Тина Алексовска по операцијата на отворено срце: „Заради резот на телото, мислев никој веќе нема да ме сака - по 8 месеци го запознав сопругот“
- Детали
- недела, 16 јули 2023
„Дојдоа болничарите и ми рекоа да легнам на креветот што го донесоа. Низ ходникот пробуваа да ме насмеат: 'Овде ќе те чекаме да се разбудиш. Но, очите и погледот додека сум жива ќе им ги паметам. Тагата и лажната насмевка не можеа да ги скријат. Лежам и молам Бога да се разбудам. Ги молев и да не ме успиваат веднаш, но тоа е сè - црна длабока кома, ништо не чувствувам, не ме боли, а ми го оперираат срцето“, вели Тина Алексовска за операцијата на отворено срце.
Тина Алексовска (47), која јавноста ја препознава по нејзините музички настапи во кафулињата низ земјава, во октомври 2021 година правеше операција на отворено срце, поради вродена срцева мана.
Ова е една од најтешките операции на срце, а Тина, која доби метален залисток на срцето, операцијата ја издржа јуначки.
Веднаш откако се разбудила во студената шок-соба, решила да стане, да закрепне побрзо и да му се врати на нормалниот живот. Но, не ѝ било воопшто лесно - од секојдневните вежби, преку редовните контроли, стравот дали ќе биде сè во ред - најтешкиот миг, кога во огледало си го видела телото со голем рез на градите, па првпат почнала да плаче на цел глас.
Искрено вели дека кога ја видела раната, прво си помислила дека никој нема да ја сака никогаш. Но, судбината имала друг план за неа, а Тина по 8 месеци го запознала својот иден сопруг.
Тина е родена во Скопје и цел живот живее на Рекорд во Центар. Завршила средно уметничко училиште, отсек керамика. Сакала да биде воено лице, но ја одбиле поради срцевата мана.
Како дете, ѝ било забрането да спортува, но јавала коњи 6 и пол години и се натпреварувала во касачки и галопски трки.
Никогаш не мислела дека ќе пее, а почнала на 22 години, поради облог со татко ѝ.
„Бидејќи моите родители се разведени, за инает на татко ми се обложив со него еден ден додека бевме во кафеана и станав да пеам.
Вистински почнав да се занимавам со музика од 1997 година. Претходно во втора година средно, пред да се растури Југославија, играв хип-хоп, а потоа со групата 'Леон пинк' победивме на првиот Рап фестивал во самостојна Македонија“, ја почна Тина својата приказна за CRNOBELO.com.
Но, освен музиката, најмногу емоции ѝ предивикува операцијата низ која помина и болеста со која научила да живее од дете.
Прочитајте ја нејзината приказна за здравствената битка:
Пред скоро две години правеше операција на отворено срце. Како се чувствуваш денес? Ти се врати ли животот во нормала?
Да, на 22 октомври 2021 година направив операција во Државна болница, на кардиохирургија кај Проф. Д-р Сашко Јовев.
Денес, се чувствувам како никогаш да не сум имала проблем.
Колку често одиш на контрола? Се плашеше ли пред прегледите дека ќе ти кажат дека нешто не е во ред или стравот исчезна со времето?
По операцијата одев многу често на контроли, но сега, бидејќи е сè во ред со срцето и залистокот кој ми го вградија, ми рекоа да доаѓам еднаш годишно или ако не се чувствувам добро, да отидам во кое било време.
На почетокот при секоја контрола ми беше страв.
На првата контрола на кардиологија, една докторка ми рече да одам и да проверам дали имам рак, бидејќи така сум ѝ личела. Потоа разбра дека имав операција на срцето само 10 дена претходно, па ми рече: „Ааа, добро. Но, сепак стои да одиш и да се прегледаш, бидејќи си зелена во лицето“.
По тој преглед се утврди дека имам крварење околу срцето и дека мора итно да најдам апчиња кои ќе ги пијам 1 месец, а ако не ми помогнат, повторно да одам на интервенција. Напишав статус на Фејсбук и добрите луѓе веднаш ми најдоа лекови.
Сепак, на секоја контрола стравувам дека нешто ново ќе излезе.
Ти имаш вродена срцева мана од дете... Па, зошто не се оперираше порано?
Кога сум била дете на мајка ми ѝ кажале дека имам шум на срцето, а потоа и вродено стеснување на главната срцева аорта.
Одев на контроли на секои 6 месеци. Ги поминав сите доктори и болници. Немав болки, само се задишував и ми лупаше срцето, имав многу тахикардии при голем напор.
Бев неухранета за разлика од сега, не можев да се искачам на Водно, а и не смеев.
И конечно најдов доктор кој убаво ми објасни што е мојот проблем.
Ми рече: „Оваа болест се случува кај 70-годишни луѓе. Ти одлично се носиш со оваа ситуација.
Ако се влоши работата, а дојдеш на време, ќе ти стават метален или залисток или залисток од животински материјал. Металниот е за цел живот, а другиот го ставаме на постари луѓе за да може животот да им го продолжиме барем уште 5 години.
Најдобро е со твојот залисток да бидеш до последниот момент“.
И така и се случи.
Кога сфати дека мора да се оперираш? Забележа ли некакви симптоми, нешто да ти пречи?
Кога почна короната, првпат останав без работа. За 8 месеци ослабнав 20kg, пешачев секој ден, се качив пешки до врв на Водно, летав со телото со енергијата и се чувствував среќно - можев сè.
И наеднаш почнав да губам свест. Ниту ми беше лошо, ниту имав болка, само како да ми снемуваше „батерија“.
Бидејќи беше корона никаде не ме примаа на преглед, матичната ми предложи да одам на приватен кардиолог. Кога легнав за ехо на срце тој крена паника, вели мора итно да се оперирам. Јас се смеев, му реков да ги види старите резултати и да ги спореди. Стана уште полошо кога ги виде и тогаш сфатив колку е сериозно.
Седнав во ходникот и почнав да пишувам статус на Фејсбук. Веднаш добив порака од Никола, дечко кого само еднаш го имав сретнато во животот, а работи на кардиохирургија. Ми рече да му ги дадам документите за да ги види Д-р. Сашко Јовев, па да ме побара.
Јас мислев ќе ме бара за некој ден, а тој после 5 минути ми пиша да одам веднаш.
Доктор Јовев ме пречека во ходникот: „Многу си млада ми рече за вакво нешто. Ако и моите лекари го кажат истото, легнуваш на операција, а од вечерва имаш кревет кај нас“.
Бидејќи вечерта пеев, му реков дека ќе дојдам следниот ден.
„Сигурно нема да умрам баш вечерва“, му одговорив, а тој ми кажа дека сама одлучувам за својот живот.
Вечерта пеев и се поздравив со сите, направив корона тест и веднаш влегов на Кардиохирургија. Таму ми направија преглед со контраст т.е ми пуштија боја низ вените да видат да не има запушување, ми направија коронографија – односно со сајла се движеа низ вените до срцето.
Врескав како никогаш дотогаш. Правев и алерго-тест, преглед на забите и уште многу други тестови пред операцијата.
Кога мајка ми ме праша кога сум решила да се оперирам, ѝ одговорив:
„Не решив, цел живот го чекав овој ден“.
Спремна бев, но и како да бев во шок што баш тогаш мора да се случи. Не ми беше страв, се помирив со ситуацијата.
Само ми беше жал за внук ми и за кучето, не сакав да го поминат животот без мене. Ми беше тешко бидејќи внук ми ми рече дека не се поздравивме убаво.
„Будала, зар мислиш дека ќе се спасиш од мене?“, му одговорив.
Лежев, се снимав за Тик-Ток, се глупирав на секој можен начин, се запознав со сите на катот, муабетев со сите, враќав на пораки, пишував статуси на Фејсбук. Ме бодреа сите, ме сакаа, љубов и сила добивав од сите страни.
Бидејќи беше корона, не дозволија да се видам со моите, не се видов со никој пред да влезам во сала. Само утрото на важните луѓе во мојот живот им пратив „Те сакам“. И ме зедоа болничарите.