Ирена Голомеиќ - инспиративна, урбана, модна дама на која семејството ѝ е на прво место (фото)
- Детали
- среда, 03 мај 2023
„Колку и да звучи клише навистина ништо не е тешко кога го правиш со љубов. Балансот помеѓу моите работни обврски, семејството и хоби активностите е дефинитивно резултат на добрата организација и фокусираност на приоритетите во денот“, вели Ирена Голомеиќ (34) од Скопје за CRNOBELO.com.
Ирена Голомеиќ (34) од Скопје e дипломиран правник и професор, која е дел од семејниот бизнис „Ragusa Group“ но e и инспиративна урбана, модна дама, кoja веќе 13 години е во брак и има 2 ќерки.
Таа го пронаоѓа совршениот баланс помеѓу работните обврски и семејството.
За CRNOBELO.com говори за нејзините навики, секојдневието, модниот стил и патувањата...
„Колку и да звучи клише навистина ништо не е тешко кога го правиш со љубов. Балансот помеѓу моите работни обврски, семејството и хоби активностите е дефинитивно резултат на добрата организација и фокусираност на приоритетите во денот.
Дисциплината ми е наметната од најмали нозе, па можеби затоа секогаш сакам обврските да ги завршувам по зададениот редослед и без одложување.
Честопати, во даден момент, сите знаеме да подлегнеме на моменталниот комфор, но ако имаме јасно зададени цели и живееме свесно, тогаш точно знаеме што ќе одбереме да биде наш приоритет. Време има за сè, треба само јасно зададена цел, план и организација.
По природа сум многу динамична личност, што совршено се поклопува со потребите на мојата работа. Секој ден е различен предизвик, ретки се обврските кои се ритуал, а тоа ме прави особено среќна и исполнета бидејќи сакам промени, новитети и креативност.
Слободното време секогаш е резервирано за мене и моето семејство.
Сакам да читам книги, обожавам да готвам и да експериментирам во кујната, а хоби со најголема пасија ми е вежбањето. Тренирам скоро секој ден, тоа е место и време во кое ја канализирам целата енергија, го изострувам умот и сетилата и сум спремна за сите нови предизвици кои ги носи денот.
Омилен дел од денот ми е времето поминато со моето семејство, заедничките прошетки и патувањата. Двете ќерки веќе ми се како другарки, никогаш не е здодевно со Луци и Лала.