства и пријатели и во наредните денови се слушавме и споделувавме импресии.
Венчаницата ја купив веднаш по свршувачката. Тогаш уште сметавме дека ќе правиме голема свадба и не сакав да губам време.
Бев на проба сама, заради тоа што сакав изборот да е само мој и да немам влијание од никој друг. Ја зедов од второто студио каде што пробував и знаев дека е мојата уште кога ја видов на слика. Сопственичката и вработените беа премногу мили и внимателни.
Имаше и попуст на таа колекција, што дефинитивно беше плус, заради тоа што остатокот од буџетот за облека го искористив за да земам накит од Лондон, што ќе го носам цел живот.
Сепак, на крај Ејдан и Матеа одлучиле да направат и мала прослава за најблиските.
„Сепак сакавме и да празнуваме со нашите најблиски и да им дадеме шанса на семејствата да се запознаат на живо, па решивме да направиме многу мала забава во Кавадарци, мојот роден град.
Но, многу кратко после свадбата на Бали имавме непријатен семеен случај, по што требаше да ги паузираме сите планови.
Предноста на Кавадарци е дека сите се знаат меѓусебно и лесно е да се завршат работи, така што за помалку од месец успеавме да организираме црковен брак и забава со најтесен круг на луѓе.
Изнајмивме вила во месноста Моклиште, каде што престојуваа гостите од Англија; храната, фотографијата и декорацијата беа од локални бизниси, а за музиката избравме само диџеј за да пушта и македонски ора, и странски песни.
Венчаницата беше долга и тешка, затоа за танцувањето избрав два други фустани, што ги нарачав преку интернет.
Избравме да нема видео од вечерта, само фотографии, заради тоа што бевме премногу мал број луѓе и сметавме дека сите ќе бидат поопуштени.
Точно така и беше — успеавме да ги собереме само најблиските и да им дадеме една вечер полна со љубов“.