„За 2 месеца стигнав до 1 милион следбеници“ – Марија Мешкова стана најследена Македонка на Инстаграм со видеата за учење англиски
Ти се случиле ли пехови, од типот да не можеш да го снимиш видеото како што си го замислила па да не го постираш иако е готово, да не ти се допаѓа како изгледаш па да преснимуваш, да имаш некаква грешка во графиката поради која мора да го повлечеш од Инстаграм и да го преработиш? Колку е всушност стресна твојата работа?
Ми се случи само еднаш да објавам видео и поради некоја грешка на Инстаграм да се исече до пола. Тоа беше баш на почетокот. Но, генерално го проверувам видеото по неколкупати пред да го објавам.
Во однос на преснимувањето, на почетокот ми требаше повеќе време за да се испраксирам за видеата да изгледаат природно.
Верувам во пракса и не-перфекционизам, така што не пребирам многу и гледам да успеам да снимам што е можно повеќе, а видеата иако не се перфектни, сепак се природни.
Во однос на стресот, на почетокот скоро и да го немав. Но, откако почнав нагло „да растам“ и да работам со голем број студенти, притисокот и стресот пораснаа.
Заинтересираноста за курсевите е доста голема, но уште поголема е сатисфакцијата од задоволни студенти кои доживеале трансформација и имале прекрасно искуство, па тука стресот исчезнува.
Држиш ли онлајн часови по англиски? Имаш ли групи со кои комуницираш?
Да, во моментов спремаме нов курс, поинаков од досегашните.
Сите курсеви се интензивни и вклучуваат онлајн часови со мене и траат по еден месец.
Ќе имам и подолги курсеви од септември за оние кои можат да се посветат подолго и да преминат од едно ниво во англиски на друго.
Со секој курс имаме група во која комуницираме за време на курсот и споделуваме секојдневни искуства.
Како се снаоѓаш со различните акценти – на пример некој од Индија, Филипините, луѓе со потежок акцент? Колку ти е тешко да ги разбереш сите или да ги научиш да зборуваат правилно?
Немам проблем да ги разберам затоа што сум живеела и во Америка, и во Кина и во Шпанија, па сум имала шанса да комуницирам со луѓе од цел свет и сум слушала секакви акценти.
Повеќе проблем во ова на почетокот имаат студентите, но тоа е одлична вежба за нив, да вежбаат слушање и да се навикнуваат на секакви акценти.
Дали Македонците зборуваат добро англиски?
Генерално да. Имав неколку Македонци на курсевите кои имаа поголем проблем да се ослободат од стравот да зборуваат, отколку со самиот англиски, но со вежбање и правилна пракса стравот исчезнува.
Кој ти е најголема конкуренција, а кој ти е идол?
Искрено, избегнувам да ја следам конкуренцијата и да се споредувам со други креатори што го прават ова.
Наместо тоа, се трудам да се инспирирам и следам исклучиво луѓе кои будат позитивни чувства кај мене, независно што објавуваат.
Конкуренција секогаш ќе има, а јас гледам да сум секојдневно подобра од тоа што сум била вчера и секојдневно работам на подобрување на себеси на сите полиња.
Се инспирирам од луѓе кои се успешни, кои преземаат одговорност, кои го креираат својот пат, луѓе кои успешно изградиле интегритет и со тоа ги инспирираат и другите да станат најдобра верзија од себе.
А дали те копираат? Дали ти крадат содржини?
Да, секако. Не можам да кажам дека не пречи тоа, особено ако е целосно украдена содржина без да се смени ништо, но искуството досега ме научи тоа воопшто да не влијае емотивно на мене.
Напротив, само ми дава огромна мотивација да креирам нови содржини кои ќе бидат пример за останатите.
Што е следно или која ти е целта што си ја постави откако почна да го работиш ова?
Имам една убава идеја која засега не можам да ја откријам. Нека остане изненадување.
Во однос на блиска иднина, од крајот на оваа година почнуваме со поредовни курсеви за различни нивоа, па така ќе има можност што е можно повеќе луѓе да се пријават и да работат со мене.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело