Чичко Живо (92) веќе 7 децении живее во Бразил, неговата ќерка е горда на македонските корени: „Тргнавме за САД, но останавме тука“
Во 2011 година, Елисабет заедно со своите родители за првпат доаѓаат во Македонија, во родната Битола на Живо.
„До сега Македонија ја имам посетено трипати. Првиот пат во 2011 година со моите родители. Тоа беше првпат татко ми да се врати во Македонија. Беше многу емотивна посета на родната земја на татко ми.
Го посетивме Жабани и куќата во која тој е роден и израснат.
Тоа беше стара куќа од камења“ – вели таа и додава дека кога нејзините близнаци имале четири години ги донела во Македонија да ја посетат.
Сликани пред куќата во Жабани
Последната нивна посета на Македонија била пред две години, кога заедно со сопругот и децата го посетиле Скопје.
„Јас разбирам многу од македонскиот јазик. Имам посетувано часови во рамки на ОМД – Обединета Македонска Дијаспора, но сè уште имам многу за подобрување. Моите деца не зборуваат македонски, но покажаа интерес да научат.
Па затоа, ако ни се укаже можност ќе ги пратам во Македонија да научат“ – појаснува таа која додава дека нејзините деца почнуваат да ја имаат истата љубов кон Македонија како и неа, откако веќе двапати ја имаат посетено. А ним, најмногу им се допаѓаат Битола, Охрид и Скопје.
„Јас сум заљубена во македонската кујна. Омилено ми е сирењето, и штета што го нема во Бразил.
Имаме нешто слично, но ни одблиску не е толку вкусно. Исто така сакам шопска салата, зелник, питулици, компир манџа и секако, ајвар“.
Елисабет открива дека многу малку Бразилци знаат или имаат слушнато за Македонија.
„Моето македонско потекло служи како референца меѓу моите пријатели и колегите од работа, па кога зборуваат за мене, велат „пријателката од Македонија“- вели таа.
Таа додава дека од неодамна е член на Обединета Македонска Дијаспора и тоа и помага да се поврзе со своите македонски корени.
„Во ОМД се обидуваме да ги поврземе Македонците кои живеат во Бразил и во Јужна Америка. Заедно да ги одржуваме традициите, јазикот и културата“ – појаснува таа и додава дека е во постојана потрага по Македонци во овие краеви.
Не попусто Петре М. Андреевски има напишано дека „семето македонско е како пиреј“ бидејќи пирејот кај и да го посееш ќе никне, ќе остави трага.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј.| Црнобело / Фото: Приватна архива