„Нема бенефит од доењето, постои само ризик од недоење“: Наташа Ц. Тодосовска, специјалист за доење и лактација
- Детали
- недела, 17 декември 2023
„Сите слики од доење кои ги гледаме на социјалните мрежи се најчесто од мајка која задоволна лежи во убава ноќница и го дои бебенцето, во средена соба, со измиена коса... Не значи дека тоа не е можно сценарио, ама поверојатно е дека мајката ќе биде преморена, ќе се поти неконтролирано, нема да се чувствува своја во сопствената кожа, ќе дои како ќе стигне, во маица накапена од млеко... и не дека е сето ова страшно, но, знае да биде – ако не знаеме дека е многу честа слика во едно семејство со новороденче“ - вели Наташа Цветановска Тодосовска, сертифициран специјалист за доење и лактација.
Наташа е мајка на две дечиња, живее во Германија и е сопственик на брендот „Доење со љубов" кој повеќе од 3 години нуди едукација и поддршка на семејствата во областа на доење и лактација.
„Живеам и работам во Германија, исто сум активна во ова поле и тука – работам со семејства на кои им треба поддршка за доење и нудам советувања на германски и англиски јазик, а со семејства од Македонија работам најчесто онлајн, а кога сум во Македонија, секогаш гледам да организирам барем еден едукативен настан во живо.
Пред да станам мајка, воопшто не ни помислував дека доењето би било тема која мене би ме заинтересирала, но, станувањето родител е една од поголемите промени во животот, со која почнуваме и ние повторно да растеме.
Недостатокот на стручна поддршка, немоќта, беспомошноста, тагата, беа дел од моето лично искуство и ме поттикнаа да навлезам многу професионално во оваа област, сѐ со цел да сум поддршка за сите оние семејства кои остануваат неслушнати, замолчени, незадоволни, без да имаат простор да се отворат, да споделат, бидејќи сме дел од еден систем кој, на жалост, има голема потреба од промена“.
Со Наташа поразговаравме повеќе околу доењето, притисокот кој го имаат мајките, совети за полесно доење и теми кои би ги интересирале сите идни родители:
Уште од самото раѓање на детето, постои некој страв кај сите мајки – ќе успеам ли да го дојам, дали ќе имам проблеми, ќе сака ли да ја фати градата бебето, дали ќе му е доволно... Како најлесно да се опуштат идните мајки и да се ослободат од овие мисли?
Интересен е феноменот што тој страв се јавува по породувањето, и најчесто нѐ фаќа комплетно неспремни.
Со таа паника „дали ќе успееме“ се сретнуваме во првите ден или два после породувањето, кога за првпат ќе се сретнеме со доењето, и кога ќе забележиме дека воопшто и не било она што сме го замислувале за време на бременоста – а тоа е: ние лежиме среќни, ја нудиме градата на бебенцето, тоа почнува да цица и сѐ си тече супер.
Да не се сфатиме погрешно – тоа е едно од можните сценарија, но, ако ги погледнеме статистиките ќе сфатиме дека тоа сценарио е навистина од поретките; па заради тоа никако не смее да се земе како пример како вообичаено изгледа доењето после породувањето.
А, дури и кога ќе се оствари ова сценарио, доаѓаат следните препреки: сомнеж дали му е доволно мајчиното млеко, дали е доволно квалитетно, и ако додадеме во рецептот и малку притисок од околината и неретко контрадикторни совети – она што го добиваме како резултат е семејство кое е комплетно збунето и не знае кој правец да го фати.
Затоа, секојпат потенцирам: пренаталната едукација во оваа област е од огромна важност за постнаталниот период, и самата таа транзиција во родител. Особено за самиот почеток, кога мајката е навистина многу кревка – и физички, а особено психички.
Едукација за мајката, но и за таткото/партнерот, бидејќи без поддршката од партнерот предизвиците се уште поголеми.
Едукацијата е клучна бидејќи ни нуди реални очекувања, кои ретко имаме можност да ги видиме или искусиме.
На пример, сите слики од доење кои ги гледаме на социјалните мрежи се најчесто од мајка која задоволна лежи во убава ноќница и го дои бебенцето, најчесто во средена соба, со измиена коса...
Не значи дека тоа не е можно сценарио, ама повторно ќе напоменам – поверојатно е дека мајката ќе биде преморена, ќе се поти неконтролирано, нема да се чувствува своја во сопствената кожа, ниту своја во сопствените мисли, ќе чувствува огромна среќа и тага во исто време, ќе дои како ќе стигне, во маица накапена од млеко, со града на која може има и разранети брадавици... и не дека е сето ова страшно, но, знае да биде – ако не знаеме дека е многу честа слика во едно семејство со новороденче...
Кои се најголемите митови во врска со доењето кои треба да ги знаеме?
Оваа ми е една од омилените теми! И не само содржината на митовите, туку секојпат истражувам и пробувам да го откријам нивното потекло.
Меѓу нив би ги набројала следните, и би сакала да потенцирам дека овие митови навистина имаат моќ да го попречат доењето и да направат проблем со него:
- доење од една града од подој;
- доење ХХ минути од града;
- да не се дои на пократко растојание од Х часа;
- неквалитетно/слабо мајчино млеко;
- меки гради се празни гради;
- или, пак, мали гради не можат да создадат доволно млеко;
- бебето никако не смее да заспива со доење;
- бебето нѐ манипулира и нѐ користи како цуцла...
Ох, има многу – и навистина ми е алармантно како некои од овие митови уште егзистираат.
Колку е важна исхраната и внесувањето доволно течности за да има доволно млеко? Која храна не се препорачува? Смее ли да се внесува алкохол и како влијае пушењето?
Исхраната и внесот на течности се секако важни – не само за доењето, туку општо: нашето тело поминало низ долг несекојдневен за него период – бременост, кој завршил со породување – чин кој е навистина физички и психички интензивен. Телото треба да закрепне. Тоа важи за сите родилки, без разлика на доењето.
Секако дека за доењето важно е да имаме убава балансирана исхрана, да внесуваме доволно течности – но, не и премногу и сосила. Се пие согласно жед.
Мој совет за сите семејства е да си имаат чаша или шишенце со вода секојпат на дофат. Особено во првиот период. Често се случува да нѐ фати страшна жед токму во моментот кога сме почнале со доењето, и ако сме сами дома навистина е практично да имаме до нас течност да се напиеме.
Често добивам прашања во контекст што да се јаде/пие за да има мајката доволно млеко. Одговорот е едноставен: млекото се создава по пат на механизам на балансирање меѓу „побарувачката“ и „производството“.
Со тоа сакам да кажам дека нема магична храна која ќе направи да се создава млеко, ако притоа ние немаме редовно отстранување/празнење на млечните жлезди.
Има одредени намирници кои се смета дека се „поддржувачи“ на лактацијата (како на пример чаеви во кои има анасон, грчко семе, ким, потоа овес, шатавари, млечен трн и слично).
Важно е да се напомене дека некои од овие намирници се подобри во одредени ситуации од други, и земање на т.н. хербални галактогоги треба да биде во консултација со стручно лице.
Од храна, нема некоја која е строго забранета – треба да се потенцира дека треба да сме претпазливи со истите оние намирници кои ни беа наведени како потенцијално штетни во бременоста, а тоа се оние кои во себе може да содржат неконтролирани количини на жива и олово.
Пожелно е да апстинираме од цигари и алкохол за време на доење, но, и тука границите не се комплетно ригидни. Не значи дека ако мајката реши да дои не смее година-две да се напие ниту голтка алкохол.
Вредно е да се напомене дека доењето е многу флуидна и аморфна врска – се менува во секој миг, го менува своето значење, интензитет, фреквенција, динамика... па така и флексибилноста на овие граници ќе биде подложна на промени.