Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ја завршам кариерата“
Ѝ беше ли тешко на почетокот да се откаже од животот тука, од својата кариерата и да тргне со тебе низ светот?
Почетоците сигурно беа тешки. Мислам дека и таа се двоумеше, и нејзините родители се двоумеа дали да ја пуштат.
Но, мене ми беше потребна нејзината поддршка, затоа што еден професионален спортист кој има амбиција да оди по светот, колку и да е посветен, нема да биде доволно посветен ако нема човек покрај себе.
Таа прифати да дојде со мене и мислам дека не згреши, и мислам дека воопшто не се кае што од двете кариери ја одбравме мојата.
Јас играв во многу добри клубови низ Европа, низ различни држави, живеевме во убави градови, во метрополи, научивме многу јазици, запознавме многу луѓе...
Таа имаше повеќе обврски со децата, зашто јас не смеев да заостанам со моите обврски во професионалната кариера. Но, мислам дека е среќна и задоволна што го одбра тој пат.
Колку ти значеше нејзината поддршка низ сите овие години?
Секако дека ми значи. Успешните спортисти имаат подеми и падови во животот и во кариерата. И секогаш ви е потребен човек, блиски луѓе.
Лесно е да се каже за некој дека е најдобриот и има успешна кариера, но, како се одвивал патот на кариерата, тоа воопшто не е лесно да се одржува.
Старите велат дека е многу полесно да стигнеш на врвот отколку да се одржиш таму.
Можам да кажам дека бев константен во мојата кариера, а голема заслуга за тоа имаат моите најблиски, но најмногу сопругата.
Ти во твојата автобиографија велиш дека Љубица е најверојатно единствената која те видела како плачеш...
Да. Јас не плачам често. Доста сум цврст карактерно, тоа што ќе го зацртам сакам да го остварам и не се откажувам.
Некогаш кога не оди работата, а имало повеќе такви моменти, затоа што не е сè подмачкано во животот, сум знаел да заплачам пред неа.
Но, тоа се стварно многу, многу ретки моменти, кои можеби само таа ги има видено.
Колку сериозни повреди имаше низ годините? Ти се случила ли некоја поради која си помислил дека ќе мора да ја завршиш кариерата пред време?
Сум имал доста повреди, но фала му на Бога, сум имал среќа да ги избегнам сериозните.
Еднаш, додека настапував во Унгарија, ми најдоа нешто на левата нога, некој тромб. Ова го немам кажано ни во автобиографијата – ми рекоа дека треба да завршам со мојата кариера.
Но, направив други подетални испитувања, па се установи дека е погрешна дијагноза.
Мислам дека кога ми кажаа дека ја згрешиле дијагнозата, тоа ми беше еден од најсреќните денови во мојот живот.
Од друга страна, велиш дека еден од најтешките денови ти бил оној кога починал твојот татко - тоа се случи дента кога се играше финалето на Super Globe, а на кое настапи и ти - па победата му ја посвети нему. Дали беше тоа еден од најтешките натпревари што ги играше?
Да, финалето меѓу Атлетико Мадрид и Кил на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариерата.
Ноќта ми се јави брат ми, да ми каже дека татко ми починал. Тој боледуваше, но ни на крај памет дека може да се случи најлошото.
Бев во дилема дали да играм или не, но на крај одлучив да играм покрај сета тага и болка. Добив некоја дополнителна сила, победивме и станавме светски клубски шампиони, а јас вечерта по натпреварот веднаш дојдов во Македонија на неговиот погреб.
Колку те болат негативните коментари на сметка на брат ти, бидејќи низ годините се пишуваше и зборуваше дека го форсираат Филип само затоа што ти е брат?
Јас сум горд на него, за сè што успеа да издржи, сите негативни коментари за него поврзани со мене.
Мислам дека беше многу квалитетен ракометар и даде многу за репрезентацијата на Македонија со неговиот стил на игра.
Не му беше ни малку лесно што ми е брат, затоа што секогаш го поврзуваа со мене. Но, тој покажа и докажа и како играч, и сега како тренер, дека е успешен и дека не го искористија доволно.