Златица Андоновска: „Го прославив 40-тиот роденден во Аликанте, а ме воодушеви и Бенидорм со облакодерите“
- Детали
- вторник, 02 мај 2023
„Летавме од Софија за Аликанте, бидејќи, за жал, од Скопје нема летови за Шпанија. Бенидорм е многу поскап град за живеење, познат по ноќниот живот и лудите забави, како и по премногу туристи. За Шпанците важи за едно од полуксузните места на Медитеранот и го споредуваат со Монте Карло“, раскажува Златица Андоновска (40) од Скопје за CRNOBELO.com.
Златица Андоновска, дипломиран психолог од Скопје, својот 40-ти роденден го прослави со патување во Шпанија.
Патувањата и авантурите се составен дел од секојдневието на нејзиното семејство, па без разлика дали станува збор за авантури со кајак низ Македонија или за некои подалечни дестинации, тие постојано се во движење.
Овојпат таа ги посети градовите Аликанте, Картагена и Торевиеха.
Златица за CRNOBELO.com ги пренесува искуствата оттаму:
Што ве одведе токму во областа на градот Аликанте и како стигнавте дотаму?
Желбата за истражување нè однесе во Јужна Шпанија на Медитеранот, во делови кои не се доволно познати за нас Македонците.
Летавме од Софија за Аликанте, бидејќи, за жал, од Скопје нема летови за Шпанија.
Имаме пријатели таму кои живеат во местото Орхуела, дел од областа Аликанте и кои откако се преселија таму, прашањето не беше дали, туку кога ќе ги посетиме.
За време на престојот ги посетивме Аликанте, Картагена, Торевиеха…
Зошто Аликанте е уникатно место?
Аликанте е убав приморски град од 350.000 жители со голема градска плажа, одлично организиран град со трамвајски и автобуски превоз, преубава пешачка зона покрај широката песочната плажа, идеална за прошетки покрај морето.
Над градот се надвиснува тврдина од која има преубав поглед.
Старите камени куќи се преполни со разни продавници за сувенири, ресторани и кафулиња.
Иако бевме во јануари, најстудениот период од годината, беше пријатно за прошетка, имаше голема раздвиженост и многу туристи. Бев изненадена од фактот дека животниот век е околу 90 години за разлика од 75 кај нас.
Каков впечаток ти оставија другите градови?
Торевиеха е помал град блиску до местото каде што бевме сместени каде што живееја претежно Шпанци.
Покрај морето има многу ресторани и кафулиња, каде што цената на кафето е како во Скопје, па и поевтино, а погледот кон морето е неверојатен.
Како ја доживеа Шпанија среде зима?
Ние, за жал, го фативме поладниот бран со утринска температура од 3 степени до максимални 18 преку ден, со многу сонце.
Само една седмица претходно температурите се движеле околу 25 степени со дневни забави во баровите на плажа.
Што ти се допадна најмногу во животното темпо на локалците?
Опуштеноста, без стрес во секојдневието, оптимизирање на обврските.
Едноставноста им е главна особина, дека има и утре ден за да се заврши некоја работа.
Аликанте важи за атрактивна летна туристичка дестинација, долови ни ја атмосферата…
Целото крајбрежје околу Аликанте накај Картагена е многу изградено и уште се гради.
Топлата клима и благите зими максимално се користат за одмор.
Освен Шпанците, има и многу Британци, Скандинавци, како и Руси, кои купуваат апартмани за сопствено уживање или за изнајмување на туристи. Најмногу се комплекси од 3-4 згради со 10 апартмани кои имаат заеднички базен и се слободни за користење на жителите.