Данијела Мартиновиќ за CRNOBELO: „Со Јосип го пронајдов својот мир“
Дали ви беше страв што ќе се соголите пред публиката и ќе откриете голем дел од она што е навистина Данијела, иако сте долги години на сцената, па во јавноста се знае многу за вас?
Престанав да се „кршам“ околу тоа колку треба да сум отворена со публиката во моментот кога решив дека ќе пишувам за мојот живот.
Пишував само со намера моите искуства и моите сознанија на кој било начин да ги допрат луѓето што ќе читаат, без оглед каде и да се наоѓаат, независно во кое доба ќе ја земат книгата во раце.
Тоа ми беше главниот мотив. Факти за мене можете да најдете со еден клик на интернет. Но, не и каква сум јас како личност, како жена, како дишев, живеев, чекорев.
Затоа пишував за работи кои јавноста не ги видела или се во сосема друго светло од она што било прикажано.
Кој е најинтимниот момент што го споделувате?
Оф, ги има навистина многу. Но, ќе ви признаам дека кога препрочитувавме некои глави, кога правевме корекции, менувавме делови и пробувавме да стигнеме до завршната фаза, јас постојано плачев.
По 30-тиот пат престанав да бројам, но овие први 30 пати јас постојано плачев.
Затоа ќе кажам дека голем дел од мојата интима е распослан пред читателите внатре во книгата.
Не зборувате многу за врската со Јосип, но не криете ни дека тој ве прави многу среќна… Како се носи тој со вашата популарност, како се снајде во вашиот свет?
Низ учењето за самоспознавање сите трагаме по некои одговори, сите имаме одредени патишта, па сите имаме одредени патишта во одредени периоди од животот, кои не мора да останат исти засекогаш, туку се менуваат.
Но, без оглед на сè, јас секогаш им се восхитував на луѓето кои го нашле својот мир и знаат како да го одржат.
Низ животот често ни се случуваат непредвидени ситуации поради кои сфаќаме дека не сме го нашле својот мир и дека и понатаму трагаме по него.
Е, Јосип е од оние што го нашле својот мир и го фрлиле сидрото за да се закотват, па никаде не одат.
Тешко ми е да зборувам за него, но верувајте ми, никогаш, ама никогаш во животот не сум запознала личност што е и приближно слична на него. Со него и јас го најдов својот мир.
Изминатата година неколкупати во јавноста ја спомнавте вашата „куќичка со цвеќе“, која е во фаза на градба, а за која велите дека ја замислувате како куќа од бајките. Па дали ќе биде навистина таква, целосно опкружена со цвеќиња, вистинска оаза?
Оооо, таа ќе биде навистина прекрасна. Сè уште е во процес на изградба, но сите што имале работа со градежници или што работат со градежништво, знаат дека овој процес не е нималку лесен, ниту дека работите одат по планот.
Се помирив со тоа дека работите ќе одат по својот тек и дека јас тука не можам ништо да сменам.
Си реков „Океј Данијела, ќе биде готова за 2-3 месеца. Ако треба да трае подолго, ќе трае подолго, но ќе биде готова наскоро и тоа ќе биде твојот дом“.
И да, навистина ќе биде куќа со цвеќе наоколу како во бајките.
Јас веќе почнав да избирам што ќе биде засадено во дворот и каде ќе стои, а во тоа ми помага моја пријателка која се занимава со хортикултура.
Но, тука Јосип ме изненади со еден прекрасен романтичен гест. Знаете, јас многу сакам цреши и дрвјата со цреши ми се омилени.
Па кога се подготвуваше теренот околу куќата, во тој простор имаше 2 стари стебла со цреши. Тој не дозволи да се откорнат, туку инсистираше да останат и да се работи околу нив.
Така што, благодарение на Јосип, две стари, мудри стебла цреши веќе ме чекаат таму, да ми прават друштво и да ме чуваат.
Како успевате да го задржите младешкиот изглед и сјај?
За себе можам да кажам дека сум „бубалица“, таков ми е карактерот. Моето средно име е „бубалица“, ха, ха. Никогаш не сум заспала со шминка, колку и да сум била изморена.
Уште од девојче, секогаш го чистев лицето пред да си легнам.
И секогаш се трудев правилно да ја негувам кожата – еднаш неделно да направам пилинг, да си ставам добра маска… Со квалитетната нега навистина може многу да се влијае на кожата и процесот на стареење.
И покрај тоа, одговорно тврдам дека е најважен духот.
Можете да видите потполно несовршено насмеано лице и можете да видите совршено лице кое е намуртено. Интуитивно, сите ќе посегнеме кон насмеаното лице.
Не треба да тежнееме кон совршенството, но треба да тежнееме кон среќа и спокој. Еве, јас имам 52 години, наскоро ќе наполнам 53, но сакам да сум природна.
Сакам да ѝ се радувам и на секоја своја брчка. Мислам дека тоа е најважно кај жената - да изгледа негувано и среќно.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело