„Нема бенефит од доењето, постои само ризик од недоење“: Наташа Ц. Тодосовска, специјалист за доење и лактација
Што кога ќе настане маститис – како да си помогнеме? Како да се справиме и со распукани и болни брадавици?
Како и за сите здравствени состојби – и тука важи правилото „подобро е да се спречи, отколку да се лечи“. Тоа ме враќа на моментот дека едукацијата е круцијална.
На маститисот најчесто му претходат неколку чекори, кои ако имаме прилика навремено да ги препознаеме и соодветно да реагираме, можеме многу полесно да се справиме со ситуацијата.
Кога разговарам со семејствата на индивидуално советување и се враќаме ретроградно да ги прегледаме околностите пред да се случи маститисот, утврдуваме дека секојпат имало нешто кое било „предвесник“ ама семејството не знаело да го препознае.
Пример – бебето првпат преспива цела ноќ. Или, пак, пробуваме да скратиме подои и тоа се одвива нагло. Или, пак, мајката нагло зголемува количина на дохранување со адаптирано млеко... има многу ситуации, и не само кога нашето бебе е новороденче. Сѐ додека градата произведува млеко, постои ризик од маститис.
Најдобра помош би си пружиле ако се едуцираме и знаеме како функционираат нашите гради.
Ако сме перцептивни на промените во нив, во фреквенцијата на доењето, во текот на секојдневието... и секако – на првите знаци кои можат да водат до маститис да почнеме соодветно да реагираме.
Тешко е да ви кажам која е соодветната реакција, бидејќи многу зависи од ситуација до ситуација. Ама ако веќе чувствуваме тврдина и има тензија во градата, или пак утврдиме грутка со палпација, најдобро е да ја испразниме. Ладни облоги помагаат многу. Ова ако сме во оние „првите чекори“. Ако веќе имаме симптоми како покачена телесна температура, грозница, црвенило на градата – тогаш мора да се обратиме кај стручно лице.
Распукани и болни брадавици е знак дека нешто не е во ред со доењето. Апелирам до сите мајки – не верувајте во митот дека е „во ред да боли доењето на почетокот“. Доењето НЕ треба да боли.
Очекувана е можеби мала непријатност, земајќи предвид дека брадавиците никогаш до тогаш не биле толку често „употребувани“, но сѐ што би го карактеризирале како болка – НЕ е дел од она што е „очекувано и нормално“.
Ако веќе сме стигнале до рани, тоа значи дека бебето навистина направило траума на брадавицата.
Тоа најчесто се случува заради некоректно фаќање на градата од страна на бебето, или т.н. плитко фаќање. Во таа ситуација мајката треба да провери зошто бебето не ја фаќа градата коректно т.е. длабоко (асиметрично). И секако – да се третираат раните согласно причината заради која настанале.
Тука би напоменала дека раните на брадавиците се последица на некој проблем. Ако ние ја третираме последицата, а не и проблемот, ништо не сме направиле.
Доењето со рани на брадавиците е навистина многу болно. Некои мајки ја опишуваат болката и како пострашна од породилните болки. Затоа – не смее да ѝ се рече на мајката „дои понатаму, ќе помине“, без да ѝ се понуди објаснување и предлог – решение.
Дали треба новороденчето го будиме за доење? Која е временската рамка за доење во првите 6 месеци? Дали е паметно да се дава млеко секогаш кога детето ќе посака?
Новороденчето се препорачува да се буди во првиот период. Особено ако имаме бебенце кое навистина лесно заспива, тешко се буди, нам ни е тешко да го разбудиме... тогаш можеби е потребна мала асистенција од нас како родители.
Некогаш е потребно и да се измолзуваме и да му даваме млекце ако немаме ефективни подои. Но, спиењето е само еден од факторите. Ако имаме бебенце кое самото се буди, полни пелени, напредува добро во тежина – секако дека нема да го будиме. Ама тоа вообичаено не го знаеме до првиот преглед на педијатар.
Препораките се дека бебињата треба да имаат околу 8-12 подои во 24 часа, што математички гледано би му дошло доење на 2 до 3 часа. Но, нашето бебе не знае математика баш, ниту пак ги знае општествените очекувања за неговото однесување, па ќе се однесува онака како што тоа знае – согласно неговите потреби.
А тоа значи – дел од денот може ќе сака да цица на 1 час, а дел од денот ќе отспие 4 часа. Тоа е сосем во ред. Секогаш потенцирам – имаме работа со живо битие.
И уште поважно – имаме работа со битие за кое доењето е мултифункционално случување: му нуди храна, топлина, смиреност, имунорегулација и имуностимулација, хормонална регулација, едноставно му е „безбедно место“ – бидејќи ја чувствува и мириса мајката, ја чувствува нејзината топлина, и добива истовремено храна.
Па, оттука – и те како е важно да се дава града секојпат кога ќе побара бебето.
Бидејќи со давањето града ние одговараме на многу потреби на новороденчето.
И да не заборавиме – нашите гради создаваат млеко токму на тој начин: со „собирање информации за реалната побарувачка“ на нашето бебенце. Само така ќе знаат колку млеко му е потребно (колку млеко треба да создадат) – ако му овозможиме неограничен пристап за да си ја направи својата „нарачка“.
Зошто треба да се стремиме кон ексклузивно доење?
Затоа што самиот чин и самото млеко е биолошката норма за нашето бебенце. И не, нема да зборувам за тоа каков бенефит има од доењето – и за бебето како и за мајката, токму од таа причина.
Бидејќи, ако навистина зборуваме транспарентно и реално – нема бенефит од доењето. Постои само ризик од недоење.
И да, знам дека можеби на прв поглед формулацијата на оваа изјава е крута, со осудувачка нота, нефер кон жени кои можеби не можат да дојат... иако во суштина не е.
Запрашајте се: кој профитира од неуспехот на мајките да дојат? И кога ќе погледнете за колкава индустрија се работи, тогаш работите ќе се многу појасни.
За мене е поразително ако како човештво сме во ситуација да треба да го промовираме доењето бидејќи „има бенефити“, а тоа се истите оние „бенефити“ кои сме ги имале отсекогаш.
Секако дека има жени кои не можат да дојат (само што тој број е многу помал во реалноста).
Има и жени кои не сакаат. И сето тоа е во ред, доколку семејството имало можност да ја донесе таа одлука на основа на истражени и релевантни информации кои им биле дадени на располагање. И иако зборуваме за стремеж, не значи дека мора ексклузивно да се дои.
Ама, пак, на нашето поднебје се оди во крајности: или ќе се дои ексклузивно, или воопшто нема да се дои. А воопшто не мора да биде така. Јас би рекла да се стремиме да ја зачуваме доенечката врска – тоа е поважно од стремежот кон ексклузивно доење!
Затоа што никој не помислува на фактот дека ексклузивно доење е во првите 5-6 месеци, а врската може да трае и 2 години!
Секако дека вреди да се заштити една таква врска, дури и кога од кои било причини не може да се дои ексклузивно во првите неколку месеци! Поддршката е најважна!