Џеј Ар Шелтон од САД е оженет со охриѓанката Нина: „Сакам нашиот син да порасне во Македонија“
- Детали
- недела, 06 август 2023
„Нешто што луѓето овде го обожаваат е комбинацијата од ракија и салата, а мене ми е чудна комбинацијата на салата со тежок алкохол. Македонија е многу убава земја, со пријателски настроени луѓе. Природата е неверојатна, а особено Охрид прави да се чувствувам како да сум дома“ – раскажува за CRNOBELO.com Џеј Ар Шелтон, Американец кого љубовта го донела во Македонија.
Џеј Ар Шелтон (38) од Флорида, САД, по првата посета на Охрид, веднаш се вљубил во убавината на овој град и на нашата држава, а ова лето стапи во брак со охриѓанката Нина Зимбо и свадбата ја направија во црквата Свети Јован Канео.
Со Џеј разговаравме за тоа како ја доживува Македонија како човек кој од Флорида се преселил да живее во Охрид, но и како македонски зет, кој неодамна стапи во брак со убавата Нина.
Што е она што му се допаѓа, а што му е целосно несфатливо во поглед на нашата култура и начинот на живеење.
Разговорот со Џеј Ар Шелтон:
Кој е Џеј Ар Шелтон, која земја е твоја татковина?
Доаѓам од воено семејство.
Мајка ми е од Филипините и татко ми беше во морнарицата и работеше во крајбрежната стража.
Роден сум на Филипините и се преселив во САД кога имав 2 години и живеев во повеќе држави во САД. Најдолго живеев во Мајами, Флорида.
Во моментов јас сум одговорен за тим за продажба што работи во повеќе градови во САД и Канада. Се занимавам со маркетинг и 100 проценти работам онлајн, па тоа ми дозволува да работам од каде сакам во светот.
Кога за првпат ја посети Македонија?
Првпат дојдов во Охрид во јули 2022-ра година на еден месец, додека живеев во Белград, Србија.
Веднаш се вљубив во градот и во убавината на природата и земјата и одлучив дека сакам да се преселам тука.
Која ти беше првата импресија од Македонија?
Македонија е многу убава земја, со пријателски настроени луѓе.
Природата е неверојатна, а особено Охрид прави да се чувствувам како да сум дома.
Како се запознавте со Нина и колку долго бевте во врска?
Прво се запознавме преку мој пријател кој е по потекло од Македонија, но живее во САД, кој ме запозна со Нина.
Почнавме да се допишуваме, па потоа да комуницираме преку видео повици и по некое време одлучив да дојдам и да се запознаеме.
Од тој миг можам да кажам дека почнавме официјално да се гледаме. Таа се пресели со мене во Белград и живеевме таму заедно околу 6 месеци пред да се преселиме во Македонија. Заедно сме повеќе од една година.
Кажи ни една работа што сосема нормална во Македонија, но тебе ти изгледа чудно?
Нешто што луѓето овде го обожаваат е комбинацијата од ракија и салата. Тоа мене ми е чудно затоа што во САД никој не би комбинирал салата со тежок алкохол.
Исто така, сообраќајот е луд во споредба со она на што сум навикнат дома. Најчудно ми е што мотоциклистите и пешаците воопшто не се плашат од автомобилите.
Возењето ми беше застрашувачко на почетокот, затоа што во САД улиците имаат повеќе ленти и се многу широки. Овде улиците се многу тесни и најголем број возила паркираат на места што не се наменети за паркинг.
Сè на сè, за да возиш во Македонија треба да имаш посебни вештини.