Сара Вуков, мајка на предвремено родено бебе: „Разговорите низ прозорчето од инкубаторот ќе ни останат најемотивен спомен“
Дали ја доеше и дали мајчиното млеко и доењето помага за побрзо закрепнување?
Првите три месеци беше на мајчино млеко, вклучувајќи го и периодот во болница.
Секоја посета освен што беше резервирана за поминување време со Лина, имав и одредено време да оставам мајчино млеко кое подоцна ќе ѝ биде дадено преку сонда, шприц, подоцна и шише.
Сметам дека низ целиот стресен период низ кој поминува мајката во ваква ситуација, важно е да не ѝ додадеме уште еден товар за тоа дали бебето прима нејзино млеко.
Моментално на пазарот имаме формули кои со години се испитувани, проучувани да бидат најблиску до мајчиното млеко, со што бебето не би имало никаква загуба доколку не би било на доење.
Најважно од сè е мајката да биде добра, така ќе биде и бебето. Не за џабе рекле среќна и добра мајка – среќно и добро бебе.
Дали имаше некакви последици од предвременото раѓање?
За огромна среќа, сè помина во најдобар ред, и Лина немаше ниту една последица од предвременото породување.
Почести превентивни контроли и следење на развојот беше сè што правевме, тоа е истото што е неопходно за кое било предвремено родено бебе.
Како изгледаа првите денови кога си дојдовте дома?
Не можевме да дочекаме да ја земеме дома, секој ден првото прашање до педијатарот ни беше „Кога ќе можеме да ја земеме?“.
Последните 5 денови од болница беа наменети за приспособување и на нас со неа.
Минувавме низ обуки на нега на предвремено родено бебе, од бањање, хранење, пресоблекување, и цела нејзина секојдневна рутина иста како во болница.
Како се наближуваше денот да ја земеме, мислам дека желбата за да дојде дома и паниката што да правиме со бебе од 1.800 грама беше еднаква.
Од првиот ден сакавме да правиме сè што можеме сами, иако секако бабите и дедовците ни беа достапни за сè и едвај чекаа да ни затреба помош.
Можам да кажам дека бевме доста послушни за секој совет и препорака што ја добивме, а доказ за тоа беше што Лина беше бебе што напредуваше како по книга.
Дали таа стресна ситуација околу породувањето влијае на вас како родители до ден-денес и како?
Целата ситуација околу породувањето, бебе во инкубатор, сите контроли, испитувања, мислам дека нè доведоа до тоа да сме прилично смирени и опуштени родители, сепак сметаме дека најголемиот и најтешкиот предизвик го поминавме.
Веројатно самата ситуација низ која минавме ни покажа што е важно, а што неважно понатаму, на што треба да се потресуваме, а на што треба само да се насмееме и продолжиме.
Какво дете е Лина денес, 1 година по раѓањето? Што сака да прави, како ви поминуваат деновите?
Кога ќе влезевме на одделот на интензивна нега, од еден инкубатор постојано имаше едно бебе кое беше нонстоп активно, секогаш некое раче или ноџе беше постојано во движење.
После 1 година, истото тоа бебе од сабајле до вечер не застанува. Лина е едно активно дете, кое сака да шета, сака да игра со деца, многу сака и се радува на кутриња, обожава бањање, и обожава сè за што ќе ѝ кажеш „не тоа Лина“ (хаха).
Лина инаку е и еден од најмладите фанови на автотрките, љубовта кон нив ја зема од татко ѝ, и уште од 6 месеци сме верна публика на Porsche super cup и Formula 1.
Што им препорачуваш на родителите на предвремено родени деца?
Како мајка на предвремено родено бебе, навлегов малку повеќе во тој свет на деца, запознав многу исти, прочитав многу успешни животни приказни, и од сето тоа би сакала да им препорачам само да веруваат во тие мали чуда.
Животот е една голема борба за опстанок, а најголеми борци се токму овие дечиња. Нивната сила и упорност да се изборат со сите предизвици е силна колку нашата љубов кон нив.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело