Тина Алексовска по операцијата на отворено срце: „Заради резот на телото, мислев никој веќе нема да ме сака - по 8 месеци го запознав сопругот“

Знаеше ли дека ќе биде на отворено срце? Како изгледаше всушност самата операција? Ти ја објаснија ли постапката претходно?

Откако се отвори кардиохирургија и се направи првата трансплантација на срце од страна на Д-р. Јовев јас следев сè што се случува. Знаев како ќе изгледа мојата операција, дека ќе имам огромен рез на градите, дека ќе ми ги отворат ребрата и дека ќе биде операција на отворено срце.

Гледав дури и видеа. Ме интересираат такви работи, можам да ги гледам без да ми трепне око.

Утрото дојдоа болничарите, ми рекоа да се соблечам и да легнам на креветот што го донесоа. Ги послушав, им мафнав на жените од соба кои тажно ме гледаа, бидејќи од таа соба јас прва се оперирав.

Низ ходникот болничарите пробуваа да ме насмеат. Влеговме во една сала, па во друга, кога ми кажаа: „Овде е мраз да знаеш, овде те оставаме и те чекаме да се разбудиш“.

Но очите, лицето, погледот - додека сум жива ќе им го памтам. Тагата на лицето и лажната насмевка не можеа да ја скријат никако. Тогаш сфатив колку е сериозно.

Пред операцијата се запознав со анестезиологот Дарко и кога ме оставија во студената сала, го видов прво него. Беше со уште некои други на кои не им ги знам имињата - сите фини, насмеани, облечени како космонаути, ме преместија на креветот за операција, ги ставија рефлекторите над мене. Јас сосема гола, со едно чаршафче лежам и молам Бога да се разбудам.

Кога сфатив дека веднаш ќе ме заспијат, почнав да ги молам да дојде Никола, дечкото кој всушност ми помогна и ме спои со Д-р. Јовев. Тој дојде и ме фати за рака.

Ги молев да не ме успиваат веднаш, но тоа е сè - црна длабока кома, ништо не знам, ништо не чувствувам, ништо не ме боли, а ми го оперираат срцето.

tina-aleksovska-imashe-operacija-na-otvoreno-srce-plachev-poradi-rezot-na-teloto-mislev-nikoj-vekje-nema-da-me-saka-po-8-meseci-go-zapoznav-soprugot-22.jpg

После колку време се разбуди по интервенцијата?

На мајка ми ѝ рекле дека ќе се разбудам најдоцна за 3 дена. Жената се замрзнала кога ноќта ѝ заѕвонил телефонот од кардиохирургија и ѝ кажале дека сум будна. Се разбудив истиот ден.

Дежурната во шок-соба низ смеа ми рече: „Каде бе ти, кај ќе одиш што се разбуди веднаш?“

Барав вода: „Дајте ми ве молам, умрев за вода“. Ми ставија газа во устата и спиев до сабајле.

Кога се разбудив утрото слушнав само разни отчукувања од срце, монитори, машини за дишење. Неколку мажи и јас, едно женско заедно во шок-собата. Повторно сите голи, само со едно чаршафче. Ни раце ни нозе не чувствував. Лебдев. Си помислив: „Жива сум или во кома“?

Кога се погледнав, имав неколку црева на мене, за воздух, катетер, 2 дрена во стомакот уште 5-6 кабли во вратот за инфузија и крв, ставени во некоја главна вена и што уште не.

Утрото дојдоа дечки кои ни правеа вежби за да може да седнеме, па да станеме и на крај да одиме.

Дамјан, дечкото кој беше задолжен за мене, ме седна, но не можев да станам. Ми се вртеше во главата и веднаш ме врати во лежечка положба.

tina-aleksovska-imashe-operacija-na-otvoreno-srce-plachev-poradi-rezot-na-teloto-mislev-nikoj-vekje-nema-da-me-saka-po-8-meseci-go-zapoznav-soprugot-15.jpg

Потоа ми дадоа пластично помагало за белите дробови, во кое имаше 4 топчиња. Требаше да го дувам и да ги мрдам топчињата. Бидејќи ми беше отворен градниот кош, сакав да дувнам, но тие не се ни помрднаа.

Дамјан ми рече дека мора до горе да ги кренам.

Само 3 дена бев во шок-соба, ама се заинеатив и успеав да станам, да одам со помош. Бев решена да не лежам таму бидејќи јас никогаш не лежам.

Со дозвола од лекар, замотана со чаршаф како Јулиј Цезар, под рака со Дамјан, излегов од шок-собата и се преместив во мојата нова соба, заедно со сите кабли на мене.

tina-aleksovska-imashe-operacija-na-otvoreno-srce-plachev-poradi-rezot-na-teloto-mislev-nikoj-vekje-nema-da-me-saka-po-8-meseci-go-zapoznav-soprugot-21.jpg

Колку време помина пред да почнеш самата да се движиш, да се облекуваш, бањаш?

Точно 7 дена бев во болница, умирав од досада. Почнав да станувам, да ме сретнуваат во ходник. Ме караа и ми рекоа: „Ајт дома, но ќе доаѓаш на контроли нон-стоп“.

Отидов да живеам кај мајка ми и кај нејзиниот сопруг за да ми помагаат да станувам, да одам и да ме носат на контроли.

Тие живеат на 3-ти кат. Ама, го исклучија лифтот во зградата, па душата ми знае како одев до горе и како одев на контроли. Кога им кажав на докторите дека одам по скали, сакаа да се вратам во болница. Но среќа, мајка ми се расправаше секој ден и го пуштија лифтот во зграда, се сожалија на мене.

tina-aleksovska-imashe-operacija-na-otvoreno-srce-plachev-poradi-rezot-na-teloto-mislev-nikoj-vekje-nema-da-me-saka-po-8-meseci-go-zapoznav-soprugot-20.jpg

Едвај одев, се тетеравев од соба до тоалет, се држев за ѕидот. Пиев апчиња за мокрење - таман ќе легнам ајде пак стани, пак во тоалет.

Ноќе спиев со мајка ми за да ме подбутне по грбот бидејќи строго ми беше забрането поради пресечените ребра да се туркам со рацете или да ме тегнат за раце за да станам. Спиев само на грб.

Првиот ден кога дојдов дома ми рекоа да се истуширам. Тој ден ми беше најтешко кога се погледнав во огледало.

Си реков „Тина ти веќе дечко нема да имаш, кој ќе те сака ваква“? Да кажам и дека бев 3 години сингл, откако раскинав 12-годишна врска. Првпат плачев, рикав на цел глас во тоалетот.

Поминуваа денови, ама тие топчињата што ми ги дадоа за дување, конечно успеав да ги кренам до горе.

tina-aleksovska-imashe-operacija-na-otvoreno-srce-plachev-poradi-rezot-na-teloto-mislev-nikoj-vekje-nema-da-me-saka-po-8-meseci-go-zapoznav-soprugot-26.jpg

А што е со настапите? Ти пееше често во кафулињата низ Скопје/Македонија... Колку време по операцијата се врати на настапите?

Пејачот Боби Павловски ми е добар пријател, па ме викна да одам да отпееме нешто заедно, а беа поминати само 2 месеца од операцијата. Ми рече дека не сака да паѓам во депресија.

Со другарка ми Тања се договоривме да ги излажеме моите дека ќе седнеме на пијачка, ама мајка ми како да знаеше дека ќе одиме кај Боби. Влеговме на свирка, тој ме викна на бина, да ја пееме „Југословенка“.

Му реков дека ќе умрам од страв, не знам дали можам. Тој почна да ја пее, а јас се тресев првпат во мојот живот. Тој ме гушна и почнавме. Ни аплаудираа, луѓето знаеја за мојата операција.

Една девојка стоеше пред мене и ме гледаше подзинато. Кога се спуштив од бината, ми рече: „Ти не оперираше срце пред некој месец?“ „Таа сум“, ѝ реков низ смеа. „Браво бе, како отвори ‘плуќа’?“, па ѝ раскажав како дував топчиња.

Потоа не можев веќе да издржам дома и со колегата Сашо Николовски почнав да пеам 4 месеци по оперцијата, а продолжив со редовни свирки со Дејан Кузмановски.

tina-aleksovska-imashe-operacija-na-otvoreno-srce-plachev-poradi-rezot-na-teloto-mislev-nikoj-vekje-nema-da-me-saka-po-8-meseci-go-zapoznav-soprugot-14.jpg

Имаше ли проблеми на почетокот? Се задишуваше или ти беше полесно да пееш?

Искрено едвај стоев на нозе, а свирките траат по 4-5 часа, играње и пеење, бараат многу енергија.

Но луѓето кога дознаа дека ќе пеам, како со душа да чекаа, веднаш дојдоа да ме изгушкаат и да пееме. И не застанав, пеев цела година.

tina-aleksovska-imashe-operacija-na-otvoreno-srce-plachev-poradi-rezot-na-teloto-mislev-nikoj-vekje-nema-da-me-saka-po-8-meseci-go-zapoznav-soprugot-10.jpg

Продолжува на следната страница...


Би можело да ве интересира:

Д-р Иво Паункоски: „Опериравме срце на 2-месечно бебе, првпат користевме 3Д модел да се подготвиме з... „Бебето е првиот пациент со комплексна вродена срцева мана во Македонија, з...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Тамара Тодевска за врската со Лука: „Внимателен е, грижлив и со многу љубов се однесува кон мене и м... „Лука е непосреден, отворен, забавен, позитивен, сака луѓе и дружење. Многу едно...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...
Благица Зикова, мајката на штипската четворка: „Трошиме по 25 пелени на ден, бебињата се мирни и спи... „Најтешко ми беше кога бев сама и немаше кој да ми помогне, па морав да ги храна...
Миро Кацаров за родниот град: „Старата чаршија во Штип ме научи на 'школо' кое нема цена“ „Роден сум во Штип и растен сум во бивша Југославија, каде сите маалски детски и...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg