Семејството Самарџиоски има пекарница на Малта: „Четврт бурек е 3,50 евра, продаваме и готвени јадења“
- Детали
- недела, 25 февруари 2024
„Од неодамна започнавме и со традиционална балканска готвена храна, која се продава во порција од 6 евра. Најчести потрошувачи се нашите Балканци, меѓутоа скоро и да не постои човек што не го пробал и не го пофалил нашиот бурек“ – вели за CRNOBELO.com Емилија Самарџиоска, една од сестрите кои стојат зад пекарницата „Twins Burek“ на Малта.
Семејството Самарџиоски од Прилеп стои зад пекарницата „Twins Burek“ на Малта.
Двете сестри Емилија и Моника, заедно со родителите, увиделе дека на островот нема балканска пекарница и има недостиг од балканска храна, па одлучиле да понудат нешто сосема ново и поинакво на тамошниот пазар.
Во интервју за CRNOBELO.com, Емилија Самарџиоска ни откри повеќе детали за нивниот бизнис, за тоа како дошле до идеја да отворат пекарница и како во последните 6 години успеале да го прошират асортиманот на производите што ги нудат, па им овозможуваат на големиот број Балканци да уживаат во традиционалната храна, а на Малтежаните и туристите од целиот свет да пробаат нешто ново и поинакво.
Следува целото интервју со Емилија Самарџиоска:
Колку време живеете на Малта и како дојдовте до идеја за сопствен бизнис?
Јас и сестра ми дојдовме на Малта во 2014-та година, а нашите родители ни се придружија во 2016-та година.
Тие претходно живееја во Хрватска во Задар. Мојата мајка во Задар работеше во фабриката за производство на бели печива и леб, имаше искуство во оваа бранша.
Бурекот е традиционален појадок за нас Балканците, а тука немаше наша (балканска) пекарница. Сè што можете да вкусите кај нас е свежо направено и домашно.
Од каде идејата за името на пекарницата?
Со името „Твинс Бурек“ имаме неколку анегдоти.
На почеток Малтежаните мислеа дека „бурек“ е наше фамилијарно презиме, а некои мислат дека јас и сестра ми сме близначки.
Името Твинс (близнаци) е заради моите 8-годишни близнаци Мајкл и Кјара.
Тешко ли е да се започне свој бизнис на Малта, кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте?
Во 2018-та година отворивме една бурекчилница, односно пекарница во зоната Аура во Сент Пол Беј.
После една година, во 2019-та, поради големата побарувачка отворивме уште една во центарот на Буџиба, а во склоп на пекарницата имаме и кафуле.
На 15-ти август 2023-та година започнавме со уште еден бизнис со наша балканска готвена храна.
Започнувањето ваков бизнис, пред 6 години, колку што ние постоиме, беше голем предизвик и имавме проблеми заради тоа што немаше балкански бизниси и не знаевме со што ќе се соочиме.
Најголемата тешкотија ја имавме за време на короната: доста луѓе останаа без работа.
Па оттука заедно со администраторите на Српско-Малтешка група дојдовме до идеја за донирање на храна за најзагрозените семејства.
Колку пари чини четврт бурек на Малта?
Цената на бурекот се дуплира во последниве години, заради светската криза предизвикана од короната. Една четвртина бурек е 3.50 евра.
Кои други специјалитети ги подготвувате освен бурек и што е она што најмногу се бара? Кој ви е најпродаван специјалитет?
„Twins Burek“ е познат на островот по бурекот со сирење, месо и спанаќ. Исто така, продаваме и пица бурек, банички со сирење, со месо, компируши и банички со праз.
Имаме и бели печива, но побарувачката е поголема за бурек.
Имаме и прасешко печено месо кое се продава на кило.
Од неодамна започнавме и со традиционална балканска готвена храна: тавче гравче со домашни колбаси, сарма, полнети пиперки, компир манџа, мусака, гулаш, грашок, батак, бело месо, прасешки шницли во сос со печурки и многу други за нас добро познати јадења.
Готвената храна се продава во порција од 6 евра. Тука се и домашните специјалитети на татко ми: чварки (Малтежаните ги нарекуваат свински бонбони), пивтии, домашни колбаси, свинска маст...