Сања Стојанова 19 години страда од алопеција: „Преку ноќ ми опадна цела коса, сега знам дека надворешниот изглед е најмал проблем“

Што значи да се живее со алопеција?

Отстрана гледано е многу лесно да се живее со оваа состојба. Но, кога ти си токму таа личност што ја има, етапите на животот си носат свои бариери кои или ќе те потиснат или ќе те дигнат високо.

Левелот на мојата самодоверба варираше од нула до сто, но никогаш помеѓу.

Или ми беше сеедно и не се замарав, или се уништував себеси со криење од сите и се откажував од сè што сакав да постигнам.

Можеби да беа моите родители „висока класа“ побрзо ќе се справевме со фактор истетовирани веѓи, вештачки трепки и перика, но за жал тие олеснителни околности ги немавме затоа што не можевме да си ги дозволиме.

Па, така се откажав од пливање затоа што ќе се избришеа веѓите, периките кои ги купував беа од Ali Express благодарение на мојата другарка која ми ги нарачуваше, одбегнував гужви каде ќе ризикував да ми падне периката итн.

Борба по борба, ситуации мал милион, но секоја од нив ми беше поука за некој нов дел од животот.

sanja-od-veles-19-godini-se-bori-so-alopecija-koga-bev-so-najniska-samodoverba-ja-izgubiv-celata-kosa-sega-znam-deka-nadvoreshniot-izgled-e-najmal-problem-20.jpg

Се соочуваш ли често со коментари за изгледот и како реагираш?

Денес повеќе и не ми е битно којшто мисли и дали му смета како изгледам. Како што реков, кога немав воопшто коса ме болеше секој поглед од оние кои не ме знаеја, секој акт на сожалување од оние кои беа околу мене.

Не знаев како да се справам со сè и пак да останам позитивна личност како и цел свој живот.

Имаше многу падови, но имаше и подеми.

Знаете, Бог создава чуда кога најмалку очекуваме, децата се благослов за сите, па и за мене беа. Кога останав бремена со првото дете ми порасна косата сама од себе. Без користење на никакви третмани, можеби беше до хормоните или нешто друго никогаш не дознав, но со Андреј имав густа црна коса, веѓи и трепки и бев пресреќна.

Ја „пафтав“ косата гордо кога излегував, ги подарив сите перики и ми падна товар од срцето кој веќе долги години го носев, мислев дека се спасив, дека тука е крајот на оваа борба со самата себе.

sanja-od-veles-19-godini-se-bori-so-alopecija-koga-bev-so-najniska-samodoverba-ja-izgubiv-celata-kosa-sega-znam-deka-nadvoreshniot-izgled-e-najmal-problem-13.jpg

Со второто дете косата стана уште погуста и виткана, немав проблем буквално со ниедно крукче ќелавост, сè до моментот кога престанав да го дојам Ѓорѓи.

Штом го прекинавме тој период и потпорасна се појавија првите знаци дека алопецијата се враќа… Три големи кругови на тилот на главата кои се споија во еден огромен дел без коса, потоа се прошири на врвот на главата и ми одзема уште еден голем круг коса.

Со брзина на светлината ми ја снема целата таа убава густа коса што мислев дека ќе остане. Денес сум во онаа фаза кога почнаа веѓите полека да паѓаат, па еве ме повторно размислувам за тетовирање.

Коса имам колку две опашки од двете страни на главата, остатокот го кријам со носење капи, шешири, гумени капи за во вода…

sanja-od-veles-19-godini-se-bori-so-alopecija-koga-bev-so-najniska-samodoverba-ja-izgubiv-celata-kosa-sega-znam-deka-nadvoreshniot-izgled-e-najmal-problem-27.jpg

Колку излегувањето на некои јавни личности што отворено зборуваат за состојбата ти влијаеше позитивно и ти помогна да ја вратиш самодовербата?

Знам дека повторно ќе ја споменам Цеце, но после неа многу ми е полесно да зборувам на оваа тема. Се подготвувам себеси за новата фаза од животот, каде научив после сè што се случува во светот и околу мене, дека јас го имам најмалиот проблем. Да! – Најмалиот проблем е алопеција ареата!

Најмал проблем на денешницава е надворешниот изглед.

Луѓето се гладни, луѓе страдаат во војни и природни катастрофи, ги губат најблиските, домот и стабилноста, разумот… Му благодарам на Бог јас сум жива и здрава, па така сега ова нека ми биде единствениот недостаток – спремна сум на тоа!

sanja-od-veles-19-godini-se-bori-so-alopecija-koga-bev-so-najniska-samodoverba-ja-izgubiv-celata-kosa-sega-znam-deka-nadvoreshniot-izgled-e-najmal-problem-18.jpg

Се трудиш ли да ја скриеш состојбата или пак сакаш отворено да зборуваш за тоа?

Сè повеќе отворено разговарам кога некој ќе ме праша зошто среде ова жешко време, јас носам шешири на свадба, капи попладне кога шетаме…

Сè уште има коментари од типот дека се занесувам со изгледот, но јас мојата слабост ја накитив со аксесоари, работам постојано на самодовербата и на начинот на кој се носам со проблемите во животот и гледам да се фокусирам само на добрите работи.

sanja-od-veles-19-godini-se-bori-so-alopecija-koga-bev-so-najniska-samodoverba-ja-izgubiv-celata-kosa-sega-znam-deka-nadvoreshniot-izgled-e-najmal-problem-22.jpg

Што би им порачала на сите што се соочуваат со алопеција или со слична состојба?

Убави сте вака! Убави сме во душата и тоа се гледа по ликот и позитивата што ја оставаме зад себе кога излегуваме од просторијата.

Нека не ви биде болка само една црна точка во цело ова шаренило на бои. Најдете ги своите бои! Она што ве прави среќен/а и ви дава мотив и сила за понатаму.

Сега знам дека мојот „дефект“ е само нормална појава која животот ми ја дал да ја носам со себе за да научам да бидам посилна и на сите со истиот проблем им го препорачувам истото.

Фокусирајте се на поголемата слика, сожалувајќи се себеси губите сила за поголемите работи кои допрва доаѓаат за вас.

Бог ни дава онолку, колку што можеме да поднесеме и победиме.

Победете се себеси, земете ја контролата над своето тело и своите мисли и сè ќе биде во ред. Само кога ќе го пронајдеме внатрешниот мир тогаш ќе се врати косата и сè што сме изгубиле, кога ќе научиме да се помириме со фактот дека не можеме да контролираме сè што ни се случува и дека сè е со некоја причина.

Не сум и јас стигната до овде… Јас сè уште учам на ова поле, како личност со алопеција ареата сè уште го барам патот до внатрешниот мир и верувам дека еден ден пак ќе си ја имам својата густа кадрава коса.

sanja-od-veles-19-godini-se-bori-so-alopecija-koga-bev-so-najniska-samodoverba-ja-izgubiv-celata-kosa-sega-znam-deka-nadvoreshniot-izgled-e-najmal-problem-24.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg