Елена Ристеска: „Има многу злоба меѓу народот, се штитам така што никој не знае каде сум и што правам“
Како се справуваш со нападни фанови? Како реагираш на непристојни, навредливи пораки на социјалните мрежи? Си била ли некогаш жртва на сајбер-булинг?
Ах, оваа тема е многу важна и актуелна. Ние јавните личности ако читаме сè што секој седнал и напишал, тогаш сите ќе бевме во тешки депресии. Меѓутоа, се изолираме од сите тие нешта.
Перцепцијата на другите е само нивна работа, но ние не сме „канти за ѓубре“ па секој да може сè да „фрли“ врз нас.
Не е дозволиво и треба да се создаде закон за користење на социјални медиуми. Премногу лажни профили, коментари без осет дека некого ќе повредат или уништат нечиј живот.
Сведоци сме на трагедии поради булинг и лоши коментари.
А, кој го креира мнението на јавноста? Релевантни луѓе? Успешни? Или само несреќници на кои секој еден допир до познатите им е успех во животот, па макар и со ужасни коментари?
Екстремно е важно да не се наседне на провокација, на плукање, на гнасотилаци, на негативни и отровни зборови и луѓе.
Знаете ли јас што сè и кого сè би објавила да не бев јавна личност? Знаете колку се воздржувам да не ги валкам страниците на социјалните медиуми?
Едвај чекаат нешто да се случи, да ја превртат ситуацијата и да те објават.
А, ние како јавни личности сме немоќни, нашата вистина е неважна. Важно е што некој ќе објави за нас, а не која е вистината.
Ама народот кој добро знае, не потпаѓа под влијанија. Останатите веруваат. Но, не се виновни. Што им се сервира, тоа „јадат“.
Дали по 20 години стигна во фаза кога не те допираат негативните коментари, или и понатаму нешто знае да те извади од колосек?
Како да не ти привлече внимание кога знаеш кој стои зад тие коментари? Знаеш дека зад лажни профили се кријат непријателите, под разни псевдоними и лажни фотографии. Зошто би ме изнервирало тоа?
Секој трга од себе. Промискуитетните мислат дека сум како нив затоа што тргаат од себеси. Добрите луѓе мислат дека сум добар човек и ја величаат мојата кариера и личност, затоа што и тие тргаат од себе.
Никогаш не сум добила лош коментар од добар човек. Сум добила добронамерна критика, но не и злоба.
Секој прво нека се погледне себеси, нека провери дали е безгрешен, па нека суди за другите.
А, она што ми импонира најмногу е несвесноста на непријателите кои само ми помагаат во кариерата.
Не мора да правам скандали за да сум актуелна. Фала му на Господ, непријателите ми ја ојачуваат љубовта на фановите, ми ги распродаваат концертите и настапите и со тоа докажуваат дека непријателите се моите најголеми скриени фанови. Им благодарам јавно.
Дали плачеш често? Дали си емотивна?
Од радост? Да, почесто плачам од радост, отколку од тага.
Емотивна сум за блиските луѓе, за животните и децата. Емотивна сум дури и за луѓе кои не ги познавам, а имаат трагични судбини. Тоа си го ставам при срце.
Ама ладна сум како камен кога се во прашање лажни пријателства и луѓе кои пробуваат да ме повредат. Всушност не ме допираат - така само тие патат и се самоповредуваат.
Секој сам сè си прави и добро и лошо. Сè се враќа како бумеранг.
Не криеш дека си многу блиска со мајка ти и сестра ти. Кога ти е тешко, на која прво ѝ се јавуваш?
Мајка ми дефинитивно е мојата лавица на која толку луѓе ѝ згрешиле низ животот, а таа за секого има оправдување, простување и обид за да го разбере.
Таа е цврста и сè уште нè штити и ни помага безрезервно. Ѝ се восхитувам за тоа како сè уште има волја да помага и да прави сè со многу љубов.
Таа ни е на сите топол дом, иако живееме во посебни станови со сестра ми. За нас двете таа е нашето засолниште и прибежиште кога ќе ни се случи некоја бура, но и кога е животот мирно море.
Во последниве години е премногу внимателна и ненаметлива. Најдобар пример за мајчинство.
Му благодарам на Господ што сум воспитана токму од таква домаќинка и верна и грижлива жена. Сите вредности ни се пренесуваат од родителите.
Како изгледаше твоето детство? Имаше ли омилени игри, песничка, цртани, кукла? Колку бевте блиски со сестра ти кога растевте?
Растев во Ново Лисиче со преубаво друштво. Не постои игра која не сме ја играле.
Се заигрував и дома со цртање, со книжни кукли, најчесто како помала сестра ја копирав сестра ми во сè. Идол ми беше бидејќи е 5 години постара од мене.
Фамилијата отсекогаш ми била столб. Секоја поддршка ми била како невидливи крилја. Човек кога има поддршка од најблиските полесно може да полета кон остварување на соништата.
Но, јас иако помала, секогаш бев таа која ги решаваше работите, помагаше, бодреше кон остварување на целите и успесите.
Јас бев „џамбаз“, не постоеше нешто што не можев и не можам да го сторам за семејството.
Сепак, често велиш твојот свет е внука ти. Дали си кул тетка или ја караш? Се гордее ли со тебе и дали се фали пред другарките?
Интересно реагира на темата со другарките.
Некако ѝ е нормално дека има тетка која е позната и смешно е како тоа го презентира пред другарките.
Секој ден ја земам од училиште и тогаш најмногу се дружиме.
Уживам кога ме шминка и кога си играме игрички на телефон.
Но, со мајка ми е најдобра другарка. Тоа посебно ме радува, кога ги гледам како се чуваат и се дружат додека сестра ми е на работа.
Ти помина неколку тешки периоди во животот, и колку и да беше мачно, секогаш успеваше да се кренеш. Што те водеше напред?
Немањето избор. Морав да продолжам напред со крената глава и со прифаќање на фактите.
Сепак животот ни е подарок од Бога, треба да го цениме секој ден што ни е oд него подарен. Бог има за сите нас план.
Го радуваме ѓаволот кога патиме, пропаѓаме, кога не можеме да се издигнеме над проблемите.
А така го навредуваме Бог. Но и „секое лошо за добро е“ вели Владо Јаневски во еден свој текст.