Ламбе Алабаковски: „Во Бигорски си го наоѓам мирот, со Врчак сакаме да снимиме нов дует“
- Детали
- сабота, 25 ноември 2023
„Магдалена е многу добра мајка и сопруга. Таа во 2000 година со семејството се преселила во САД, но секое лето доаѓаше во Македонија. Заедно многу размислувавме за враќањето назад и сфативме дека човек треба да реши што сака во животот - пари и удобен живот или нешто посвето“, ни кажа Ламбе Алабаковски во интервју за CRNOBELO.com.
Кога во 2004 година Ламбе Алабаковски се појави на македонската музичка сцена и победи на натпреварот „М2 потрага по ѕвезда“, преку ноќ стана миленик на тинејџерките. Не постоеше радио станица на која не се пушташе победничката песна „Спаси ме“, ниту списание во кое Ламбе не се појави на насловната страница...
Скромното момче од Љубојно ја задржа својата кроткост, но стана ѕвезда чија популарност не бледее ни денес. Сепак, неговиот животен пат, а ни кариерата не одеа толку мазно.
Во екот на најголемата слава, Ламбе се повлече од музичката сцена и со сопругата Магдалена се пресели во Америка. Добија и два сина, за кои Ламбе вели дека му се најголемата гордост.
Но, родната грутка го натера да се врати назад, па семејството Алабаковски повеќе од една година е назад во Битола. Ламбе повторно пее, синовите растат, а Магдалена ужива во животот во Македонија.
За семејството, носталгијата по убавите музички времиња, за животот во САД и зошто реши да се врати, но и за инцидентот во Битола, по кој едни го осудуваат и му се закануваат, а други го величаат како херој, Ламбе ни раскажа во разговор за CRNOBELO.com:
Колку си сменет од времето кога ги испеа „Море од солзи“, „Спаси ме“, „Врати ми го срцето“ до денес?
Мислам дека малку пораснав, ама дека не сум сменет многу од тоа време.
Можеби сум малку позрел поради искуството што го стекнав низ годините. А, дека сум многу паметен – не сум.
Ти буди ли носталгија времето на М2, дружбите со Елена Ристеска, Дарко Димитров, луѓето со кои соработуваше во тоа време?
Со Иво Јанковски, еден од сопствениците на продукцијата, се слушнавме неодамна и евоциравме спомени од тоа време. Имаме многу спомени. Многу време поминавме заедно и тоа не се заборава.
Јас во М2 дојдов многу мал, имав само 16 години и тие ме чуваа, и како дете и како уметник. Ми беа сè во тоа време, се грижеа многу професионално за мене и среќен сум поради тоа.
Неодамна се сретнав случајно и со Митко кој работеше во М2, и констатиравме дека нема таков тим каков што бевме ние таму, луѓе што ќе се грижат толку за добро за артистите.
Никаде не е идеално, но таков професионален пристап и тоа што М2 го направи за нас, гледајќи од денешен аспект, навистина нема.
Многу ми е жал што многу артисти денес го немаат истото, да се пробијат лесно бидејќи некој ќе им даде стабилност, подлога, ќе застане зад нив и ќе им го пробие патот.
Јас сега, откога работам сам, гледам колку многу работи треба да бидат на место за тоа да изгледа убаво на крај.
За јас да излезам да пеам и да ја дадам целата своја емоција, а публиката да е задоволна, многу луѓе треба да работат во позадина.
И да заклучам – да, дружбата со нив ми фали премногу, но секој со животните патишта тргна на своја страна.
Можеби се разделивме, но таа енергија, таа љубов, тоа чувство дека сме биле едно семејство – сè уште го чувствувам.
Се дружиш ли денес со некого од сцената?
Драг пријател ми е Димитар Андоновски, со него се дружиме и по битолска линија.
Тука се и Каролина Гочева, Александар Тарабунов, а пред неколку месеци почнав поактивно да се дружам и со музичарите вклучени во караванот „Македонијо во срце те носиме“, бидејќи заедно патувавме низ сите градови во земјава.
Искрено, ние музичарите се дружиме колку што ни овозможуваат обврските.
А, и не сум веќе ерген за да имам толку време да се дружам многу со луѓето.