Успешни Македонци низ светот: Воислав од Тетово е ембриолог во најголемата болница во Осло
Имаш ли време за шетање, излегување?
Норвешка има одличен баланс помеѓу работата и приватниот живот, што дозволува да се има време скоро за сѐ.
Излегувањето и шетањето во Норвешка е многу поразлично од Балканот. Во Скандинавија сѐ е сконцентрирано на поминување време во природа.
Првата зима кога се преселив тука, колегите после работа ме однесоа на планинарење на -15 степени и правење палачинки на врвот од ридот.
Тука времето во зима се поминува со крос кантри скијање, сауни, прошетки низ фјордовите, кампување.
Не им е многу во културата да се излегува во кафулиња и да се пие макијато два часа. Тука сакаат времето да се помине продуктивно.
Повеќе ценат ако ги викнеш, на пример, да ти помогнат да ја искосиш тревата во дворот, отколку на кафе. Така и јас си се научив да уживам повеќе додека се тресам на снег и мраз отколку во некое фенси кафуле.
Но, секако, си имам интернационални пријатели со кои заедно учиме норвешки и по часовите знаеме да прошетаме и да одиме на пијачка.
Каков е ноќниот живот во Норвешка споредено со Македонија?
Moжеби Норвежаните важат за студен и здодевен народ, но ноќниот живот во Осло е далеку од тоа.
Градот нуди динамични забави во кафулињата и ноќните клубови, и забавни настани.
Има типови на музика кои ги задоволуваат сите вкусови.
Слаба страна ми се баровите на покрив кои имаат воодушевувачки поглед кон целиот Осло фјорд.
А, тука коктел чини најмалку 17 евра.
Колку често ти доаѓаат членовите на семејството или пријателите од Македонија на гости?
Стекнување пријатели во Норвешка, и тоа како, знае да биде предизвик. Кај Норвежаните сѐ се сведува на стекнување доверба и за тоа е потребно малку подолго време.
Обично запознавањето нови луѓе се одвива преку организирани социјални настани и клубови - на пример за скијање, планинарење, учење нов јазик.
Многу интересно беше што кога барав по интернет „како до нови пријатели“, ми даде предлог да се зачленам во клуб за плетење.
Норвежаните обожаваат да плетат, ќе ги видиш со игли и конец во возови, паркови, дури и на работа за време на паузите колегите си се дружат со котелците.
Осло е мултикултурен град, ќе сретнеш луѓе од секаде.
Двапати неделно одам на курс по норвешки и таму стекнав пријатели од Перу, Јапонија, Индија, Непал и други земји. Често се дружиме, а и заедно пишуваме домашни задачи.
Каде и да се пресели човек, потребно е време за некој да го наречеш другар. Но, по толку години имам навистина блиски другари на кои им верувам и се поддржуваме во секоја ситуација.
Откако сум преселен во Норвешка, не можам да избројам колку пријатели ме имаат посетено досега, што од Македонија и Европа, па дури и од Америка.
Минатото лето во август и септември си имав дури 15 поединечни гости едни по други.
Директните линии од Скопје за Осло многу ја олеснуваат конекцијата, а и градот има одличен јавен превоз, лесно се стигнува секаде и човек брзо може да се снајде.
Јас си уживам кога си имам гости и им ги покажувам скриените, не толку популарни места, кои само локалците ги знаат.
Кога беше ти последен пат во Македонија?
Не одам многу често. Последен пат бев во 2018-та. Но, повеќето членови на моето семејство не живеат во Македонија, па така да си се посетуваме едни со други во земјите кај што сме.
Обично одморите ги користам да посетам земја во којашто не сум бил претходно.
Нормално, во Македонија имам многу добри пријатели со кои комуницирам на социјалните мрежи.
Многу е важно да се одржува и негува врската. Со некои многу ретко си пишувам, но си знаеме дека сме си тука еден за друг.
Што наше ти фали најмногу во Норвешка?
Веднаш ќе кажам храната, сонцето и луѓето со кои сум имал убави спомени.
Селекцијата за храна знае да биде доста лимитирана тука и не толку вкусна. Најмногу ми фалат јадењата од мајка ми.
Постојат интернационални продавници каде што можам да си најдам ајвар, тавче-гравче, смоки и турско кафе.
Еден другар од Норвешка го „заразив“ со ајвар и сега дури си става на пица и во макарони. Не му судам.
Што се однесува до времето, можеби не е толку студено, но вистина е дека во есен и зима е доста мрачно и сиво. Во декември денот трае околу пет часа, а ти за тоа време си на работа.
Понекогаш заборавам колку е сончево во Македонија. Но, тука во лето сонцето скоро и да не заоѓа, така што си се компензираме некако.
Често ги мислам и старите пријатели на кои им верувам и ми веруваат и со кои сум поминал низ убави и тажни моменти. Се обидувам често да одржувам контакт.
Некогаш и им ѕвонам директно, со видео повик, без претходно најавување. Нека се пазат ако не кренат.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело